Транскрипт од интервјуто со Гејл Бредбрук, една од основачите на „Бунтот на изумирањето“ [Extinction Rebellion] на „Демократија сега“ [Democracy Now]
Хуан Гонзалес: „Ова не е дрил.“ Ова е пораката на илјадници активисти што излегоа на улиците на поголемите градови ширум светот за да алармираат околу климатската криза, врзувајќи се за згради, блокирајќи улици, окупирајќи познати јавни локации, при што беа уапсени со стотици на првиот ден од двонеделниот протест предводен од „Бунтот на изумирањето“. Оваа група известува дека повеќе од 700 активисти, од Бризбејн до Њујорк, се уапсени само во текот на првиот ден и половина од протестите. Речиси 300 беа уапсени во Лондон откако ги затворија главните улици и зазедоа 11 локации во Вестминстер.
„Бунтот на изумирањето“ започна во Лондон минатата година и оттогаш прерасна во глобално движење.
Еми Гудман: Во Њујорк, речиси 90 активисти беа уапсени откако изведоа масовно умирање на Волстрит, истурајќи лажна крв врз препознатливата статуа на бикот пред Њујоршката берза. Десетици беа исто така уапсени во Амстердам, Виена и Мадрид. Во Бризбејн, Австралија, еден активист шест часа висеше под мостот „Стори“ во мрежа. Активистите излегоа на улиците во Чиле, Колумбија и Мексико. Бразилските демонстранти изведоа масовно умирање на плажата „Копакабана“ во Рио де Жанеиро. Демонстрантите ја затворија улицата во централен Париз во близина на „Нотр Дам“, а стотици ги преплавија улиците на Берлин барајќи акција за борба против глобалното затоплување.
Денес, протестите продолжуваат во градовите ширум светот. Во Лондон, „Бунтот на изумирањето“ планита да посади најмалку 800 дрвја пред Парламентот. За повеќе, се поврзуваме со Лондон за да зборуваме со со-основачката на „Бунтот на изумирањето“, Гејл Бредбрук.
Добредојде во „Демократија сега“! Може да ни кажете околу опсегот на протестите? И, уште еднаш, потсетете нѐ како „Бунтот на изумирањето“ е формирано и како го доби името.
Гејл Бредбрук: Да. Добар ден, Еми. Сакам да кажам дека е чест да се биде на „Демократија сега“. Ме прашуваш како започна ова. Мислам дека првата работа што треба да се каже е дека ова движење стои на рамењата на нашите постари ширум светот, кои протестираа за животната средина долги години. Во многу земји, тоа значи смрт. 200 активисти за животната средина умираат секоја година ширум светот. И би ја вклучила и „Демократија сега“ како една од нашите постари. Имате многу поддржувачи во Британија, па ви благодарам за вашите емисии од сиве овие години. Вие всушност нѐ поттикнувавте да одиме напред, со вашата вистина и со способноста да го унапредите гласот на обичните луѓе и на активистите ширум светот.
Ние започнавме зашто направивме многу истражувања, всушност, во социјалните движења. Ги видовме општествените науки. Погледнавме и во нашите срца околу тоа како се чувствуваме. И кажавме дека движењето треба да биде организирано преку некои техники кои се нарекуваат организирање преку создавање моментум и добивме обуки од фантастичниот организатор кој живее во САД, а се вика Карлос Саведра од Институтот „Ајни“. Исто така, истражувавме доста кај луѓе како Џин Шарп, таткото на граѓанската непослушност.
