Референдумот за независност во 1991 година, не беше изјаснување само за територијална независност на СР Македонија. Граѓаните кои излегоа на тој референдум, не знаеа дека тоа всушност е изјаснување и за севкупното политичко-економско уредување на новата држава. Ниедна власт на Р. Македонија во изминатите 25 години не стави макар едно друго прашање на референдумско изјаснување.
Република Македонија која се востанови на 8мо-септемврискиот референдум, се претвори во сосема нова реалност, нешто меѓу сонот на АСНОМ и јавето на Бившата Југословенска Република Македонија, нешто што ни во кошмари не си го претставиле македонските партизани – македонци, албанци, турци, нешто што како сосема нормално јаве го прифаќаат нивните потомци.
1. „Зошто да чекаме“
„Зошто да чекаме“ – гласеше реторичкото прашање како заклучок на пропагандно видео на Македонската радио телевизија – кажано од страна на момче облечено во сино работничко одело. Тоа беше можеби првата владина реклама (1994-1995) чија цел беше промовирање на големиот бран на приватизација како европеизација на земјата, приватизација како реформа, неопходен болен рез за стабилизирање и приклучување кон развиените западноевропски земји.
Но, работниците во самоуправните претпријатија веќе ја насетуваа вистинската позадина на среќно кажаното „Зошто да чекаме“ од ТВ рекламата. Тие веќе гледаа како претпријатијата во кои работат постепено пропаѓаат, а околу преостанатиот плен се врткаат луѓе од менаџментот во спрега со неколку вработени и надворешни лица, односно стечајни управници, судии и инстант инвеститори. На мнозинството работници веќе им беше јасно дека реторичкото прашање „Зошто да чекаме?“ значи само констатација „ајде да приватизираме, час поскоро, без оглед на последиците“. И навистина не се чекаше. Големиот бран на приватизација започна во времето на првата влада на СДСМ (1993-1998г.), кога над 80% од претпријатијата во дотогаш општествена сопственост, преминаа во приватна.
Иако, тогашните медиуми не известуваа за изолираните случаи на отпор на работниците, истите ги имаше, но фалеше водството на синдикатите во поврзување на отпорот изразен во претпријатијата поединечно, во заеднички масовен отпор против целиот процес на приватизацијата. Водството на синдикатите изостана затоа што од самите почетоци на Р. Македонија, синдикатите се соочуваа со низа проблеми и абнормалности. Повеќе имаше внатрешна борба меѓу синдикалните лидери за превласт над главниот или гранковите синдикати, отколку борба за работничките права. Од друга страна апсолутно се неимуни на партиски влијанија, и уште повеќе, кога е потребно, одработуваат за една од двете главни политички опции, притоа бидувајќи партнер на владината политика, а не нејзин главен опонент во случаите на рушењето на социјалната држава. На тој начин, синдикатот ја загуби довербата и е отуѓен од работниците.
„Да не останам без работа, да не се налути газдата ако се бунам па да ме казни од плата. Ако излезам на протест ќе ме видат, ќе речат од опозицијата сум, кој ќе ме заштити после од реакцијата на газдата или владејачката партија?“
Ова се дел од прашањата што ги мачат работниците од јавниот и приватниот сектор, а кои го даваат одговорот на прашањето, зошто и денес, работниците не се осмелуваат да излезат на штрајк, дури и кога работодавците алармантно ги кршат работничките права. Уште во средината на 90-тите, стана јасно дека наместо синдикатите- партиските машинерии се покажаа како далеку помоќни, а најчесто и еднинствени механизми за изведување на луѓето на улица. Распарченото и инертно синдикално организирање, распадот на СКМ (Сојузот на комунистите на Македонија), и немањето нова левичарска/работничка партија, ги препушти стотиците илјади работници во „игрите на тронови“ меѓу двата табора на буржоаските, лажно социјалдемократски и десничарско популистички, СДСМ, ВМРО ДПМНЕ и нивните партнери, албанските парламентарни партии.
