ГЕВГЕЛИЈА/СКОПЈЕ, 20.12.2017 – Утре, на 21 декември со почеток во 11 часот иницијативата „Спас за Гевгелија“ организира протест, кој ќе започне пред Општина Гевгелија. Целта на протестот е да се испрати пораката дека, „рудници нема да има“. Денес пак, во владата на Република Македонија (РМ), ќе се одржи работен состанок помеѓу, од една страна претставници на еколошки здруженија и иницијативи од Гевгелија, Валандово, струмичко Ново село, активисти од Скопје и советничкиот тим на премиерот на РМ, Зоран Заев од друга страна.
Минатата недела претставници на еколошки здруженија и иницијативи остварија средба со премиерот Заев и заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули. На средбата се разговарало за „16 жешки точки“, кои ја загрозуваат животната средина во државата, како и за мерките решенија, кои се преземаат и предлагаат, односно, гасификацијата, десулфуризацијата, субвенициите за фотоволтаици, енергетските фасади, планското пошумување, интензивното зголемување на зелените површини во урбаните средини, зголемување на буџетот за Инспектортот за животна средина, пречистителни станици, заштита на Охридско Езеро и подрачјето од неконтролиран развој на туризмот, изградба на ветерници, мерни станици, решавање на проблемот со депониите и друго.
Околу прашањето со „рудниците на смртта“, меѓу еколошките здруженија и премиерот Заев, беше постигнат договор, кој предвидува заедничко формирање на работни групи, за постигнување на конечната цел, затворање на рудниците на смртта без поголеми правни реперкусии и плаќање на пенали. Претставниците на еколошките здруженија побараа зголемување на буџетот за Заштита на животната средина од предложените 0,4 на 2,5%, со што сметаат дека, ќе биде можно плаќањето на пенали за издадените концесии за рудниците и трајно решение на „16 еко жешки точки“. Според премиерот Заев, тие не треба да се лимитираат на понудените 2,5% за буџетот, а доколку биде потребно, за одредени итни еко работи, ќе има прелевање на средства од едно кон друго министерство. Заев ветил дека, ова евентуално прелевање на средства, нема да се случи без знаење, или без дозвола од еко активистите, кои беа присутни на состанокот.
Од претставниците на еколошките здруженија кои се дел од овој тим, дознаваме дека, првиот работен состанок во врска со ова, ќе се одржи денес помеѓу претставници на еколошките здруженија и советничкиот тим на Заев. Во склоп на овој состанок, ќе се бара поништување на договорите за концесија и детално разгледување на документацијата за секој договор посебно, за да се изнјадат правни механизми, или пропусти во регулативата, кои би биле основ за прдвремен раскин на одреден договор.
Предлог иницијатива – планинските комплекси Беласица – Огражден и Кожуф да станат национални паркови на природата
Крум Велков од Струмица, еден од иницијаторите и координатори на иницијативата „Спас за струмичката Котлина – Стоп за рудникот во Иловица“, минатата недела на својот фејсбук профил објави предлог иницијатива за планинските области Беласица – Огражден и Кожуф, да станат национални паркови на природата. Овој предлог е прифатен од иницијативата „Здрава Котлина“, како и од другите иницијативи од југоистокот, коишто се борат против отворање и работата на рудниците.
Според овој предлог иницијатива, планинскиот комплекс Беласица – Огражден и Кожуф заедно со околините ги исполнуваат условите, да бидат прогласени за Национални паркови на природата под заштита на државата, за што би се изработиле посебни стручни елаборати. Со таквата одлука кумулативно би се произвело една препознатлива географско-земјоделска целина, која во иднина може да биде стратегиски брендирана како врвен светски еко-регион, за производство на здрава/органска храна, пермакултура и сродни дејности, во комбинација со планинско-селски, летен и зимски туризам.
„Се’ заедно долгорочно неспоредливо повеќе би се исплатило од наводните провизии што ги нудат концесионерите на рудниците на смртта, заедно со фатално загадување на целиот регион со смртоносни отрови на најопасната загадувачка Г-1 индустрија“, се вели во предлог иницијативата.
Целиот предлог иницијатива за прогласување на Национални паркови на овие подрачја може да се прочита овде.
Проблемот со отворање на „рудници на смртта“ ја демне цела југоисточна Македонија. Минатата влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ издаде 86 концесии за изградба на рудници, а вкупно над 300 тековни договори за концесии за детални геолошки истражувања и за експлоатација на минерални суровини. Најголем број на концесии имаат компаниите ГП Гранит и Цементарница Усје, а најголеми површини користат АД ЕЛЕМ и Еуромакс Ресоурцес.
Сегашната влада предводена од СДСМ, на чело со премиерот, Заев, во предизборната кампања ветуваше дека, рудници нема да има. И покрај ваквите ветувања, работата на изградбата на рудниците непречено се одвива.
По протестот, кој се одржа на 8 декември во Валандово, следи утрешниот во Гевгелија. Жителите и граѓанските активисти од Гевгелија се децидни дека, рудници нема да има.