И ги охрабруваме луѓето да почувствуваат како овие времиња се за нив. И мислам дека горивото на тагата е важно за нашето движење, како и горивото на стравот, со целата искреност, зашто она што ова значи е дека луѓето сакаат да ги отворат своите срца и да ја почувствуваат љубовта за животот на Земјата и да кажат: „Фактички, не сум подготвен/а повеќе да го трпам ова.“
Претпоставувам дека она што треба да се додаде, особено за западњаците како мене што седат во одредена мера – во голема мера на привилегираност, е дека има нешто околу конзумерскиот капитализам што нѐ трауматизира и потоа ни нуди многу утешувања за да останеме мирни и тивки и едноставно да ги држиме нашите глави долу и, на некој начин, благо да нагласуваме околу бркањето на нашата работа итн. И некако, мислам дека ова движење помогна да се пробие таа матрица преку поздравувањето на тагата и чувствата, а потоа преку охрабрувањето на луѓето да излезат на улиците и да преземат ризици преку можноста да бидат уапсени.
Хуан Гонзалес: А, Гејл Бредбрук, кои се неодложните барања на движењето „Бунт на изумирањето“?
Гејл Бредбрук: Имаме три барања. Првото е владата и останатите институции да ја кажат вистината. Исто така, во таа смисла, не треба само формално да се прогласува кризна состојба и потоа да се продолжи со бизнисот како вообичаено. Тоа исто така значи промена на политиките кои не се во согласност со таа вистина за да се стопираат директните штети што се случуваат. Во Британија, ова значи, на пример, дека имаме хидраулично разбивање на карпите [fracking] што се случува во оваа земја. Има отворање на нови рудници за јаглен. Го имаме планираното ширење на железничкиот систем, но преку она што во суштина е авионска шатл служба што се вика ХС2, која ќе ја дефорестира Британија повеќе од она што се случи од Првата светска војна. Затоа, кажете ја вистината и променете ги неконзистентните политики.
Второто барање е за нула јаглеродни емисии до 2025 година и стопирање на губењето на биодиверзитет. А причината зошто имаме толку ригорозна цел е што дефинитивно и апсолутно има кризна ситуација. И она што ни е потребно е владите да се однесуваат како да има кризна ситуација. Ако Британија – повторно, ја знам британската ситуација подобро – продолжи како што прави со многу, многу мали намалувања на своите емисии, ќе го потроши својот таканаречен јаглероден буџет – јас лично не верувам дека има некакви јаглеродни буџети, всушност – за време од неколку години. И постојано ги промашуваат целите. Па оваа идеја дека ние имаме цел за 2050 година е бесмислица.
Третата работа, следствено, е што да се направи за да се видат овие промени. Кои политики треба да ги имаме? Дали треба да имаме јаглеродно буџетирање или јаглеродни даноци? Дали треба да ги притискаме луѓето да престанат да летаат и да стануваат вегани или нешто трето? Дали треба да се занимаваме со земјоделската заедница и со тоа како тие можат да работат поинаку? Во сето ова има мноштво зелени идеи и мноштво дебати и „Бунтот на изумирањето“ е многу јасен дека не е до нас да имаме позиции во врска со ништо од тоа. Во рамките на движењето, има многу мислења и така натаму и многу дебати.
Ние сакаме собири на граѓаните. Тоа е облик на демократија што доаѓа од постарите времиња, од Грција, од Атина, и всушност таква била демократијата. Не било сѐ во врска со гласањето, воопшто. Многу работи се правеле преку пороти на граѓани. Така, одбирате, преку систем на жрепка, како порота, демографски репрезентативен примерок од вашите граѓани и ним им се даваат вештини за критичко размислување. И им се даваат многу информации од експертите и тоа е добро овозможено. И тие имаат тенденција да излезат со навистина добри политички решенија. И тоа е навистина добар начин за третирање на овој тип проблеми со кои, искрено, нашите моментални демократии едноставно не се способни да се справат.
Хуан Гонзалес: Една од работите што ги спомнавте претходно, конзумерскиот капитализам и неговата способност, во суштина, да го обезоружа населението во поглед на справувањето со климатската криза. Вие зборувате за односот помеѓу растечкиот долг во светот и климатската криза. Можете да ни кажете повеќе околу тоа?
