Орданче Бошкоски (Бошката): Синдикатите мора да постојат и мора работникот похрабро да настапува

Синдикалецот и работник Орданче Бошковски смета дека,  борбата за подобар и подостоинствен живот претставува солидарна борба

Работничките права во Македонија се заборавени и маргинализирани. Работниците во индустриските и текстилните сектори ги живеат хорор изданијата во нивните животи. Надлежните институции апатични и неагилни, а секој обид на работниците за синдикално организирање и вмрежување со цел за нивна заштита завршува со нивно отпуштање од работа и најразлични санкции.

Со ваква приказна располага и Орданче Бошковски (Бошката) од Кавадарци. Тој како вработен во топилницата „Фени индустри“ беше отпуштен од работа со причина дека напишал статус на неговиот фејсбук профил. Овој статус беше и поводот за неговото отпуштање, но, Орданче смета дека причините се повеќеслојни.

„Притисоците започнаа веднаш по конститурањето на новото синдикално собрание во Фени каде бев избран за член – преставник во синдикалното собрание и преставник од синдикатот во комисијата за ХТЗ, каде после одржаниот говор во поглед на тешката состојба и положба на работникот во последниот период во комбинатот, следи скратувања на плати и отпуштања“ пренесува тој.

Раководителите на фабриката преку најразлични форми на притисок се обидувале да го демотивираат во неговите активистички намери. Имено, тој бил често претресуван од страна на обезбедувањето на фабриката, како што вели со смешен изговор дека наводно сакал да внесе лап топ во фабриката. По нова година кога се очекувало платите да се нормализираат и во амбиент на потреба за штрајкови, нему влезот во фабриката му бил забранет.

 

„Има синдикална борба во Фени, но сета таа борба е скоро никаква“

Постоечките синдикати онаму каде што се веќе востановени како такви, по најразлични сектори на индустриите се сведуваат само на организација на културни и спортски манифестации.

„Да, има синдикална организација во Фени, но сета таа борба е скоро никаква , се’ се сведува на тоа во мандатот да организираат турнир во фудбал, да се троши непотребна енергија за снабдување со дрва за огрев на работниците, а реалните проблеми секогаш вешто се прикриваат и одбегнуваат“ истакна Бошковски.

Според него, жолтилото на синдикатите често е поврзано со корумпираното раководство и соработката на раководните лица на фабриките и синдикалните лидери.

„Претходниот синдикален лидер беше фатен во финансиска малверзација и сега него може да го видите како шета низ  фабриката, а некој како мене кој го кренал гласот и чесно и поштено работел над 15 години рударски работи одеднаш од вреден работник станува опасен за фирмата. Преку ноќ, без никаква заштита и без тронка совест за последиците кои ти ги нанесуваат завршуваш на улица. На крај, од работата во рударството и металургијата ми остана само хроничниот бронхитис и дамката на градите која ја добив од макотрпната работа која ја поминав во рудникот и топилницата“ вели Орданче.

Дека силните синдикати се насушно потребни, нема дилема, смета Орданче.

„Синдикатите мора да постојат и мора работникот посериозно и похрабро да настапува преку овие здружувања во борбата за подостоинствен живот и подобрувања на своите работнички права. Потребна е и многу едукација, неинформираноста на работникот за неговите права е голем проблем, кој заедно со големиот страв но, и сиромаштија, се главни причини за мирните и послушни синдикати. Научна фантастика е ако си работник да школуваш дете на факултет, децата на работниците се однапред осудени да ако останат во Македонија, тргнат по стапките на бедата низ кои одат нивните родители. Кај нас цело време по работните единици, фабриките, се создава амбиент каде работникот е цело време на удар на казни, заплашувања. Додека пак, еве многу наши пријатели работат низ светот, сведоци сме на порелаксирани и поопуштени работни атмосфери, каде за разлика од кај нас се применуваат мерки за награди, за вредност на трудот, кои делуваат многу мотивирачки во работничката кариера“.

Борбениот менталитет на работниците е доста значајна работа. Во тој дел Орданче одлично се држи. Тој смета дека борбата за подобар и подостоинствен живот претставува солидарна борба. Во моментов тој се наоѓа во многу незавидна ситуција. Живее под кирија, а неговата сопруга се лекува во САД, а во исто време тој е невработен. И покрај тоа, тој силно и’ се спротивставува на неправдата.

Орданче, освен тоа што е синдикалец и работник, тој е дел од „Антифа“ групата во рамки на навивачката група „Лозари“ од Кавадарци. Антифашистичкиот активизам е една од најзначајните перспективи во неговиот живот.

„Јас отворено стојам зад  Антифа вредности, со кои пораснав, колку можам едуцирам, укажувам на овие вредности, против омразата сум, не сакам бариери од типот на поделеност поради јазик, боја, вера, пол, политичка и секаков вид на дискриминација“ смета Орданче.

|2017-06-28T18:37:51+00:0028 јуни 2017|Актуелно, Економија|