СКОПЈЕ, 19.10.2017 – По неуспешните обиди да најде концесионер, којшто ќе инвестира во изградбата на новиот Луна парк, Град Скопје објави дека забавниот парк ќе се гради со средства од градскиот буџет, а вкупната проценета вредност за изградба, набавката на реквизити и нивното монтирање, ќе изнесува 6,5 милиони евра. Според Деталниот урбанистички план новиот забавен парк, ќе се гради на простор од 84.040 метри квадратни, додека пак стариот парк се протега на простор од 25.000 метри квадратни. Спорно е проширувањето на просторот, односно заземањето на уште поголем од стариот, за што веќе се исечени многу дрвја во градскиот парк, а пак уште по спорно е решението за прекин на проектот „Панорамско тркало“ на новиот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов тркалото да го премести во овој нов забавен парк, што всушност и не претставува прекинување на проектот, туку негово реализирање, само на друга локација.
Во 2015 година, кога Град Скопје се’ уште бараше приватно партнерство, односно концесионер, кој би инвестирал во изградбата на паркот, советниците на СДСМ ја поддржаа идејата за изградба на новиот Луна парк, меѓутоа упатија критики до тогашните власти, дека во моментот градот има многу поголеми проблеми, како што е загадувањето на воздухот и оти не е моментот за издвојување на 6,5 милиони евра за вакво нешто.
Во текот на предизборната кампања за локалните избори оваа година, веќе избраниот градоначалник на Град Скопје, Шилегов, најави стопирање и ревизија на сите градби од проектот „Скопје 2014“, меѓу кои и контроверзното Панорамско тркало, кое се гради во коритото на реката Вардар. Тој посочи дека, ваков објект ќе биде многу штетен за реката Вардар, чиешто корито е загрозено со сите дополнителни објекти кои се изградија, па затоа според него, не смее да се дозволи доградба на Панорамското тркало, туку тоа треба да остане со сегашната конструкција како пешачки мост, кој како што рече тој, „на оваа локација би бил добредојден“.
Шилегов исто така изјави дека, потпишаните договори со добавувачите и градежните компании внимателно ќе се разгледаат и доколку е можно тркалото би се поставило во новиот Луна парк, во градскиот парк во Скопје, кадешто според него, локацијата е посоодветна.
Ова значи дека, проектот Панорамско тркало нема да биде прекинат, 20-те милиони евра за овој проект ќе бидат дадени. Во 2016 година, тогаш опозициската СДСМ предложи, наместо изградба на ова тркало, овие државни пари да се вложат во гасификација на Скопје, а сега градоначалникот од истата партија, најавува продолжување на овој енормно скап проект.
Фактот дека во Градскиот парк постои Луна парк уште од 1973 е точен, меѓутоа негово проширување за уште 59.000 метри квадратни најверојатно значи узурпирање на огромнa зелена површина, уништување на зеленилото, како и трошење на многу државни пари.
Елитната власт гради за децата на богатата елита
Наместо изградба на нов скап Луна парк, со многу помалку пари можеше да се реновира стариот. Зошто ни’ е потребен нов поголем и поскап Луна парк, кога за децата од околните населби во Скопје, како и оние од провинцијата, нема соодветни школски услови, ниту пак квалитетни болници. Децата од скопската населба Шуто Оризари се гушат во ѓубре и смет, зашто општината, ниту пак Град Скопје не превземаат нешто за овој дел од градот. Тие немаат елементарни услови за живот, а не пак средства и можност да дојдат во новиот Луна парк. Но, секако, елитната власт гради за децата на елитата и привилегираните градски деца. Затоа, Панорамското тркало од 20 милиони евра, Шилегов ќе го смести во градскиот парк, кадешто ќе се забавуваат градските деца.
„Главниот забавен дел на паркот, ќе има два адреналински реквизити, 6 семејни и 18 детски реквизити. Во паркот, ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини. Во Луна паркот, во отворениот дел, ќе има влезна партија со билетарница, продавница за сувенири, ресторани, канцеларии за администрација, тоалети и гардероби за вработените, како и затворен мултинаменски објект со облик на школка“
Вака гласеше изјавата од Град Скопје во месец март оваа година. Според тоа што паркот ќе има повеќе реквизити од стариот, а ќе биде и нешто ново во градот, цените на билетарницата би биле повисоки. Но, ниту ова не е главниот проблем. Главниот проблем е што работата на новата влада, особено по локалните избори, се’ повеќе наликува на работата на претходната предводена од Никола Груевски. Продолжува трендот на водење на политики со кои се узурпираат јавните државни простори, кои припаѓаат на целиот народ, а не на одредена група на привилегирани луѓе. Понатаму, како што видовме и во предизборната кампања, и оваа власт најавуваше проекти и решенија, коишто се однесуваат на продолжување на трендот на доприватизација на и така малку останатото државно, овде е релевантен примерот со јавно – приватното партнерство, коешто во кампањата го поддржуваа скоро сите политички партии, освен партијата Левица. Интересно е како јавноста ги прифаќа старите политики на претходната власт завиени во нова форма без да се задре во суштината на проблемите.
Веќе се во тек градежните активности во Новиот Луна парк, а идејниот проект е изработен од приватната фирма „Билд урбан“ Дооел Скопје, а ќе го гради приватната фирма „Жикол“ одбрана на јавен оглас минатата година. Оваа фирма има рок од 22 месеци за завршување на градежните работи, а за тоа од скопскиот буџет ќе добие паричен износ од 1,6 милиони евра. Реквизитите во паркот, ќе ги набават и ќе ги монтираат фирмите „Боминг Оливер“ и „Ивама трејд“ за износ од 2,1 милиони евра, коишто исто така, се народни пари.
Текст и фотографии: Сенада Ибраимова