Гејл Бредбрук: Да. Она што би кажала е дека во својата изворна форма „Бунтот на изумирањето“ е во суштина за демократијата, преку барањето за овие нови демократски форми за луѓето да ја имаат својата моќ. И, искрено, во многу земји во светот, демократијата е буквално во апсолутно тетеравање. Сигурно е така во Британија. Како што луѓето сфаќаат дека има кризна ситуација – оваа демократија нема да функционира. Ќе има две насоки на движење. Една е насоката на повеќе демократија, а тоа значи собири на граѓани и навистина да разбереме како можеме да работиме заедно. А втората е насоката на помалку демократија, што е вистинскиот голем ризик на екофашизмот. Затоа е фокусот на демократијата.
Она што некои од нас го гледаат, и тоа е рано фокусирање, и како движење ќе напишеме трудови и ќе споделиме идеи за да добиеме повратни коментари, но ние разговараме околу тоа како да се справиме со финансискиот систем. Имено, имаме економски систем кој во суштина го убива животот на Земјата. Да го кажеме тоа на таков начин. Многу е едноставно. Како што кажа еднаш еден економист – Кенет Болдинг, тој кажа дека да очекуваш дека можеш да имаш експоненцијален раст на конечна планета, мора да си или лудак или економист.
И мислам, сѐ повеќе, – а сум разговарала со елитата навистина неодамна, со инвестициски банкари итн. – луѓето се уплашени. И всушност, нивните деца им вршат многу притисок. И тие знаат дека некаков вид промени мора да се случат.
И во „Бунтот на изумирањето“ ние генерално не сме – не зборувам за секого лично, туку како движење – ние не сме идеолошки. Ние не заземаме позиција против еден вид економски систем или за друг. Ние во суштина кажуваме, ова не функционира. Ние мора да имаме разговор на возрасни луѓе околу тоа каков вид систем ни е потребен, како политички и законски така и културно и економски, кој ќе ја запре ова бесмислена, скандалозна штета што си ја нанесуваме себеси и на планетата. И, очигледно, има некои луѓе кои апсолутно се на првата линија на кризата. И се работи за интер-генерациска неправда. И како тогаш се придвижуваме до ситуацијата каде можеме да ја поправиме штетата што ја направивме?
Затоа, она што мисла дека ни е потребно да се преземе е масовно одбивање на плаќањето на долговите, при што ќе кажеме дека нема да ги плаќање долговите што ги имаме, а некои од нас со одредени привилегии би можеле да преземат некои долгови и фактички да им ги дадат парите на луѓето што се во првите редови од кризата. Тоа е насоката во која би сакала да видам дека се движиме.
Еми Гудман: Д-р Бредбрук, покажавме клип од германската климатска активистка, капетан на брод за спасување мигранти, Карола Ракете, која повлече врска помеѓу имиграцијата и климата. Бидејќи ова е толку клучно прашање во целиот свет, прашањето на мигрантите и индустриските, загадувачки земји што ги блокираат мигрантите да дојдат, можете да кажете околу таа врска, климатските бегалци?
Гејл Бредбрук: Да, и мислам ова е она прашањето за екофашизмот. Еден од десет луѓе ќе бидат во движење, без тоа да го сакаат, поради големите суши, бидејќи местата стануваат премногу жешки, поради поплавите. А идејата дека можеме да седиме во нашиот расизам и да ги затвориме нашите граници едноставно нема да функционира за нас. Очигледно, ова е морално прашање. Исто така, ќе има масовна миграција во рамките на земјите. Така, во Британија, 10 проценти од населението ќе биде во движење до 2050 година. Тоа се предвидувањата. Всушност, неодамнешниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатските промени, кој беше за криосферата [површините под мраз] и подигањето на нивото на морињата, уште еднаш кажа дека работите се полоши отколку што се мислеше и дека поплавите кои порано биле еднаш на сто години ќе почнат да се случуваат секоја година на многу локации. Па така ќе има масовна миграција и тоа веќе се случува. Ние веќе гледаме нешто од тоа. И она што треба да го направиме е да имаме многу сочувствителен приод кон тоа како се справуваме со ова прашање и како се грижиме за планетата која така уништува места што тие стануваат ненаселливи. И, очигледно, луѓето на тие први редови, кои мигрираат, обично се оние луѓе кои направиле најмалку за да ја создадат таа штета. Па така ние имаме морална одговорност за да се грижиме за луѓето.
