Вчерашниот протест пред владата на Република Македонија беше уште еден извик на гладта за правда.
Раскапаноста на нашето општество последните папсувачки издишки се обидува да ги испушти на тој протест. „Бараме правда за Алмир“, беше еден од слоганите, каде клучниот збор „правда“ се испакнува како срт на една немирна геометриска положба, фрустрирана од немоќта да се компензира тоа што не се враќа, животот на малото дете. Вклучувајќи ги тука и некрофилските договарања со доза на правна куртоазија, како ќе го наречеме делото Убиство или Сообраќајна несреќа – пародично.
Иако овој проблем е доста обработуван од страна на дневните медиуми, особено албанските, сметам дека под наметнатите прашалници на слојот правда изведена од правосудството, стои еден позначаен и подлабок слој. Имено, правдата како последица на една поширока културна и општествено-политичка генеза, натопена на систем на инстанци и институции.
Како што кажав, протестот се однесуваше на потребата за правда и чинот на неправда кој го генерираат постојниве правосудни институции, којшто со индолентност и небрежност го касапат секојдневно значењето на целта на нивното постоење. Потребата да се собереме и да продолжиме да се собираме за овој случај не е до крај исцрпена, земајќи ги предвид постојаните капацитети на тие институции на продолжување на истиот третман по овие прашања, односно ќе си продолжи по старо. Така што останува да се протестира.
За жал, Алмир го нема, агонијата продолжува. Алмир е ликот на секое дете, беспомошно да каже што и да е, субалтеризирано до бескрајот на општествените и политички фрустрации на кичот и бедата коишто виреат како норми во нашето општество и една од друга произлегуваат и на крај се институционализираат.
Впечаток ми остави еден момент на кој сакам да се осврнам и го сметам како многу значаен во однос на прекршената волја и капацитет на општеството да може да се самоизбави од гибелта на малограѓанштината и деполитизацијата.
На крајот на протестот, еден од присутните на протестот се качи на капијата кај владата и го постави албанското етничко знаме на капијата. Организаторите реагираа на време и знамето беше повлечено, но значењето од преостанатиот талог во оваа бурлеска не може ниту на крај да се поврати.
Минатата година, по повод победата на РК Вардар на Лигата на шампионите, напишав еден текст. Текстот беше насловен „Патриотизмот на знамето“, со тоа укажувајќи на културната образба за патриотическите активности на граѓанинот во современото општество. Со тенденциозно повикување на состојбите со накалапеноста на граѓаните во оваа држава со патриотизмот како таков.
Културата на големото знаме, односно на веењето (етничко) знаме е маркантна појава во нашево општество. Нашата петпарачка политичка култура чинот на знаменосењето го обележува како еден од највисоките чинови на патриотизмот. Едно време, по петто класните модни ревии во внатрешноста на државата, креациите на некои дизајнери аматери беа еклектички собрани парчиња на етно-симболизми. Таквите креации од локалното но и културното милје, коешто немале шанса од „прагот“ на сопствената уличка или село да излезат и да ги вкусат јаболката на непознатото, ги нарекуваа Патриотски креации.
Во Македонија, културата, а со тоа и логиката на поврзување на знамето и патриотизмот е онтолошка работа. Знамето претставува своевиден изблик на квази-автономна регија, преполна метафизичи значења, ослободена територија, во која знаменосецот на симоболички начин ја истакнува својата насрченост на крајно задоволство. Сакрализацијата, која во својата есенција е контагиозна и на некој начин „ослободувачка“, го дефинира „скокот“ кон слободата, подвикот на дигнатата и исправена фалогоцентрична морфологија.
И тука некаде завршува митот и започнува реалитетот.
Митовите како конструкти кои се прилепуваат на времето и политичките (не)прилики, пред се’ во својата техничка функција, го глорификуваат и супстанцијализираат супстратот којшто најмногу и годи на една конкретна структура. Претходно кажаните својства се доста значајни, за митот за политичкото и улогата на граѓанинот во општеството.
Политичката култура на овие Балкански простори, е целосно оттуѓена од одговорноста на институциите, државата, политичките партии и на самите граѓани од политичките процеси. Инфантилизацијата на граѓаните од страна на политичките партии, инструментализирајќи ги на „знаменосци“ по партиските трибини како квази политички академии, ја стимулира пасивизацијата во однос на политички прашања, а со тоа и одговорноста.
Повикувајќи се на нашиот контекст и изгубениот политички компас на сите политички фактори во државава може да се дојде до заклучок дека работата не е до глуждови, туку е до врат.
ДУИ е политичката партија, којашто на најперфиден начин со години го практикуваше методот на „редукција“ на граѓаните албанци во знаменосци. Партизацијата и негативната селекција како modus operandi на партијата којашто од 2002 до денеска (со мали интерупции), е во позиција на моќ. Од таа позиција може да се редуцира или да се трансформира албанецот во знаменосец или во одговорен граѓанин на оваа држава во која ќе ги сфати и разбере тежината на потребата од постоење на институции и инстаци коишто ќе имаат однос на еквидистанца со сите граѓани.
Културата и „уката“ коишто се наметнуваа со години, ја „обработија“ праксата на пасивен граѓанин кој по потреба ќе завее знаме, а со тоа и ќе си ја заврши граѓанската должност, па макар таа била и кон прашањето за унификација на албанците во една етничка држава. И тука, веројатно лежи парадоксот.
Формулата за „патриотизмот на знамето“ ги разјадува и темелите на идејата за т.н. Голема Албанија. Албанците во овој момент, во Македонија, имаат најслабо развиена култура за учество во администрацијата на државата. Рекордно најниска заинтересираност за учество во институциите и за значаен придонес. Гореспоменатата партизација и негативна селекција, буквално и практично ги „уништи“ сите потенцијали за развивање на една институционална политичка култура, акцентирајќи ги компромитираноста, инволуцијата, молкот пред авторитетот, сервилноста, личниот комодитет и милион останати карактетистики коишто произлегуваат од интересите на партијата, а не на заедницата.
Денеска да има можност да се реализира т.н. проект за Голема Албанија, албанците немаат човечки потенцијал да можат тој дел да го администрираат и раководат. Парадоксално, но релевантно и вистинито.
На сметка на тоа, „академијата“ на албанските етнички политички фактори, создаваше култура на „знаменосци“.
Слични, ако не и исти се примерите во кој било етнички и политички ентитет. Кај која било држава од регионов, можат да се пронајдат сличните парадигми петрифицирани во дневно-политичките употреби.
Оттука и критиката на овој текст кон импотенцијата на политичкиот фактор во оваа држава којшто владее и владеел со години. Жртвите како Алмир се последица на различните дисфункционалности на целокупниот државно-институционален репертоар на државава во којашто живееме.
Дури и најпластичниот пример околу причините за тепачката во болницата пред да се случи воопшто убиството на Алмир, говори за ситуацијата со здравството, болниците, „мојот термин“, фрустрацијата предизвикувана кај граѓаните и сите останати последици и нашата лична одговорност и култура на прифаќање и справување со проблемите со кои се соочува државата. Се’ тоа во купче за една дисфункционална држава и дисфункционално општество.