(Овен Џонс) Пазарната економија ги доведе универзитетите до криза, а цената ја плаќаме сите ние

Покачувањето на школарината ќе предизвика нова златно доба за англиските универзитети, или барем така не убедуваа. Тие ќе станат финансиски одржливи, компетитивни, ослободени од загушувачката бирократија и респонзивни кон потребите на студентите. Сепак, скоро една декада подоцна, високото образование е во криза.

Школарината го заокружи фронталниот напад врз животниот стандард на една генерација погодена од станбената криза, стагнацијата на платите и уништените јавни услуги. Со скоро 83% од студентскиот долг однапред предвиден никогаш да не се исплати во целост, ветувањата за финансиска одржливост претставуваат бесмислица.
Препознавајќи дека универзитетското образование претставува социјално добро, и двајцата предводници во трката за лабуристичкото раководство се обврзаа да ја задржат тотемската посветеност на партијата за укинување на овој казнен напад врз аспирацијата. Но проблемот продира многу, многу подлабоко – и носи силни последици по иднината на нашето општество

Овој месец, вработените во универзитетите ќе започнат штрајкувачка акција на 74 универзитети: нивната листа со поплаки е навистина долга, и се движи од пензиите, преку платата, па се до обемот на работата. Академската работа можеби беше најтипичното занимање на средната класа, наградено со статус, сигурност и високи плати. Но сега академците се преобразија во типичен пример за опаѓањето на средната класа во насока на заменливата, прекаријарна, преуморена работна сила. Според Универзитетскиот и факултетскиот синдикат, платата на универзитетските работници се намалила за 20% во текот на минатата декада. Во Лондон – еден од најскапите градови во светот – ова намалување беше дури и поголемо. Седум од десет истражувачи во високото образование се заглавени со несигурноста на договорите на дело, додека 30% од предавањата во многу институции се спроведувани од таканаречените нетипични академици, кои се третираат како работници на повик и се плаќаат по час.

Оваа несигурност има огромни последици врз правењето финансиски планови, долгорочни семејни одлуки, купувањето дом, плаќањето на кирија и сметки, но и врз менталното здравје. Исто така, постои и друга димензија, несигурноста го проширува веќе големиот јаз во платите кој на свој грб го носат жените и вработените кои се од црнечко или некое друго малцинство. Покрај тоа што платите се намалуваат, обемот на работата се зголемува:  во 2016, 83% од академиците пријавиле зголемување на темпото или интензитетот на работата, па така просечниот вработен во неделата има  51 работни часа.

Целиот модел е базиран врз приморувањето на универзитетите да се натпреваруваат меѓусебе и следствено логиката на пазарната економија ова создаде победници и губитници. Конзервативната – либерално – демократска влада го отстрани и ограничувањето на бројот на студенти, охрабрувајќи ги институциите меѓусебно да се натпреваруваат за апликанти: но бројот на примени студенти се зголемуваше многу побрзо отколку бројот на вработените, неизбежно намалувајќи го квалитетот на образованието.

Универзитетите трошат огромни суми на рекламирање, од билборди до реклами на автобуси – на пример Универзитетот на централен Ленкшир и Западниот англиски универзитет фрлија по 3.4 милиони фунти поединечно на рекламирање во 2017-18. Дополнително тие инвестираат огромни суми на привлечни згради за кои се надеваат дека ќе ги привлечат студентите во отворените универзитетски денови: површни дотатоци кои се далеку од паметно трошење со оглед на ограничените ресурси. Однесувајќи се како корпоративни титани, универзитетите од групата Расел користат ресурси за агресивно да се прошират и да ги придобијат студентите од универзитетите со среден квалитет, и тоа често со понуди кои се безусловно првокласни.  „Ајде да ги примиме овие студенти за да ни се исплатат седиштата“ како што поедностави Натали Фентон, професор на Голдсмитс универзитетот во Лондон. „Ова комплетно ја притисна средната група на институции кои себе си се најдоа во криза, па така тие тргнаа да регрутираат од институциите под нив по редослед и целиот систем почна да се распаѓа.“ Сега скоро четвртина од англиските универзитети се во дефицит: толку од финансиската одржливост.

Системот ги преобрази студентите во потрошувачи кои купуваат вредност за пари: ако се оптоварени со долг, тогаш разбирливо тие очекуваат образование кои ќе им ги отвори вратите за високо платени професии. Но, студентската експанзија во високото образование не е истовремено придружена со зголемување на добро платените, квалификувани работни места, а ова создава темпирана бомба на разочарување и незадоволство. Сепак, студентското задоволство е поврзано со тоа колку им се високи оценките на самите студенти – со оглед на тоа што студентското задоволство помага во рангирањето на универзитетите тоа ги стимулира универзитетите да пишуваат високи оцени. Инфлацијата на оценките е навистина забележителна: при воведувањето на школарината бројот на првокласни оцени скокна за 80%. Ова значи дека студентите генерално знаат дека можат да вложат помал напор, а ова неизбежно води кон помалку способна работна сила. Дали е ова добро за општеството или за економијата?

Постои уште една перверзна последица на маркетизацијата: со тоа што студентите оптеретени со долг се стремат кон дипломи кои мислат дека ќе го максимализираат нивниот заработувачки потенцијал, многу витални области страдаат. Универзитетот на Сандерленд ги намалува програмите по историја, политика и странски јазици, изразувајќи желба за кариерно фокусиран и професионално насочен пристап.

„Знаеме дека предметите се популаризираат во циклуси“, вели професор Фентон, „постојат некои програми кои сега не се во тренд, па се носи одлука дека тие се економски неодржливи, и на крај завршувате со универзитети без одделенија за политика или историја.“ Овој процес е охрабрен од поширокиот притисок да се промовираат Стем предметите во училиштата – наука, технологија, инженерство и математика – честопати на штета на креативните уметности.

Ни беше ветено дека студентскиот стандард ќе се подобри, сепак просечната цена на студентското сместување се покачи за една третина помеѓу 2012 и 2018. Оставајќи ги студентите да се борат со финансиски стрес и да бидат значително зависни од нископлатени работи за да преживеат, неизбежно штетејќи си на сопствените студии. Каков хаос: банкротирани студенти, оптеретени со грижи за долгови од десетици илјади фунти и со тоа дали постои доброплатена работа која ги чека, подучувани од преуморени, неплатени, прекаријатни работници.

Просперитетен високо образовен сектор е клучен за економијата и културата на една нација. Ова е веќе препознаено од други држави, како на пример Германија, која ги укина школарините за додипломци во јавните универзитети во 2014. Сведувањето на универзитетското образование на подвижна лента за тесен спектар на професии е ужасна грешка за која сите ние ќе платиме. Универзитетот треба да ги засили имагинацијата и креативноста, и во тој процес да го збогати општеството. Кога  вработените во универзитетите ќе штрајкуваат, тие ќе ги напуштат нивните предавални и бироа за далеку поголема кауза отколку нивните сопствени оправдани поплаки. Тоа е битка што ќе помогне да се утврди не само иднината на нашите загрозени универзитети, туку и на нашето општество и култура со неа.

 

Превод: Стефан Видиков

Оригиналната статија може да ја прочитате овде.

|2020-02-26T13:54:15+00:0026 февруари 2020|Актуелно, Економија, Кампања, Свет|