Јас многу сум за тоа и сакам да видам тоа фактички да стои во некои меѓународни барања – повторно, движењето треба да разговара околу тоа – околу законот за екоцид, што е закон на кој работеше адвокатката Поли Хигинс и таа има тим кој го промовира – таа почина, за жал, во текот на оваа година – што ќе утврди петто злосторство против мирот на ниво на Римските договори [на Меѓународниот кривичен суд], на ниво на ОН. И она што така ќе се постигне е да се криминализира големата штета и уништувањето на животната средина за многу од овие дејствија на штета што се случуваат на земјата на домородните народи и на други места, создадени од корпорациите, буквално ќе бидат кривични дела.
А потоа, второ, она што го прави тој закон е што инсистира да има надомест за штетата што настанала, што вклучува компензации за луѓето, наоѓање домови за луѓето. И всушност, со цел да се направи оваа поправка на штетата, што мора да се случи, го имате Сер Дејвид Кинг, поранешен главен научник на Британија, кој воспоставува центар за поправање на климатските промени и кажува дека, всушност, не можеме да одиме ниту до 1,5 Целзиусови степени. Знаете, мразот веќе се топи. Ние веќе сме преку 410 честички на милион. Она што навистина треба да се случи е да почнеме да редуцираме. Мора да го извлечеме јаглеродот од атмосферата и не можеме да чекаме на оние магични технологии кои некако ќе го извлекле јаглеродот од атмосферата во иднината и што значи дека ние можеме да продолжиме со бизнисот како вообичаено. Така, она што треба да направиме, она што ќе мора да го направиме, е навистина да работиме со природата за да ја поправиме климата. И тоа ќе се однесува и на справувањето на овој зол двојник или зол тројник, знаете, на губењето на биодиверзитет. Го имаме злиот двојник на закиселувањето на океаните и тоа како ги осакатуваме нашите океани. Сето ова мора да се расчисти.
Она што ова значи е дека нас ни треба многу човечки труд. Така, човештвото мора да се крене на навистина убав начин и да се погрижи околу штетата што ја направивме. А за тоа сме потребни сите ние и потребни сме сите заедно на местата на Земјата што треба да го одржуваат животот, работејќи заедно да ги повратиме дивините, да ги обновиме екосистемите, да ги исчистиме реките, да засадиме дрвја, знаете, во суштина да ја отстраниме пластиката од океанот итн. И јас всушност мислам дека има многу убави иновации насекаде и дека човештвото ќе може да го направи ова заедно. А за тоа сме потребни сите ние. И, за мене, ова е дел од повторното сплотување на човечкото семејство. Тоа е дел од справувањето со системскиот расизам, белечката супремација и повредите од патријархатот што сакаат да нѐ раздвојат, да нѐ направат беспомошни и, знаете, да го уништат нашето заедништво и да нѐ убедат да мислиме дека целата планета некако е оскудна, кога всушност природата е изобилна и се обновува себеси.
Хуан Гонзалес: Сакам да ве прашам околу оние – вашиот одговор на оние критичари што се согласуваат со целите на „Бунтот на изумирањето“, но се противат на вашите тактики. На пример, новозеландската премиерка Џасинда Ардерн кажа дека го поддржува правото на протест, но, цитирам, „попречувањето на луѓето да можат да поминат и да си ја бркаат секојдневната работа нужно не нѐ носи поблиску до климатската акција на која тие повикуваат.“ Лондонскиот градоначалник Садик Кан кажа нешто слично. Вашиот одговор?
