БИТОЛА, 06. 12. 2019 – Во сабота, 7 декември, во 18 часот во „Порта Џез“ во Битола ќе се одржи промоција на книгата на Џејсон Хикел „Поделба: краток вовед во глобалната нееднаквост и нејзиното решавање“. Книгата е од 2017 година, а неодамна е издадена на македонски јазик од страна на издавачката куќа „Аз-буки“.
Зошто богатите земји се богати, а сиромашните – сиромашни? Дали поради корупцијата која ја нема кај првите, а ја има кај вторите? Или поради некоја друга причина?
Дали сиромаштијата е природна појава, која може само да биде ублажена, или политички проблем, кој може да биде надминат?
Дали богатите земји им помагаат на сиромашните да се развијат преку финансиската помош што им ја даваат или правилата на меѓународната економија се така утврдени што доаѓа до огромно цедење на богатството од неразвиените земји што завршува во џебовите на мал круг луѓе во развиените земји?
Зошто климатската криза е ургентен проблем, кој ако не се адресира, ќе предизвика огромна социјална неправда на глобално ниво?
„Поделбата“ на Хикел не нуди само најнови податоци во врска со темите кои ги обработува. Таа изобилува со длабоки и радикални согледувања кои можат да разнишаат многу догми на доминантниот начин на размислување на кој сме навикнати во Македонија. И во неа авторот не ламентира, туку посочува на можностите кои се отворени пред нас, можности кои, ако се искористат, можат да значат огромен чекор напред.
Во книгата посветена на презрените на светот, авторот нагласува: „Во едно од најстрашните времиња од нашата историја, со нееднаквоста во рекордни крајности, со подемот на демагозите и со климата на нашата планета што почнува да се одмаздува на индустриската цивилизација, нас ни треба надеж повеќе од кога било. Само преку разбирање зошто светот е таков каков што е може да дојдеме до вистински, успешни решенија и да го замислиме нашиот пат во иднината. Она што е сигурно е дека во случај да ги решиме големите проблеми на глобалната сиромаштија и нееднаквост, на гладот и на колапсот на животната средина, светот на утрешницата ќе изгледа многу поинаку од светот на денешницата.“