Дијалог со Драган Христов – дизајнерот на „Лудус“

Драган Христов е роден во Скопје, каде дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на отсекот за италијанистика, подоцна се упатува на студии за ликовна уметност на Ликовната академија во Милано, Италија. Во 2010 година ја основа модната линија „Лудус“ (лудус на латински јазик значи игра, радост, среќа) која што е модна линија за пост родова облека. До денес има изработено над дваесет модни колекции, а бил учесник на повеќе модни ревии, изложби, саеми… Модната линија „Лудус“ естетски е препознатлива по правата и чиста линија на кројот на облеката, фината и нежна текстура на материјалот употребен за изработка на облеката, палетата на неутрални сиви бои кои им даваат сјај, едноставност, но и ведрина на делата. Етички линијата кажува дека алтернативните модни линии не произведуваат повеќе од што се бара, не загадуваат во текот на производството, дизајнерот е директно вклучен во работниот процес. Зборувавме со Драган за неговата нова колекција, безродовата, односно постородовата мода која ја застапува, неговите погледи за светот.

Н.Ш. Денес многумина не размислуваат од каде доаѓа облеката, кој ја произведува, кој ја крои, шие, пегла… Честопати во конзумеризмот крајните потрошувачи се заинтересирани само да купат нова облека и со тоа да пополнат место во својот гардеробер. Како Вие гледате на сето тоа?

Денес постојат два главни тека во модната индустрија во однос на етиката и одговорното производство. Првиот се луксузните корпорации, ланците на брза мода кои за жал со нивното прекумерно забрзано производство и прекумерно искористување на природните ресурси и евтината работна рака во земјите од третиот свет придонесуваат кон целосно уништување на природните ресурси на Земјата.

Наспроти нив се помалите независни брендови, најчесто мали и средни бизниси, кои се посветени на одржлив (еколошки и етички) бизнис модел што поттикнува свесна и одговорна консумација на модата. Секако дека постојат и многу меѓу категории, но според мене сметам дека вториот модел е единствениот што мора  да продолжи да се применува и дека совесната мода е единствениот начин да се заштити веќе уништената природа и да се обезбеди подобра иднина.

Идеалистички, но сметам дека мора да биде единствен, овој пристап кон модата и консумирањето воопшто.

Фотографиите во галеријата се на Лазар Зафировски, локацијата е Музејот на современата уметност во Скопје, вклучени се дела од изложбите „Сè што ни е заедничко“ и „Скопје одново (во прогрес)“.

Н.Ш. Алтернативните дизајнери честопати нагласуваат дека нивните модни линии не загадуваат, преработуваат, произведуваат онолку количини колку што се нарачуваат, односно толку за колку што луѓето имаат потреба. Како сметате дека треба да се развива свеста за потрошувачката на облека во иднина, како да се размислува за облеката на работното место, во домот, тогаш кога човекот ќе сака да изгледа различно?

Сметам дека токму помалите дизајнери, малите модни брендови сѐ повеќе се приклучуваат кон sustainable (еколошкото) производство. Истовремено тие ги едуцираат клиентите за неодложливата потреба за одговорност кон природата, кон работниците и воопшто човештвото. Јас, лично, од неодамна, престанав да купувам облека и купувам исклучиво користена облека, факт што во модните социјални кругови го користам како приказ на моите лични ставови што го изградиле „Лудус“ како бренд. Со тоа сакам да поттикнам повторно употребување на стара облека, поправки на облеки во гардероберот. Во крајна линија целам да дизајнирам парчиња што се внимателно и квалитетно направени што ќе траат со години.

Н.Ш. Естетиката на „Лудус“ дава една сосема поразлична слика за убавото од она што може да се види во продавниците за облека, линијата ја промовира безродовата облека, па оттаму неминовно промовира и различно поимање на родот, сексуалноста, слободата, естетиката и етиката. Какви се Вашите ставови во однос на естетиката на облекувањето, кодовите и правилата на гардеробата?

