(Интервју) Марија Џонс: „Овие избори претставуваат одлична можност за влез во институциите, можност која насушно е потребана за левичарите да направат суштинска промена, а не замена“

 

Марија Џонс (Јонес) е една од двете кандидатки жени кои целат да станат градоначалнички на Градот Скопје. Работи како преведувачка, а во минатото работела и како младински новинар за култура во „Млад борец“ и „Студентски збор“. Работела, исто така и како келнерка, и како собарка, продавачка на рекламен простор во финансиско списание во Лондон, како учителка по македонски јазик за странци и англиски јазик во Скопје, но и како учителка по англиски јазик за странци во Мароко, Унгарија и Велика Британија. Во нејзината животна шареноликост влегуваат и една лепеза на дисциплини коишто гравитирале околу нејзиниот живот што ја претвориле во личност со изострен вкус и талент. Студирала драмска режија, право, компаративна книжевност, англиски јазик и ликовна уметност во Скопје и во Лондон.

Нејзините активистички политички ангажмани започнуваат со членувањето во Движењето за социјална правда „Ленка“ и продолжуваат со статусот член на Президиум на политичката партија „Левица“. На македонската јавност најдобро и’ е позната по брилијантните говори кои ги држеше за време на протестите против Законот за хонорарци во 2014 и 2015 година.

Влез во институциите, социјални станови и против дискриминацијата на граѓаните роми

Според Марија Џонс, овие избори, претставуваат одлична можност за влез во институциите и структурите на власта, можност којашто, како што вели таа, „за левичарите и за општеството е насушно потребна“. Иако минатата година Левица имаше доста големи шанси да влезе со мандати во Собранието на Република Македонија, тоа на крај не се оствари. Според Марија, ова се периоди во кои Левица како партија е во една константа на учење.

Како едно од најгорливите прашања за градот Скопје и за Скопјани, но и за сите македонски граѓани, претставува прашањето на цените на недвижностите и можните регулации. Последниве 12 години, миграциите од внатрешноста кон Скопје како економски и административен центар не стивнуваат, градби се градат постојано, меѓутоа, продажната цена на метар квадратен, но и на кириите не се намалува, туку напротив, постојано расте. Според кандидатката на Левица, „урбаната мафија“ е дефиницијата на оваа појава. Таа смета дека, високите цени се одржуваат на вештачки начин, затоа што дури и доколку пазарот ги регулира цените, истите се под различни фингирања. Од друга страна пак, цените на недвижностите во останатите градови во Македонија паѓаат дури и пониско од цената за изградба.

„Во нашата програма предвидуваме воведување на градски стручни тела кои ќе вршат еден вид технички преглед на новоизградените и реновираните згради, та дури и при секоја купопродажба, при што ингеренциите на тоа тело нема да се ограничат само на асеизмичноста, туку и на квалитетот на инсталациите, запазувањето на градежните стандарди и заштитата од пожари. Тоа би ја гарантирало безбедноста на становите и зградите, би спречувало градежен криминал и би ја полнело касата на локалната самоуправа без да мора таа да се потпира на урбаната мафија за приходи“, истакнува Марија во интервјуто за Гласник.

Според неа, ниските плати претставуваат голем проблем. Исто така, смета дека, субвенционирањето на младите во плаќањето кирии, а со тоа и станодавците, не претставува рентабилно решение. Според Марија, ова претставува решение, коешто не се разликува многу од субвенцијата на минималната плата со „нормиран учинок“, каде само работодавачот одредува и одлучува и како левичарка нема да ги поддржи и двете.

