Продолжение на текстот на Џоел Лексчин за функционирањето на фармацевтската индустрија во современиот капитализам. Останатите делови може да ги прочитате на следните линкови:
Дали интелектуалната сопственост е право?
Правото на интелектуална сопственост е клучен фактор за контрола на приходите и профитот во фармацевтските корпорации. Во контекст на современата фармација, примарното право на интелектуална сопственост се патентите врз самите продукти и податоците со кои се здобиваат корпорациите при спроведување на претпазарните клинички испитувања за евалуирање на безбедноста и ефикасноста на нивните продукти. Колку е посилно правото на интелектуална сопственост во една земја, толку подолго корпорациите можат да задржат монопол на нивните продукти, а со тоа и да заработат повеќе пари. Според ова, не треба воопшто да не изненадува тоа што фармацевтската индустрија силно се залага, не само за заштита на ова право, туку и за негово засилување.
Една од најраните манифестации на опседнатоста со правото на интелектуална сопственост е лобирањето од страна на индустријата што водеше кон тоа САД да инсистираат Канада да го демонтира својот режим за задолжителните (компулсорни) лиценци, а за возврат го добија иницијалниот договор за трговија помеѓу САД и Канада во 1987 година, а потоа и договорот за слободна трговија во Северна Америка во 1994 година. Во тој период овие лиценци во целина ги намалувале трошоците за лекови во Канада за некои 15%. (Задолжителната лиценца дозволува генеричкиот производител да го произведува лекот дури иако сѐ уште постои во сила патент за производот)
Во Соединетите држави, последната победа на зајакнатото право на интелектуална сопственост, претставуваат дванаесетте години пазарна ексклузивност за биолошки производи (производи кои се направени од живи клетки). Овие дванаесет години се состојат од четири години во кои се заштитени податоците и додатни осум години за ексклузивна употреба на биолошките продукти. Ова значи дека Управата за храна и лекови нема да одобри “биосличен” производ, односно еквивалент на генеричкиот производ во тој период од осум години. На некој начин, заштитата на податоците може да биде дури и поважна за корпорациите отколку патентите, затоа што заштитата на податоците не може да се успори во судскиот систем на истиот начин како што можат патентите. Иако биолошките производи претставуваат помалку од 1% од рецептите напишани во САД, тие се одговорни за 28% од потрошувачката на лековите, а таа бројка само ќе се зголемува во иднина. На пример, “Cereyme”, што се користи во третманот за ретката наследна болест предизвикана од ензимски дефицит, Гошева болест, чини 200.000 американски долари годишно по пациент.
На интернационално ниво, владата на САД со силна поддршка од фармацевтската индустрија, инсистираше да се осигура дека механизмот за решавање спорови помеѓу инвеститорите и државите ќе биде вклучен во интернационалните договори за трговија. Ова им овозможува на корпорациите да ги тужат владите. Бидејќи канадските судови ги поништиле патентите на два лека од Eli Lilly, тие преку договорот од 1994, ја искористиле можноста што ја овозможува овој механизам за решавање спорови за да побараат 500 милиони американски долари од канадската влада. Иако во развиените земји овие надомести во договорите за трговија, што произлегуваат од правото на интелектуална сопственост, имаат значително влијание врз достапноста на лековите преку предизвикување застој во процесот, преку кој генеричките лекови стигнуваат до пазарот и последиците во земјите во развој се далеку повознемирувачки. На пример, според сегашните закони за патенти, 68% од ХИВ популацијата во Виетнам добива антиретровирални лекови, но поради неуспешното Танс-Пацифичко партнерство, таа бројка би паднала на околу 30%.
