Во предлог буџетот за следната година власта одвои најмногу пари досега за екологија. Речиси 1,5 милијарди денари (23,8 милиони евра). Зголемувањето во однос на минатата година изнесува околу 300 милиони (4,9 милиони евра). Дали тоа значи дека власта конечно одвои посериозна сума пари за решавање на горливите еколошки проблеми во нашата земја? Не.
Зголемувањето на буџетските средства за заштита на животната средина во голема мера се должи на тоа што станува збор за рекордно најголем државен буџет. За да видиме дали навистина има исчекор во поглед на одвојувањето финансиски средства за екологија, потребно е да фрлиме поглед на процентот на буџетски средства. И таму има зголемување. Но тоа зголемување е минорно, од 0,51 на 0,61%. Далеку од некој посериозен исчекор. А ако споредиме со претходните години, ќе видиме дека ваквото издвојување не е ништо посебно. Во три години (2009, 2010 и 2012) се издвојувал нешто повисок процент буџетски средства од она што се планира за 2020 година, а во 2014 година процентот бил ист со она што се планира за следната година.
Буџетски средства за заштита на животната средина 2009-2020
Извор: Министерство за финансии
Без разлика дали зборуваме за 0,60 или 0,70%, за 1,5 милијарди денари па дури и за 2 милијарди денари, тоа е едноставно премалку. Колку премалку? Еве колку. Последните податоци (за 2017 година) кажуваат дека граѓаните ѝ платиле на државата, по основ на даноци за животна средина 11,4 милијарди денари (186 милиони евра). Значи, граѓаните ѝ дале на државата за екологија околу 7 и пол пати (750%!) повеќе пари за екологија од она што таа предвидува да потроши по тој основ! При тоа, имајте предвид дека овој износ ќе биде поголем во 2019 отколку што беше во 2017 година.
Како тоа, граѓаните постојано реагираат дека загадувањето е еден од најгорливите проблеми со кој секојдневно се соочуваат, властодршците (на зборови) се согласуваат со нив, а при тоа за екологија се одвојуваат далеку помалку средства од она што граѓаните ѝ плаќаат на државата преку еколошки даноци? Ако се воведени еколошки даноци, за што треба да одат тие пари? За бонуси на $ЈО? Или можеби за екстрабонуси на $ЈО?!
Во контекст на тоа што Македонија е потписничка на Парискиот договор за климатските промени, во контекст на тоа што ние секојдневно се соочуваме со горливи еколошки проблеми, од буџетот треба да се одвојуваат повеќе, а не помалку средства од она што се прибираат по основ на еколошки даноци! Празен пи-ар е зголемувањето на буџетските средства за екологија од 0,5 на 0,6%. Тоа треба да биде зголемено на минимум 6,2% од буџетските средства, минимум 186 милиони евра наместо 24 милиони. Зашто толку праќаат граѓаните даноци за екологија. И, се разбира, тие средства треба паметно да се искористат.
Автор: Здравко Савески