Што треба работниците да знаат во врска со „нормираниот учинок“

ШТИП, 05. 10. 2017 –  Денес, на официјалната фејсбук страница на Гласен текстилец беше објавен текст со мотивирачки поенти околу законот за минимална плата и делот на „нормираниот учинок“. Објавата може да се смета и како неформално упатство за работниците за тоа со какви опструкции можат да се соочат и на каков начин да реагираат и да се заштитат.

„Нормата треба да биде донесена во договор со работодавачите и работниците. Знам дека мислите дека нема да функционира, но мора да се потрудиме. Нормата која ќе биде договорена треба да можат да ја извршуваат 80% од работниците. Бидејќи фирмите ќе бидат субвенционирани од страна на државата, тоа значи дека работодавачите се должни да го задржат бројот на работници една година по субвенционирањето. Значи ако за еден работник, работодавачот добил субвенции во септември 2017, не смее да му даде отказ до семтември 2019, во спротивно ги враќа назад парите кон државата. Ако инспекторатот утврди дека работодавачот не исплатил минимална плата, со решение му се дава наредба да исплати во рок од 8 дена. Доколку не исплати, се поведува прекршочна постапка. Ако прекршок се повтори во рок од една година, се дава забрана за работа и прекршочна постапка и исплата на плата. По забраната за работа, работодавачот не смее да го намали бројот на вработени во следните 3 месеци“ истакнуваат од Гласен текстилец.

Доколку работодавачот не утврди нормиран учинок и не издаде потврда за нормиран учинок, висината на казната е 3000 евра. Додека пак, за неисплаќање на минималната плата, висината на казната за работодавачот е 6000 евра.

Од Гласен текстилец ги повикуваат работниците да алармираат за тоа како се спроведува законот. Во исто време, да не потпишуваат здраво за готово договори или какви и да се документи, со цел да се одбегне и усниот отказ, затоа што истиот не е дел од законот.

Тука голем дел од одговорноста за заштита на работниците паѓа врз плеќите на Државниот инспекторат за труд кој во минатото беше многу незаинтересиран во однос на прекршувањето на работничките права.

Минатиот месец, беше Собранието на Република Македонија изгласа измени на законот за минимална плата. Во рамки на законот се предвидува и спорната одредба „нормиран учинок“ за која синдикалните работници и активистите за права на работниците сметаат дека е уште една замка минималната плата да не се исплаќа.

|2017-10-05T15:21:53+00:005 октомври 2017|Актуелно, Економија, Некатегоризирано|