Фармацевтската индустрија има повеќе од тридекадна историја на успешно лобирање за посилно право на интелектуална сопственост, почнувајќи со уругвајскиот круг за трговски разговори што на крај резултираше со создавање на Светската трговска организација. “Pfizer” и неговиот тогашен извршен директор, Едмунд Прат, играа клучна улога во убедувањето на американската влада да го направи правото на интелектуална сопственост главно прашање на овие разговори. Исход од ова беше договорот за правото на интелектуална сопственост од аспекти поврзани со трговијата во 1994, што бара задолжителни и униформни стандарди за патенти од сите земји членки на Светската трговска организација. Ова всушност значи дваесетгодишни патенти за фармацевтски производи и ограничување на користењето на погоре споменатите задолжителни лиценци, како алатка за забрзување на процесот за појавата на генерички производи. Целта на фармацевтската индустрија беше сите држави да го присвојат истото право за интелектуална сопственост како тоа во САД, без разлика на степенот на развиеност на земјите и нивната способност за достава на терапија со лекови со разумни цени за нивните граѓани. Многу од развиените земји се до 1970те години или покасно, односно додека нивниот БДП по глава на жител не достигна десетици илјади долари, ја немаа прифатено во целост заштитата на фармацевтските производи со патенти. Договорот за правото на интелектуална сопственост бараше од земјите во развој со значително помал БДП, да имаат еднакви стандарди.
Како резултат на зајакнувањето на ова право, до 2000 година, многу од земјите во развој беа соочени со ситуација во која цените на тројната терапија за ХИВ беше повисока од 10.000 долари на годишно ниво по лице, додека пак можноста за пристап на генеричките лекови кои имаат пониски цени се очекуваше да исчезне во блиската иднина. Соочени со зголемените цени на лекови од една страна, а зголемен број на лица инфицирани со ХИВ од друга, јужноафриканската влада во доцните деведесетти години од минатиот век изгласа закон кој дозволуваше замена на патентираните лекови со генерички, како и дозвола за внес на нефалсификувани и патентирани лекови од друга земја без дозвола од сопствениците на правото на интелектуална сопственост. Како одговор на ова, во периодот од 1998 година, 38 мултинационални фармацевтски компании, со поддршка од владата на САД и Европската комисија ја тужеа владата на Јужна Африка под изговор дека легислативата го нарушила и договорот за право на интелектуална сопственост од 1994 и уставот на земјата. Но на крајот, поради широко распространетата јавна опозиција, американската влада ја повлече поддршката за овој судски случај, а без поддршката на САД корпорациите ги повлекоја тужбите.
Од тогаш, САД и ЕУ го користат погоре споменатиот договор како минимум за прифатливи стандарди за правото на интелектуална сопственост и пробуваат да ја покренат својата сила со секој успешен договор преку воведување на понови и построги одредби. Некои од резултатите можат да се воочат, од една страна преку продолжување на патентите (патентите може да се продолжат повеќе од 20 години), а од друга страна со елиминација на приговорите на истите, пред да се одобрат. Како примерот со лековите за ХИВ во Виетнам, овие политики доведуваат намален пристап до лекови со рецепт.
Тајланд е само еден од многуте примери за тоа како индустријата го користи ова право за да ги злоупотребува земјите во развој. Поради големите цени на Лопинавир/Ритонавир за ХИВ, а воедно и нивната неопходност, Тајланд побара компулсорна лиценца за оваа комбинација од лекови. Европскиот комесар за трговија му напиша на тајландскиот министер за трговија со цел да се пожали за овој потег. “Abbott” , производителот на комбинацијата Лопинавир/Ритонавир, одговори на ова со повлекување на сите нови апликации за лекови од тајландската Администрација за храна и лекови, вклучувајќи ја и високо потребната комбинација Лопинавир/Ритонавир.
Кога генерички лекови се создаваат преку компулсорни лиценци, брендираните корпорации брзо ја осудуваат оваа мерка. Маријн Декерс, извршен директор на “Bayer”, се осврна на ова како “суштинска кражба”, иако е целосно легално во склоп на договорот за правото на интелектуална сопственост. Додатно, кога Декерс зборуваше за новиот лек од неговата компанија, Sovaldi за лекување хепатит Ц, тој искоментира: “Да бидеме искрени, ние не го развивме овој продукт за Индискиот пазар. Ние го развивме овој лек за западните пациенти кои можат да си го дозволат.”
Превод: Симона Наумоска