Естетските кодови на Лудус се лично мои како автор и дизајнер на брендот. Од самиот почеток се придржувам кон минималистичкиот и архитектонски израз, поблизок до визуелните уметности отколку генералниот моден вкус, а во последно време со колекциите „Пост-родовост 1 и 2“ ја разработувам теоријата на пост-родовост и целосното бришење на родовите улоги и стереотипи низ модниот јазик. Сметам дека креирањето на безродова мода дава огромна слобода и простор за експеримент. Највозбудливиот дел е играта на границите меѓу прифатливо и субверзивно во полето на модата и визуелните уметности, па оттаму голем дел од мојата работа е фокусиран на фото сесиите, видео материјалите и соработките со тимот од фотографи, стилисти, асистенти и техничките лица при изработката на колекциите.

Н.Ш. Од историјата на облекувањето и историјата на модата може да забележиме дека последниве декади се наметнува квантитетот, наспроти квалитетот. Тој конзумеризам што пред сè ја загадува животната средина, не е етички спрема текстилните работници и не го исполнува квалитетот. Што мислите, како треба да се размислува, но и постапува за да се промени тоа?

Не знам дали постои едно решение, еден рецепт за промена на свеста на потрошувачите. Проблемот би го лоцирал не само во консументите, туку повеќе во производителите кои се дел од  модниот и западниот финансиски и политички систем, кој одамна е корумпиран и не функционира, освен за милијардерите.

„Лудус“ се обидува да изгради искрен, транспарентен однос и директна комуникација со клиентите, во врска со начинот на производство, употребата на материјалите, нивното потекло, погоните за изработка итн. Довербата што ја имаме изградено низ годините, резултира со успех и постојан раст и моја препорака до сите во креативните индустрии е да го преиспитаат и ако е можно да го променат производниот циклус. Тоа ќе донесе подобра иднина за сите нас.

Н.Ш. Човекот секогаш ќе сака да знае како добро да се изразува, да знае како убаво да изгледа, како да се однесува. Каква естетика на облекување, дотерување, изглед треба да преовлада во иднина?

Многу предвидувачи на модните трендови и футуролози се сложувват во еден аспект, дека иднината несомнено ќе донесе враќање кон традицијата и корените. Традиционалната облека, преработена во нова модерна форма ќе биде дел од секојдневието, а со тоа и враќањето на старите занаети и рачни изработки. Лично сметам дека светот ќе се движи наспроти униформираноста и ќе сака да користи индивидуални, локално произведени текстилни парчиња.

Мислам дека категориите машка и женска облека во иднина целосно нема да постојат, а тоа би било отсликување на промените во рамки на општествените и политичките уредувања во светот во однос рамноправноста, родовите улоги, различностите.

Н.Ш. Мислењето дека секој треба да изгледа убаво е присутно насекаде, но спротивно на ова е тврдењето дека облеката треба да е корисна и полезна, а не само убава. Како да се сузбие непотребната потрошувачка, а истовремено да се зачува убавото? Како треба да се избира облеката?

Облеката мора да се избира внимателно, да не се купува импулсивно и набрзина. Секое одбрано парче треба да биде од квалитетен материјал и беспрекорна изведба. Познатата англиска дизајнерка и активистка Вивиен Вествуд вели „Купувајте помалку, избирајте повеќе, нека работите траат долго“ (анг. „Buy less, choose more, make it last“).

Н.Ш. Имавме можност да го погледнеме видеото снимено во Музејот на современата уметност и морам да признаам дека наликува на некое утопистичко општество од иднината во кое што ќе има правда, слобода и различна естетика. Би Ве замолил да ни отстапите неколку фотографии на кои што нашата публика ќе може подобро да ги погледне делата.

Би сакал да погледнете неколку фотографии од фото сесијата на ревијата „Пост-родовост II“ што најдобро ја преставуваат.