Гејл Бредбрук: Па, кога ќе погледнете на резултатите од протестите, ако погледнете на графиконите околу тоа колку луѓе зборуваат за еколошката криза, тоа има апсолутен врв кога се случуваат протестите. Така, постојат два сета податоци тука. Едниот е колку луѓе се активни во нашето социјално движење. И ние знаеме од истражувањето на Ерика Ченовет и Марија Стефан дека ви се потребни помеѓу 1 и 3,4 проценти од населението да се организираат и да се подготвени да ги поддржат луѓето на улиците и да бидат и самите на улиците. И тоа, патем, значи дека луѓето можат да бидат дел од „Бунтот на изумирањето“ без да бидат подготвени да бидат уапсени, зашто тоа не е правилно за сите, за многу луѓе. Тие може имаат обврски да се грижат за некого. Ние не можеме да гарантираме дека црните луѓе ќе бидат третирани на ист начин како белите луѓе итн. Затоа, ова е движење за секого. Постои простор за секого.
Тоа не значи дека на секого му се допаѓаат нашите тактики. И не мора да им се допаѓаме на луѓето за да почнеме да зборуваме за кризата. Она што се случува ако пасивно стоите крај патот со транспарент на кој пишува „Запрете ги климатските промени“ е да бидете игнорирани. Кога ќе застанете на улица и ќе ја блокирате, луѓето почнуваат да разговараат околу оваа егзистенцијална ситуација во која сме. Кога кажуваме „егзистенцијална закана“ она што мислиме е дека се наоѓаме во апокалиптична ситуација. Мора да употребите библиски јазик за да го изразите она што тоа значи да се наоѓате среде шестото случување на масовно изумирање. И единствениот начин за да им се пренесе таа информација на луѓето – барем според мене – е преку нарушување.
И кога луѓето кажуваат, „ние се согласуваме со вашата порака, но не ни се допаѓа како тоа го правите“, мојот општ одговор е: „ако имате подобар план, кажете ни.“ Зашто, буквално, ние ги испробавме сите останати работи – пишувањето до нашите парламентарци и нашите политичари, организирањето петиции и организирањето маршеви. Не гледам што друго има, поразлично од излегувањето на улици.
И, искрено, како што се влошува кризата и како ние ќе се соочуваме со работи како недостиг на храна – знаете, академскиот термин всушност е „повеќекратен крах на плодните подрачја“ – кога ширум планетата било поради сушите или поради поплавите ќе значи дека фармите повеќе нема да можат да произведуваат доволно храна. Кога ќе се соочиме со тоа, а, буквално, луѓето стравуваат околу конзервите грав во супермаркетот, луѓето ќе се чудат зошто повеќе од нас не биле на улиците во текот на овие времиња, кога сѐ уште ја имало можноста за две работи. Првата е да се намали штетата. Втората е, знаете, да се отпочне со поправање на штетата.
А другата работа што мора да ја направиме е агендата на професорот Џем Бендел, а тоа е да почнеме да се прилагодуваме на условите што ќе нѐ пресретнат нас и што ќе ги пресретнат нашите деца во иднината. Мора да почнеме да планираме за, на пример, поплавувањето на нуклеарните централи и што тоа ќе значи, да планираме околу локализираните системи на исхрана и такви слични работи.
Еми Гудман: Д-р Бредбрук, имаме уште само 10 секунди. Вашиот одговор до вашиот премиер, Борис Џонсон, кој ве нарече „некооперативни намуртенковци“?
Гејл Бредбрук: Му испраќам многу љубов. Тој всушност се сретна со некои луѓе од „Бунтот на изумирањето“, кои му испеаја една таиз песна за тоа да го послуша своето срце, да ѝ дозволи на љубовта да го води. И тој всушност почнал да плаче и да се тресе. Затоа, не мислам дека постои некој што е отаде искупувањето. Неговиот татко исто така се интересира за еколошките кризи. Затоа, треба да посегнеме до секого и да кажеме: „Придружете ни се, зашто знаете дека ова навистина се случува. Престанете да си играте, Борис, и излезете на улиците со нас.“ Ви благодарам.
Еми Гудман: Д-р Гејл Бредбрук, сакаме да ви се заблагодариме што бевте со нас.
Извор: „Демократија сега“ (видео запис)