Минатата недела во ректоратот на универзитетот св. Кирил и Методиј се одржа изборот за претседател на Универзитетското студентско собрание. За прв претседател беше избран студентот Борјан Ефтимов. Со неговиот избор конечно се конституира новото студентско тело.
Борбата за легитимно студентско тело започна пред 12 години, кога во 2008 година, група студенти од универзитетот св. Кирил и Методиј организираа серија на трибини на тема перспективи за студентско движење. Главната цел на овие собири беше испитување на можноста за организирање на студентско движење во Македонија кое ќе ги реши проблемите на студентите, а потем и ќе влијае кон промени во општеството. На овие собири беше истакнат транспарент со многу индикативен натпис: „Да бидеме реални, да го бараме невозможното!“. Овој повик, на француски „Soyez réalistes, demandez l’impossible“, покрај тоа што беше еден од главните слогани на мајските париски протести во 1968, во нашиот контекст артикулираше една базична вистина – дека студентите се тие кои треба да го остварат невозможното, односно дека решението на нивните проблеми лежи во самите нив.
Некоја година подоцна се формираше и студентската организација Слободен индекс. Главните барања на оваа организација беа целосно бесплатно високо образование, студентско самоорганизирање, автономија на универзитетите и еманципаторен образовен систем. Нивното функционирање го одбележаа неколку организирани трибини, протести, кампањи и други активности. Оваа организација во голема мера допринесе кон артикулирањето на потребата од легитимно студентско организирање.
По Слободен индекс се појави движењето Студентски пленум. Ова движење се залагаше пред сѐ за одбрана на универзитетската автономија, но ги артикулираше и останатите студентски проблеми, а голем акцент стави на потребата од легитимна студентска организација. Неговото дејствување резултираше со изготвување и носење на нов Закон за високо образование преку кој самоорганизираното студентско тело стана можно.
Според горенаведеното може да се увиди дека конституирањето на Универзитетското студентско собрание што се случи минатата недела ја одбележа децениската борба на прогресивните студенти за своја легитимна студентска организација. По тој повод ви го пренесуваме интервјуто што Гласник го направи со првиот претседател на Универзитетското студентско собрание Борјан Ефтимов:
Г: Што е она што го карактеризира новото студентско собрание?
Б.Е.: Ова е организација која влече корен од најраните борби за автономија на универзитетот, за демократско студентско организирање, за квалитетно државно образование ослободено од притисоците на економската и политичката моќ. Тоа е она што го дава нејзиниот карактер. Она што на некој начин ја обликува. Со други зборови ова е организација која длабоко во својата свест поседува знаење за макотрпниот пат на студентите на УКИМ да дојдат до легитимно студентско претставничко тело.
Г: Положбата на Универзитетското студентско собрание и твојата како негов претседател ти овозможува простор за големо влијание. Како ти ќе го употребиш своето влијание? Кои вредности сметаш дека треба да се промовираат помеѓу студентите?
Б.Е.: Солидарност, одговорност и создавање на услови за универзален студентски идентитет. Токму во ова лежи потенцијалната моќ на студентите. Кога ќе имаме студенти кои се солидарно здружени (независно од етничкиот, родовиот, сексуалниот идентитет) во борбата за своите права и студенти кои ќе бидат одговорни во однос на своите заложби, тогаш ќе ја имаме вистинската шанса да го промениме универзитетот, студентскиот стандард , а со тоа и севкупното високо образование во државата. Доколку како генерација успееме да ги оствариме овие вредности ние веќе сме постигнале многу.
Г.: Претходните студентски претставнички тела беа секогаш сервилни кон центрите на моќ (владеачките партии, ректоратот, деканатите и тн.). Дали заложбата за погоре наведените вредности и цели ќе се искомпромитира при притисокот од моќта?
Б.Е.: Не! Бидејќи овие вредности и цели не го изразуваат само непосредниот интерес на студентите туку и интересот на самиот универзитет и се поклопуваат со генералниот интерес на општеството. Со други зборови ова значи дека нашите барања се истовремено барања за подобар универзитет, подобро образование и во крајна смисла подобро општество. Токму во ова, ние како студенти, треба да ја препознаеме нашата историска улога, дека со остварувањето на нашите барања истовремено придонесуваме и кон општото добро. Во таа насока ние принципиелно ќе настојуваме да ги убедиме надлежните дека спроведувањето на нашите барања е од универзален интерес за општеството, а со тоа и за институциите кои ги претставуваат.
