Џереми Корбин – вистинскиот победник на изборите во Велика Британија – прв дел

Џереми Корбин и Лабуристите се вистинскиот победник на  парламентарни избори во Велика Британија

Вака гласеа, во најголема мера, насловните страници на весниците на островото, ден после изборите. Под терминот „победа“, британските медиуми, веројатно мислеа на предноста на противникот која Лабуристите драстично ја намалија на денот на изборите. Имено, предизборните анкети и даваа сигурна предност на конзервативците на Тереза Меј, нешто што ја охрабри да побара и добие предвремени избори. Сепак конзервативците ќе имааат 318 пратеници во парламентот, губејќи 13 места. А лабуристите ќе имаат 262, зголемувајќи ја групата за цели 32 пратеници. Козервативците го загубија апсолутното мнозинство во парламентот. Оттаму, британските медиуми воопшто не претераа со истакнувањето на терминот „победа“ за Корбин во постизборните натписи.

Сепак, она со што ќе се занимава оваа анализа, е една поинаква и посуштинска победа, која Корбин ја извојува за работниците на Британија и работничкото движење во Европа. Победа која треба да се доизвојува и обезбеди. А тоа е победа на автентична Левица, која повеќе зборува за класните разлики отколку за идентитетски политики. Која ја интересира блиската соработка со синдикатите, а не лоби групите и донаторите милионери и милијардери. Левица која се ослонува на младите, не на спин докторите. Конечно, Левица која знае дека не постои никаква друга слобода и еманципација, без економската слобода и еманципација.

Изборните резултати докажаа Jeremy Corbyn is electable!!! (Џереми Корбин може да биде избран)
Дали дуваат нови ветришта на промени од Запад? Овојпат во обратен правец од тој од крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите? И дали овие ветрови ќе донесат промени и во останатите делови од Европа и пошироко?

 

Социјалдемократијата во Западна Европа и државите во транзиција пред изборот на Џереми Корбин за лидер  на лабуристите

 Одбраната на работничките права преку претставничката демократија донесе успеси и придобивки за работничката класа во државите на Западна Европа. Но, од навидум цврстиот историски договор меѓу буржоазијата и пролетеријатот (склучен под влијание на притисоците на социјалдемократијата и синдикатите од внатре, и од “црвената опасност” од надвор) не останаа во важност ни суштествените состојки на договорот, а од “државата на благосостојба” (која се изгради на основите на тој договор) не останаа ни темелите. Впрочем, современите глобални текови укажуваа на се поголемо јакнење на моќта на сопствениците на капиталот, а драматично опаѓање на позициите на сопствениците на трудот. Ако работничките партии и социјалните движења го дигаа гласот против тоа, но немаа некаква реална моќ, тогаш социјалдемократските партии кои имаат реална моќ (како дел од двопартискиот систем) молчеа.

Дефинитивно се увиде дека, борбата за власт им е поважна од борбата за работничките права. Концепцијата на современата социјалдемократија (уште наречена и “третиот пат”) се адаптира на новите локални и глобални услови кои настанаа од 80-тите години на минатиот век па наваму со издигнувањето на локалното и глобално неолиберално крило  на политичка и економска моќ. Во услови кога крупниот капитал ги диктира условите и тековите на домашна и глобална сцена, социјалдемократите на Западот се додворуваа на тој капитал за да се извлече негова наклонетост за финансирање на кампањите, а социјалдемократите на земјите во транзиција беа и останаа послушни спроведувачи на политиките на меѓународните организации на глобалниот крупен капитал, за на тој начин, преку наклонетоста на меѓународната заедница, да ја осигураат подобноста на домашното владеење во еден ваков глобализиран свет. Севкупно и едните и другите не се држеа до своето изворно и традиционално гласачко тело- работничката класа. Наместо, како свое најсилно оружје, да ја придобијат еманципираната работничка класа- тие најмија спин- доктори, телевизии и весници. И наместо, имајќи ги пред се интересите на работничката класа како убедливо најбројниот дел од гласачкото тело и со тоа да ги разбијат погубните политики на десничарите… социјалдемократите, напротив, им се придружија на своите противиници, преземајќи го нивниот однос кон избирачкото тело, однос на тактизирање, популизам, дневно и ситно политиканство, притоа формирајќи го владејачкиот, во подолг временски период, двопартиски систем кој ја раздвои работничката класа, ја збуни и ја направи лесно подложна на манипулација, не нудејќи класна анализа на проблемите, со што истата не може да го увиди својот интерес. Од таквиот прагматичен и опортунистички пристап произлезе “третиот пат” на Тони Блер (обликуван под академското перо на Ентони Гиденс) и Герхард Шредер на Запад, како и послушната политика на нивните пандани во државите во транзиција.

