Еколошката критика во Македонија денес е неодделив сегмент на јавниот дискурс. Во последните 5 години борбата за чист воздух и животна околина еволуираше, се зголеми свесноста за РМ2.5 и PM10 честичките, се воведе апликацијата Мој воздух, неколкупати граѓаните излегоа на протести против загадениот воздух, се спречи рестартирањето на Топилницата во Титов Велес и се создадоа десетици локални иницијативи кои во моментов се борат против обидите на домашни и странски коорпорации кои со помош на корумпирани сегменти од новата влада се’ уште настојуваат да отворат рудници од отворен коп кои користат токсични материи во процесот на обработка на рудата. Индустриските виновници низ годините се многу: Toпилницата во Велес, РЕК во Битола, Југохром во Тетово, Охис, Дрисла, Цементара и Железара во Скопје, рудникот Бучим, Фени и многу други. Во јавните дискусии се лоцираат загадувачите и се истакнува опасноста за здравјето на граѓаните. Но, речиси како правило се забораваат работниците во овие индустриски објекти кои се први на ударот на тоа загадување, најмногу ги чуствуваат ефектите од истото и чиешто вклучување во борбата за здрава животна средина може од корен да го промени балансот на силите во истата.
Работниците најизложени на загадувањето
Според прилогот на телевизија Алсат-М, кој беше објавен неодамна, пензионираниот хемиски инженер Перо Нане отворено признава дека поради кусокот на обучен и стручен кадар, смртноста на работниците во ОХИС била висока при работење со пестицидот Линдан.
„Не знаеја што значи тоа, макар што тоа беше еден отров, многу токсична материја. Не знаеја да се пазат и доста од тие работници и завршија трагично. Дури и ние самите како инженери не знаевме точно како може толку да биде опасно, и после тоа осумдесетите години во Eвропа се забрaни и штом се забрани во Европа и кај нас се забрани, и крај на приказната.“, раскажува Нане.
Во Битола пак, во изминатите години борбата со загадениот воздух го тресеше градот на повеќе наврати. Но, секогаш очигледниот загадувач беше РЕК Битола. Термоелектораната во Битола е прогласена за најголем загадувач во Македонија и тоа на прво место во Европа според емисијата на сулфурен диоксид СО2, со околу 67 илјади тони годишно и второ место според испуштањето на околу 2.700 тони ПМ 2,5 честички во воздухот. Честите заболување од рак, посебно помеѓу децата во Битола, се врзува токму со загадениот воздух. Колкава е стапката на заболување од рак, дишните патишта и многу други здраствени проблеми кај работниците во овој индустриски објект? Токму тие се најзагрозените од тоа загадување. Деновиве МВР поднесе кривични пријави против ЕЛЕМ за загадување на животната средина и природа, поради несменети филтри и отпепелување на одлагалиштето, кадешто често се создавале воздушни вртлози од пепел со земја. Се поставува прашањето дали работниците во овој индустриски објект ќе добијат надомест за претрпеното нарушување на нивното здравје.
Работничко и еколошко организирање
Како до ново политичко организирање кое ќе ги обедини идеите за здрава животна средина и работнички права за кои мнозинството во Македонија полека гради консензус дека се вистинската закана за иднината на сите без разлика на нивната етничка, религиозна или родова определба? Загадувањето од кое најмногу страдаат работниците е производ на нивниот труд. Нападот врз работничкото организирање од страна на сопствениците на индустриските комплекси, градежните компании и останатите загадувачи е истовремено и напад на правото на работниците за работни услови кои нема да бидат опасност за нивното здравје. Држејќи го во потчинета состојба работникот преку краткорочни договори, немање можност за синдикално организирање и неефиксени институции, сопствениците на капиталот ја имаат слободата во кругот на производната дејност да имплементираат начин на производство или дејност која е детриментална за здравјето на работниците. Истите, се токму оние кои најдобро може да ги идентификуваат изворите на загадување во услови кога надлежните државни органи за заштита на животната средина се во содејство со крупниот капитал. Во вакви услови активистичките движења за животна средина се изолирани. Кога кампањата против некој загадувач почнува, ретко се случува да се земе во предвид и перспективата на работникот и неговиот став да биде вметнат во политиките кои се бараат. Затоа, честопати работниците ги гледаат овие активистички движења со недоверба, а дури и како непријатели за индустријата или дејноста од која тие го заработуваат она малку што како трошки им го исплаќа крупниот капитал. Процепот помеѓу еко активистичките движења и работниците во индустриските загадувачи често може да се забележи токму по завземањето на различните страни во борбата, или поточно кажано – кусокот на поддршка во кампањата по ова прашање. Токму во тој антагонизам крупниот капитал успева да ја наметне својата хегемонија врз работникот и продолжува со загадувањето на животната средина. Рушењето на бариерите во овој процеп и заедничко синергизирање е вистинскиот предизвик за активистичките движења.
Политичките и интелектуалните елити пак говорат за индивидуална одговорност и во услови на една културна хегемонија го насочуваат дејствувањето се’ подалеку од изградба на едно широко солидарно движење.
Одговорот на оваа еколошка криза мора да се бара во местата, коишто истата ја произведуваат, а кои се евидентно простори на една длабоко вградена, три децениска, експлоатација на работниците во Македонија.