Првиот ефект на бруталното “non” на Емануел Макрон се чувствува преку ден на улиците, каде граѓаните тивко го споделуваат меѓу себе стравот и несигурноста по студениот туш што го добивме од Европската Унија. Навечер, оваа дискусија добива на интензитет во кафаните, каде со ракија и мезе одново се крои геополитичката ориентација на државата.
“Европа не предаде”. “Го сменивме името за нив, а тие вака ни вратија”. Вака звучат најчестите коментари на темата. За обичниот граѓанин единственото решение за затворениот круг на политичката корупција и некомпетентност доаѓа надвор од Македонија. Поради тоа и толкава маса народ веќе замина натаму. За тие што останаа, отворањето на преговорите со ЕУ претставуваше сламка на спасот. Што сега? Како понатаму?
За десницата, ова е совршен момент за враќање на маса на неостварениот сон за православен сојуз со Русија. Овојпат, многумина ќе ја поддржат идејата, ако ништо друго, поради огорченоста од предавството на “вавилонската курва”. Што ако Русија е сиромашна диктатура? Битно е голема и има многу тенкови. Друга алтернатива и онака не постои.
Во нашите глави, ние немаме алтернатива освен да му се прикачиме на некој поголем играч, затоа што сами сме неспособни да направиме било каква позитивна промена. Првиот доказ за тоа е што златното доба го живеевме како слепото црево на Југословенската федерација. Вториот е што по распадот на токму таа федерација, три децении не можеме да застанеме на нозе, додека политичките елити кои самите ги бираме ја силуваат државата.
Дефетистичкиот став “не постои друга алтернатива” ни е вграден во менталната матрица. Алтернатива секогаш постои, но овој пат таа мора да биде алтернатива на матрицата, која не само што произлегува од тие елити, туку и континуирано ги произведува истите во бескрајна спирала на мизеријата.
Алтернативата за Македонија, денеска е Рожава. Ако ова звучи бесмислено, ова е моментот да престанете да го читате овој текст. Ако сепак сакате да излезете од затворениот круг на корупција и некомпетентност, продолжете понатаму.
Најпрвин, неверојатно е колку слична судбина делиме со курдскиот политички ентитет во северна Сирија наречен Рожава. На страна несреќното совпаѓање со нашето насилно сменето име, исто како и ние, ова е народ кој со децении, па и векови, служи како монета за поткусурување на интересите на неговите соседи. Народ кој секогаш бил на вистинската страна на историјата, и наместо да биде награден за тоа, секогаш бил жртва на опресија. Слично како и нам, правото на самоопределување на Курдите секогаш им било историски ускратувано.
Но најсимптоматичната паралела извира од бесрамниот акт на Доналд Трамп, кој ги остави неговите сојузници на цедило, иако претходно им даде уверувања дека САД ќе ги заштитат од турската агресија и ќе помогнат во основањето на курдска држава, под услов Курдите да им помогнат во борбата против Исламската држава. Големите сили ги прекршуваат дадените ветувања, оставајќи ги слабите кај кои е правдата на ѓубриштето на историјата. Звучи познато?
Меѓутоа, постои еден клучен аспект поради кој Реџеп Ердоган посакува да ја уништи Рожава, а кој нема врска со турско-курдското ривалство. Тој е политичкото уредување на овој ентитет кој претставува револуционерен модел на едно општество, и можеби единствен на планетата во кој владее автентична демократија. И поради самото тоа, претставува закана не само за турската држава, туку целиот меѓународен поредок.
Системот на Рожава е базиран на теориите на муниципализам и социјална екологија на Мареј Букчин, во кои хиерархиската доминација присутна во сите други општества е целосно исфрлена од употреба. Со ваквата неприродна поставеност, која е рецепт за нееднаквост, злоупотреба на моќта и експлоатација на народите и нивната животна средина, Курдите од Рожава се справуваат на едноставен начин: укинување на централната власт.
Преку децентрализацијата низ мултиетнички локални асемблеи, во кои сите граѓани непосредно учествуваат во носењето на одлуки во нивната заедница, Рожава ги зацврсти блиските врски меѓу отуѓените соседи кои делат ист физички простор и реални проблеми. Ваквиот концепт ја промовира половата еднаквост и грижата за природата, истовремено директно оневозможувајќи ја концентрацијата на политички и материјален капитал. Со тоа, колективните идентитети на урбаните и руралните средини од Рожава добија шанса да се кристализираат, истовремено избегнувајќи антагонистички однос со опкружувањето, затоа што наместо крвно-племенски поделби, имаат единствено инсентив за соработка.
Оваа радикална, но веќе испробана визија не само што ја разобличува деструктивната нечовечност на неолиберализмот, туку и ги компензира недостатоците на социјалистичките проекти, во кои централизацијата на моќта и бирократијата ја уништуваат идејата за егалитарно општество. Муниципализмот и социјалната екологија на Рожава го еродираат гломазниот државен апарат и ја елиминираат потребата од политички лидери, бришејќи ја границата меѓу политиката и граѓанското општество. Исходот на ова се креативни, витални и автономни капацитети за самовладеење, наместо фрустрација да се биде владеен од некој друг, некаде далеку.
Дури и Ердоган да ја збрише Рожава, куршумите на неговата армија не можат да ја уништат идејата на Курдите. Нивната идеја има потенцијал да ја трансформира одбивната политика од кариера во колективен организам кој го сочинуваат сите, кој обединува и кој ги прави беспредметни конфликтите наметнати од вештачките национални интереси. Таквиот пристап не артикулира залуден пркос кон глобализацијата, туку го амортизира истиот преку локален патриотизам, во хармонија со глобалната динамика.
Дефиницијата на лудило е повторување на истата практика и очекување на различен резултат. На Македонија и е потребно целосно превртување на политичката реалност наопаку, по теркот на Рожава. Тоа значи напуштање на монолитните национални партии, про форма изборите, и парламентот кој е целосно отсечен од народот. Само на тој начин ќе можеме да ја пребродиме трагедијата од корпата на Макрон и да ја перцепираме како тоа што навистина е: можност за нов почеток, низ кој ќе раскрстиме со оваа сизифова политика.
Оттаму, наместо да се прикачува на ЕУ, Русија, Југославија или било кој друг поголем брат како deus ex machina на просперитетот, мораме најпрвин да се соочиме со смртта на претставничката демократија. Почетокот на тоа соочување е актуелниот институционален бојкот, а логичниот крај длабоката локализација на политиката, во која моќта ќе биде рамномерно дистрибуирана меѓу граѓаните, како активни политички битија.
Индикации за таков развој веќе се манифестираат преку движењата против рудниците на смртта на Југоистокот, или битолската советничка група #Поинаку. Политичкиот диносаурус наречен Европска Унија мора да еволуира пред да може да не прими, како што впрочем ни соопшти Макрон. Каква поетска правда би било ние да ја инспирираме таа еволуција, преку адаптација на утопијата од Рожава.
Автор: Иво Босилков