Г: Од аспрактното да преминеме на конкретното. Кои се вашите барања?
Б.Е.: Прво, создавање на автономен универзитет кој ќе продуцира вистинско знаење и второ, создавање на услови за повисок животен стандард за студентите.
Г: Како ќе го постигнете ова?
Б.Е.: Прва работа која сакаме да ја направиме е да го унапредиме статусот на студентот во образовниот процес. Ова ќе го постигнеме со вклучување на студентите во носењето одлуки за универзиитетот, во креирањето и оценувањето на наставните програми, со вклучување на студентите во научно истражувачката работа на универзитетот и создавање на можност за самостојна студентска научно-истражувачка дејсност. Дополнително статусот на студентот ќе го подигнеме и со отварање на студентски културен центар под целосна контрола на студентите, во кој студентите ќе го создадат својот културен идентитет. Покрај ова голем прилог кон статусот на студентот ќе има и создавањето на студентски медиум преку кој студентите ќе можат да ги комуницираат своите идеи, проекти, творби и актвности, но кој истовремено ќе претставува и платформа преку која студентите ќе може да ја артикулираат својата критика.
Втора работа која ќе ја направиме е тоа што ќе ги употребиме сите расположливи механизми за вршење на притисок врз надлежните институции во насока на зголемување на финансиите кои државата ги издвојува за образованието воопшто, особено за високото образование и за научно истражувачката дејност. Зголемените финансии ќе придонесат кон тоа универзитетот да изгради современа образовна инфраструктура, односно современи читални, лаборатории, амфитеатри, релевантна литература и пристојни плати за образован професорски кадар.
Трета работа која ќе ја направиме е подобрување на комуникацијата помеѓу студентите и универзитетот преку отстранување на бирократските лавиринти и скриените трошоци, а ќе направиме и целосна дигитализација на административните услуги на универзитетот.
Ако успееме во горенаведените цели студентите ќе ја препознаат својата улуга во универзитетот и со тоа на местото на моменталната аверзија која постои ќе почне да се создава чувство на припадност во академската заедница, а со тоа и прифаќање на универзитетот како нешто свое.
Г.: Дали сметаш дека е потребно и воедно дали постои простор за интегрирање на студентската борба со некои проблеми што го засегаат целото општество?
Б.Е.: Да. Сметам дека постојат крупни проблеми кои ги засегаат сите граѓани. Такви се проблемите со уништувањето на животната средина, општествената нееднаквост, невработеноста и недостатокот на правда. Студентите не смеат да останат изолирани од овие проблеми. Ние треба да направиме сѐ што можеме за нивно решавање. Пред сѐ треба да понудиме знаење (организирање конференции, трибини, пишување критики), а потоа и поддршка на иницијативите кои се борат за решавање на овие проблеми. На крајот од денот студентите на некој начин го претставуваат идното општество, па оттука тие се најповикани да го одбранат од проблемите кои ја уништуваат иднината.
Г.: Во минатото студентските претставници уживаа олимписка дистанца од студентите. Затворени во своите канцеларии, тие беа целосно недостапни за комуникација и соработка. На кои начини студентите ќе можат да комуницираат и соработуваат со вас?
Б.Е.: Собранието целосно ќе биде отворено кон студентите. Ќе воспоставиме повеќе механизми преку кои студентите ќе можат да се обратат до собранието: канцелариите ќе бидат отворени секој ден од 08:00 до 16:00 часот, ќе биде направена веб-страна каде што студентите од една страна ќе можат да се информираат за работата и активностите на УСС, а од друга страна ќе можат да ги артикулираат своите мислења, барања и критики кон истото. Покрај ова редовно ќе бидат организирани јавни настани на сите факултети во насока на непосредно консултирање со самите студенти. Освен непосредната комуникација со универзитетското собрание, студентите ќе можат да комуницираат со факултетските студентски собранија на своите факултети, кои се исто така обврзани да реагираат по однос на нивните барања.
Г.: Дали има нешто што би сакал да додадеш во ова интервју по повод твоето назначување за претседател на УСС?
Б.Е.: Ги повикувам сите студенти да се вклучат во работата и активностите на универзитетското студентско собрание. Нашите барања се заеднички барања и можат да бидат реализирани единствено доколку сите се вклучат во нивното остварување. За крај би сакал да истакнам дека својата улога не ја гледам како претседател кој ќе дава наредби на студентите, туку единствено како некој кој го организира спроведувањето на нивните барања.
Интервјуто го спроведе: Стефан Видиков