„Социјалните станови во многу западни демократии се ингеренција на локалната власт и често пати се искористувани од млади луѓе и семејства како прво и привремено скалило  во обезбедувањето домување. Кај нас нивниот број е многу мал и нивната изградба е во надлежност на АД СДП „од значење за републиката”, а ингеренциите на централната власт се се’ уште многу поголеми отколку на локалната власт. Би сакале да работиме на тоа бројот на социјалните станови да се зголеми и ингеренциите за нив да се децентрализираат. Наша понуда за младите и за нивната заработувачка би биле младинските задруги, како економски модел што би го поддржале и поттикнувале, како кај младите,така и кај останатите општествени групи а и основањето на еден вид младинска сервисна задруга поддржана од градските власти, преку која младите/студентите би можеле да наоѓаат привремена работа, при што би биле заштитени од неправедна експлоатација“, потенцира Џонс.

Шуто оризари е населба во која ромската етничка заедница е мнозинска заедница на локално ниво. Ромите се една од најдискриминираните етнички заедници во Македонија и пошироко. На локално ниво, градските и општинските власти не покажуваат подготвеност за инфраструктурни проекти во ромските населби. Проектот за атмосферска канализација од 2014 за општина Чаир не ја опфати Топаана поради банална причина дека биле потребни големи цевки. Во населбата не постои канализациона мрежа. Се чини дека во Скопје постои дискриминирање па дури и расизам кон нашите сограѓани Роми.

„Иако се сметаме за надетничка партија, за жал немаме членови Роми. Имаме само еден основач од помал град од Македонија. Како што ми објаснуваше еден Ром вработен во една од меѓународните организациите во Скопје, ромските партии се однесуваат како да ги поседуваат Ромите, во феудална смисла, буквално“, вели таа.

Таканаречената „декада на Ромите“ не причинува некаков потенцијал за промени во животот на ромите во Македонија

„Е сега, ако прашувате дали ние имаме волја да сториме нешто барем делумно  да им ги подобриме условите за живот на луѓето во ромските населби, а кои се во надлежност на градските власти, одговорот е да. Но, тешко е да се даде конкретно ветување кога немаме членови Роми кои би ги кандидрале за  советници во општинските совети директно надлежни за тие населби и кога знаеме дека директивите озгора надолу најчесто се разводнуваат коруптивно во едно големо ништо“, додава Џонс.

Мораториум на сечење дрва и дошумување на паркот Гази Баба, „Здравјето пред профитот“ треба да важи за цело Скопје и нужната потреба на урбаните заедници

Џонс верува дека бурата од ветувања за изградби на луна парк и нова спортска сала со кои би се уништило дел од зеленилото, едноставно претставува лоша навика на постојани ветувања дека нешто ќе се гради. Изградбата на различни видови на спортски објекти не го подигнува нивото на квалитет на истото. Издигнувањето на еден клуб на потребно ниво, особено клубови кои не се во приватна сопственост претставува приоритет. Таа не ја гледа улогата на Луна паркот како приоритетна, особено во период на големо загадување на Скопје.

„Ние се залагаме и за проширување на Градскиот Парк, згора на мораториумот на сечење големи здрави дрва во Скопје, како и за стручно допошумување и на паркот Гази Баба и оздравување на паркот шума Водно“, потенцира Џонс.

Таа смета дека, платформата „Здравјето пред профитот“ на граѓанската иницијатива Во Одбрана на Дебар Маало треба да важи за цело Скопје, а не само за Дебар маало. Затоа што, како што вели, „градежната мафија не оперира само во Дебар маало, туку низ цело Скопје“.

„Нема потреба урбаните заедници да се заживуваат од горе надолу. Луѓето се свесни за потребата од овој вид организација, иако локалните градски власти ја спречуваа и оневозможуваа можноста граѓаните да носат одлуки на локално ниво. А што се однесува до „пошироката” слика повторно (ха!), урбаните заедници би требало да бидат каналот преку кој ќе се консултираат граѓаните за сите претстојни зафати и промени во нивното соседство, а исто така, тоа ќе ја зголеми и одговорноста на самите урбани заедници, па можеби нема да се подбива со нив како да се шега“, вели таа.