2. „Домаќински и одговорно“
„Домаќински и одговорно“ гласеше изборниот слоган со кој за прв пат извршната власт во свои раце ја зеде ВМРО ДПМНЕ. Уште на стартот, „домаќински“ се продадоа Македонски телекомуникации и ОКТА на странски корпорации. Уште во изборната кампања за парламентарните избори, кандидатите за премиери Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски се натпреваруваа во тоа кој поголемо име или повеќе странски инвеститори ќе донесе. Васил Тупурковски отиде дотаму што вети и точна бројка: две милијарди долари од Тајван! Тоа беше златното доба на вербата во странските инвестиции. „Одговорното“ приватизирање на банкарскиот сектор се заокружи со приватизацијата на Стопанска Банка која „ја спаси“ исто така, странски инвеститор. Трагедијата на оваа реформа се согледа најдобро во Историјатот на банката, изнесен на нивната официјална веб страна.
Стопанска банка А.Д. – Скопје е основана со Решение на Второто вонредно заседание на АСНОМ на 29 декември 1944 година под име Македонска стопанска банка. Со нејзиното основање се поставени темелите на банкарското работење во Македонија и во годините што следуваат речиси не постои позначаен објект, инвестициски или развоен проект што не бил поддржан од Стопанска банка. Историјата на Банката ја одбележуваат сеќавања за тоа како се граделе хидроцентрали, инфраструктурни објекти, фабрички хали, мостови и автопатишта…
Во сиве години на развој и на растеж, Банката се адаптираше на сите карактеристики на општественото и економско уредување, почнувајќи како банка на комунални банки, па здружена банка организирана во филијали, до трансформацијата во акционерско друштво во 1990 година. На почетокот на новиот милениум, Стопанска банка преку приватизацијата станува дел од групацијата на Националната банка на Грција, една од најголемите и најуспешни банкарски групации во Европа.
Во новиот милениум Банката се соочи со, можеби, најголемиот предизвик досега, да се трансформира и преструктурира во модерна финансиска институција организирана во согласност со врвната меѓународна банкарска практика и со тоа да ја поддржи трансформацијата на македонската економија во денешната функционална пазарна економија.
3. „Оаза на мирот“
„Само да нема војна“ се тешеа македонските работниците додека остануваа без работа и додека, и при задржани работни места, се соочуваа со рапидно опаѓање на куповната моќ и оставеност на милост и немилост на пазарот на труд и партискиот пазар на лидерите и нивните пријатели од т.н меѓународна заедница.
Сепак немањето отворени оружени судири на 90-тите не ги задоволи потребите на народот. „Само да нема војна“ почна да губи моќ во свеста на луѓето како што изминуваше времето. Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања запраша што ги револтира и прави несигурни граѓаните на Р. Македонија уште пред избувнувањето на конфликотот/војната во 2001-ва.
Според анкетата, на прашањето „Што ги прави граѓаните несигурни?“ 57,2% одговориле дека доминантен фактор на несигурност е невработеноста; за 16% тоа се ниските приходи во семејството; за 6,2 тоа е слабата социјална сигурност, а само за 5% од анкетираните доминантен фактор на несигурност се меѓуетничките односи.
Резултатите покажаа поголеми изгледи за социјален, а не етнички конфликт поради несигурност за социјалниот статус, а не поради меѓуетничките односи.
Зошто немаше изгледи меѓуетничкиот бунт да се превенира преку претходен социјален бунт?
Затоа што политичкиот простор е веќе окупиран од жолтите синдикати и доминатните етничко-буржоаски партии кои се менуваат на власт.
До последните мигови на „оазата“, се фалеа македонските политичари како поради нивната умешност се избегнале воени судири дома, за разлика од разорните војни кои беснееа северно од нас.
Но, се испостави дека, транзицијата е сестрана и полна со непријатни изненадувања.
На „Оазата на Мирот“ и се случи 2001-ва…
(продолжува со текст за македонската транзиција 2001 – 2011)
Автор: Зоран Василески