Денес во јавноста кружи фотографија со мајка рис и нејзиното младо рисче, сликани на планината Јабланица. Фотографијата е направена по подолг мониторинг на Програмата за заштита на балканскиот рис, која ја спроведува Македонското еколошко друштво (МЕД). МЕД досега преку методот фотозамки има слики од три риса на Јабланица, но првпат има слика со мајка и нејзиното младо рисче.
Во изјавата на раководителот на програмата за заштита на балканскиот рис, Диме Меловски се вели дека, сликите ги добиле од Ловечкото друштво „Черн камен“ од Вевчани. Тој констатира дека, ова е податок кој покажува оти, овој загрозен вид се размножува и надвор од неговото јадрово подрачје, односно националниот парк Маврово.
Претходно во МЕД имаат добиено слики од мајка со младо фотографирани на Караорман во 2014 година, како и видео од мајка со младо забележани на преминот Буковиќ.
Ова се примери дека, сепак балканскиот рис се размножува на повеќе места, освен ограничувањето во националниот парк Маврово.
Од друга страна пак, се’ почест е трендот на изградба на хидроцентрали низ планините, особено мали хидроцентрали. Во 2014 година, тогашната влада ги промени условите во огласот за изградба на 80 мали хидроцентрали, со што беше олеснета процедурата. За да се зголеми атрактивноста на локациите, беше променета фидинг тарифата, односно беа зголемени привилигираните цени на електрична енергија за малите хидроцентрали, а беше намален приклучокот на дистрибутивна мрежа. Со дотогашните потпишани 67 договори беа изградени 14 мали хидроцентрали. Истата година меѓу планираните енергетски инвестиции беа и браните Луково Поле и Бошков мост, чијашто изградба освен на домашен терен, предизвика бурни реакции и на повисоко државно ниво. Во март 2012 година, тогашниот министер за економија, Ваљон Сарачини потпиша 21 договор за концесии за мали хидроелектрични централи со 10 приватни компании, од коишто еден од претставниците на тие компании е сегашниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев. Тогашната опозициска партија СДСМ, критикуваше дека, малите хидроцентрали нема да придонесат за значајно намалување на зависноста на државата од увозна и вообичаено поскапа електрична енергија, за само неколку години подоцна да го постави приватниот сопственик на хидроцентрала за вицепремиер во владата.
Со ваквото градење на хидроцентрали на планините, освен што се врши експлоатација и приватизација на природните ресурси, исто така доаѓа до загрозување на ретките видови, како што е случајот со балканскиот рис.
Имено, една од причините зошто екологистите се спротиставија на изградбата на хидроцентрали во националниот парк Маврово, беше и опасноста за опстанокот на рисот.