Дојче банк и Ерсте групата се кредиторите за изградба на гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар. Владата на Република Македонија во 2015 година се задолжи околу 90 милиони евра кај гореспоменатите банки, при што треба да се изградат 204 км гасоводна мрежа. Рокот на отплата на заемот е 7 години со вклучен грејс период од 3 години.
Со заемот добиен од страна на Дојче банк ќе располага Македонски енергетски ресурси АД Скопје.
Дојче банк претставува универзална банкарска групација која кредитира проекти од најразличен вид и која неодамна се здоби со лоша репутација поради нејзините врски со Трамп. Македонија има искуство со кредити од Дојче банк во изминатите години.
Минатата година заврши со исплаќање на заемот подигнат во 2012 година. Парите беа наменети за финансирање на буџетскиот дефицит и рефинансирање на обврските кои достасуваа по основа на редовна отплата на државниот долг.
Дојче банк е позната по тоа што заедно со други банки финансирала проекти на Доналд Трамп.
Дојче банк во овој случај го финансира и инсталирањето на гасовод во Република Македонија. Овој проект којшто е финансиран од Дојче банк е „закитен“ со многу противречности и проблематични точки.
За бизнис релациите преку кои изведувачите ги добиваа тендерите за проектот се пишуваше уште на самиот почеток.
Имено, изградбата на националниот гасовод заврши во рацете на исти компании, како стартна точка на проблемот кој претставува заеднички деноминатор за значаен белег на сите влади на независна Македонија.
Тогашната опозициска партија, а сега владеачката СДСМ, законот за заем го карактеризираше како скандалозен, сметајќи дека парите ќе се пренаменат на корумпирање на гласачите и дека подобар избор би бил заем од Светска банка.
Меѓутоа, надвор од процедуралните правни и економски односи, инсталацијата на овој гасовод содржи многу еколошки импликации.
Еколошката неиздржливост на проектот опфаќа доста фрагилни точки, особено во подрачје во коешто се гради и кадешто живеат ендемични, ретки и загрозени видови од Светската црвена листа на видови коишто исчезнуваат. Истите се заштитени со Бернската конвенција за заштита на европскиот див свет.
Потем, градење во подрачје во кое, присутна е 1/3 од флората на цела Македонија. Градење во подрачје во кое се сече енормно вегетацијата, се отстранува хумусната површина, се нарушува природната состојба на тлото и.т.н.
Листата на еколошките компликации е доста обемна и голема, во една систематична форма можете да прочитате на овој линк.
Земајќи ги предвид сите овие аспекти коишто претставуваат една исходишна точка на операцијата „гасификација на Македонија“, неразбирлив е финансискиот ентузијазам на кредиторот на овој проект.
Случајот со Европската банка за обнова и развој
Се чини инвестициите во Македонија коишто се поддржуваат од големите светски банки имаат ниска еколошката издржливост или пак се потполно во насока на уништување на еко системи и заштитени еколошки зони.
Таков е и случајот со Европската банка за обнова и развој, каде банката се поврзува со инвестиции во рудникот Иловица-Штука. Но, проблематичноста не застанува тука. Имено, ЕБОР се јавува и како кредитор на браната Бошков мост. Проект кој е прекинат во 2017 поради интервенција на Советот на Европа поради опасноста за уништување на комплексната биолошка разновидност која претставува фундамент за репродукција на балканскиот рис.
Во 2015 ЕБОР се јавува како инвеститор на експресниот пат Охрид – Пештани. Меѓутоа, истиот е прекинат по интервенција на УНЕСКО, поради заштитата на големите површини на националниот парк Галичица.