КРИВА ПАЛАНКА, 28.02.2018 – Вчера, по дојава од страна на солидарни сограѓани дека управителката на фабриката „Веибо Груп“ од Крива Паланка, Кристина Јакимова и сопственикот Мустафа Иршад Канџа се во фабриката, поранешните вработени во „Веибо“ веднаш се мобилизираа и ја блокираа капијата на објектот, со цел да спречат изнесување на важни документи или инвентар. Работниците ги пуштија раководителите да си заминат, под услов да извршат увид дека ништо не е изнесено од фабриката.
Управителката и турскиот газда дошле во фабриката со инспектори поради царинска инцпекција. Работниците го блокираа излезот на фабриката, а ги пуштија само инспекторите да заминат.
По извесен разговор со полицијата, работниците кои протестираа пред фабриката и го блокираа излезот, се согласија да го пуштат раководството да си замине, но притоа се уверија дека никаква документација, или инвентар нема изнесено од фабриката.
Работниците од „Веибо Груп“ веќе еден месец протестираат поради неисплатените средства за три месеци уназад, кои им ги должи турскиот бизнисмен. Тие го окупираат влезот и излезот на фабриката, со цел да спречат оттаму да се изнесат важни документи, или инвентар. Досега не им беа задоволени нивните барања и работнички права, најверојатно ќе следи стечајна постапка, а на тој начин потоа тие би ги добиле своите неисплатени плати. Вицепремеирот за економски прашања Кочо Анѓушев, неодамна им порача на работниците од „Веибо Груп“ дека ќе ги добијат нивните плати на еден или друг начин.
На еден или на друг начин вработените во Крива Паланка ќе ги земат своите заостанати плати. Среќна околност е што во стечајната постапка би имало повеќе капитал за надмирување отколку што има обврски кон сите доверители вклучително и вработените на кои им должи три плати, рече Анѓушев
Голготата на работниците на „Веибо груп“ трае скоро еден месец поради ненадејното затворање на фабриката. Од компанијата изјавија дека мора да ја затворат фабриката затоа што не можат повеќе да работат и не сакаат да создаваат уште поголеми загуби.
Поранешните вработени протестираат пред вратите на фабриката и блокираат патишта барајќи си ги своите три неисплатени плати, придонеси за пензиско и здравствено осигурување и неплатени прекувремени работни часови.