Зачувување на пазарите, мораториум на градежни активности и безбедна куќа за жртвите од семејно насилство

Пазарите, кои во последно време се мета на инвеститори и чие постоење е загрозено, го претставуваат срцето на градското живеење, смета кандидатката на Левица за градоначалник. Борбата, да се зачуваат пазарите го опфаќа и доменот на лична борба за нивно зачувување.

„Пазарската размена на стоки и пари е прастара и многу непосредна и демократска, дури и би ја проширила за време на еден ден од викендите, доколку има интерес за тоа, и по улиците на скопските маала, на кои за таа цел би се затвориле за сообраќај, и сите би можеле да продаваат, не само земјоделски производи, туку и домашни производи, ракотворби  и друго, со мал надомест за изнајмување тезга за да се покријат трошоците на организирањето и чистењето. Тоа би придонело и за поттикнување  на создавање на мали социјални јадра за дружење по маалата“, истакнува Џонс.

Според неа, едно од решенијата за високата загаденост во Скопје, којшто минатата година беше втор по ред најзагаден град во Европа, (додека првиот е Тетово), е мораториум на градењето, но ова не претставува долготрајно решение.

„Градот тука ќе мора да се мобилизира целосно, за тој период на мораториумот да не трае предолго, со што би се избегнале можните негативни последици врз животите на граѓаните. Најчесто градовите со големо раслојување помеѓу богатите и сиромашните претставуваат најчесто најзагадени градови во светот. Каиро, Њу Делхи и др., се едни од најзагадените средини во светот. Иако е едно од најтешко решливите прашања сепак значаен е обидот за негово решавање дури и во една средина како нашава. Проблемот има системска природа, меѓутоа една микро-градска мерка која би опфатила многу ранливи социјални групи занемарувани досега од властите, би била отскочна даска за решение на истото“, смета таа.

Џонс пренесува дека, Левица предложува да се отстапи зграда која би била мултифункционална. Според идеите на партијата тоа би било безбедна куќа за жртвите на семејно насилство, која би била опремена со примена на начелото на корпоративна одговорност, што во земјава некако не функционира, а особено кога ќе се земе предвид дека Скопје е средиштето на економската активност во земјава и седиште на големите корпорации.

Освен сместување за жртвите на семејно насилство и  социјално загрозени самохрани родители, во истиот објект би имало и  професионална ХАСАП кујна (повторно опремена со примена на начелото на корпоративна одговорност) во која невработените од погорните социјални групи би работеле во задруга за да приготвуваат оброци за бездомници и други ранливи групи, како и зимница и оброци за продавање.

Нелегалните градби и паркинзите како сериозен проблем на урбано Скопје

Според Марија Џонс, нелегалните градби во Скопје, паркинзите и проектот „Скопје 2014“, претставуваат едни од нерешените и сериозни проблеми за градот.

„Ете, Скопје 2014, прво би го проверила. Дали е безбедно градењето во и до коритото на Вардар, дали зградите се изградени според прописите и безбедни. Исто и со  другите нелегални градби. Нелегалните градби не би ни требало легално да користат услуги на градските јавни претпријатија како Водовод и канализација, на пример, и би можеле да бидат ислучени“, вели Џонс.

„Паркирање на тротоар е проблематично. Од немањето на емпатија со возачите страдаат сите пешаци. Приоритетот се става на оние места на коишто им е итно потребна помош и регулација затоа што движењето и паркирањето на возилата е поради вршење на економска дејност и снабдување на градот. Општинските редари кои би казнувале поради погрешното паркирање и попречување на сообраќајот и останати комунални прекршоци би бил еден од чекорите за регулација и обезбедување на јавен простор за сите.  На таков начин би се решил и проблемот со пренатрупаната администрација, која не може да се отпушти, но може да биде пренаменета како горенаведените редари и контролори, со еден збор организатори на системот“, додава таа.

|2017-10-12T09:52:26+00:0012 октомври 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|