Работничкото движење во капиталистичките држави на Центарот после изборот на Џереми Корбин за лидер на лабуристите.

Изборот на Џереми Корбин за лидер на Лабуристичката Партија во Велика Британија, е првата победа извојувана во интерес на работничкото движење во Велика Британија. За втората победа (а тоа е изборниот резултат на последните парламентарни избори) покрај низата фактори, особено заслужен беше новиот пристап кон политиката, новите форми на делување, кои сепак не ги запоставуваат класичните столбови на модерната левица, а тоа е самото партиско организирање и обединување на левичарите околу една јасна револуцинерна програма, потоа синдикатите, студентите и чесната интелегенција.

Втората победа не ќе беше можна без првата. Изборот на Џереми Корбин за лидер на лабуристите е уникатен пример на успешност на најстарата парламентарна демократија и редок успешен пример на самиот концепт на парламентарната демократија. Џереми Корбин е долгогодишен кадар (и пратеник) на лабуристите, кој одолеа на опортунизмот и остана надвор од канџите на Блеризмот. Успешната кампања само го запечати впечатокот дека Лабуристите се одлучни во намерата за освојување на власта во некоја од следните четири години, со цел темелни промени во внатрешната и надворашната политика на Велика Британија.
Тој впечаток се излева и надвор од границите на Британија. Интернетот и социјалните мрежи се простор каде информациите не можат до крај да се цензурираат и маргинализираат. Корбин ефектот неминовно ќе се почуствува. Социјалдемократијата во Западна Европа, веќе е поттурната полево, во насока да се врати на реално остварување на своите декларативни заложби и преземени обврски- секогаш да работи во интерес на работниците и социјално несигурните. Она што обесхрабрува е фактот што структурата и историјата на Лабуристичката партија нема свој пандан во останатите социјалдемократски партии во Европа. Не постои стурктурна можност за појава на Франсуски, Германски или Италијански Корбин. Но, постои пропагандна можност за повторно сеење на идеологијата на автентичната левица, не само вон партиското милје, туку и внатре во самите мегаломански партии на бипартизмот, затоа што незанемарлива е бројката на самото членство, или традиционално гласачко тело во овие партии, луѓе кои се препуштени на погубните идеологии на десницата и неолиберализмот.

Иако борбата против левијатанот со неколку глави виден во владеачката европска десница не може да се води само со парламентарната борба на Лабуристите и новата левица на земјите од периферијата на Европа, сепак таквиот пристап останува и натаму релевантен и вреден за давање на уште една шанса. Дали победа на Лабурисите ќе го отвори патот- развиениот запад да тргне по револуцинерниот пат на мирен начин? Дали тоа ќе биде потврда на Марксовиот став дека револуцијата прво ќе се случи во развиените индустриски земји? Или Лабуристите ќе ја доживеат судбината на Сириза, што пак би било потврда на ставот дека револуцијата сепак нема да биде мирна и ненасилна… Охрабрува фактот што доаѓањето на власт на автентична левица во колонија и во центар нема иста тежина. Влада на Корбин може многу повеќе да стори од влада на Ципрас.

Секоја година има парламентарни или претседателски избори во една од водечките држави. Оттаму, секоја година ќе биде тест за социјалдемократијата. Но, не до недоглед. Настаните од политичко, економско и воено значење, се одвиваат како на филмска лента. Центрите на финансиска моќ не отстапуваат од својот неолиберален пристап кон светската и регионална економија. А тоа е пат кој води кон неминовна катастрофа. Во трката да се избегне катастрофата, најбрз начин за смена на политичките елити е по пат на избори. Револуционерниот пат на социјалистичките партии од 20тиот век е неприменлив во превенирањето на големата катастрофа. Таквите партии подразбираат долгогодишно градење кадри. Големиот крах на современиот модел на капитализмот со сигурност ќе ја претка вонпарламентарната и парламентарно расцепканата Левица. Воскреснувањето на класичната социјалдемократија во Велика Британија е позитивно за самото политизирање и масовно вклучување на работничката класа во политичкиот живот- нешто што, под плаштот на неолиберализмот беше непосакувано и исмеано. Воскреснувањето на класичната социјалдемократија во Велика Британија, под водство на социјалистот Џереми Корбин, ќе даде една нова димензија на политичкиот ангажман на секој поединец, укажувајќи му дека, активизмот може да биде успешен, или најчесто е далеку поуспешен, доколку напорите се вложат во органите на една силна партија или коалиција на автеничната левица.

Автор: Зоран Василески

|2017-06-21T10:39:38+00:0021 јуни 2017|Актуелно, Свет, Став|