Во очи на изборите закажани за 15 октомври, Австрија воведе забрана за исламскиот вел – бурка. На изборите се очекува значителен резултат за анти-имигрантските партии на екстремната десница.
Потегот на центристичката влада на Кристијан Керн се смета дека е наменет за преземање на гласачкото тело од партиите на екстремната десница. Но, со тоа ефективно настанува скршнивање во десно на политичкиот центар!
Екстремно-десничарската Партија на слободата се очекува да го освои второто или третото место на изборите. Тоа може да значи и коалиција со десно-центристичката Австриска народна партија, на Себастијан Курц.
Според анкетите, тврдата анти-имигрантска линија на Курц му овозможила значително прелевање гласови од Партијата на слободата.
Во јануари министерот за надворешни работи, Себастијан Курц, изјави дека целта на ова е Австрија „подобро да ги интегрира оние мигранти на кои им е дозволено да останат”.
Законот е наречен „Забрана за покривање на лицето“ пропишува казни од 150 евра за негово прекршување. Ќе има одредени исклучоци „под одредени услови”, како маски за кловнови, медицински маски, марами во ладни временски услови, објавија владините власти. Ограничувањата според нив се спроведуваат за да се обезбеди „кохезија на општеството во отворено општество”.
Rules of Austria's burka ban (from Oct 1). Top row: allowed, 2nd row: under certain circumstances, 3rd row: banned. https://t.co/1v2LmgZNeQ pic.twitter.com/rRtPWxYjjp
— Jeremy Cliffe (@JeremyCliffe) September 21, 2017
Од 1 октомври исто така имигрантите ќе бидат приморани да потпишат „интегративен договор“ заедно со задолжителни курсеви по германски јазик и „вредности“.
Против законот истапија голем број граѓани и движења, вклучително и самиот претседател на Австрија, Александер Ван дер Белен, кој изјави: „секоја жена има право да се облекува како сака“.
Законот ќе се однесува само на 150 жени кои носат бурки во Австрија – тоа се 0,3% од австриската муслиманска популација и 0,002% од вкупната популација. Ова само покажува дека станува збор за типично десничарско поттикување омраза / страв кон малцинствата.
Ова не е изолиран проблем. Како последица од економската криза во 2008 година која ги покажа „фабричките грешки“ на Европскиот проект, екстремната десница успева да придобие значителна подршка низ Европа преку анти-имигрантска, националистичка и расистичка реторика и политики на омраза и поделби.
Австриската народна партија доживеа голем подем откако на нејзино чело дојде 31 годишниот Себастијан Курц. Тој го фати бранот на јавното незадоволство и страв, успешно преточувајќи ги во политички успех за својата партија. Како министер за надворешни работи, тој беше најактивен во затворањето на Балканската рута и во подршката за балканските авторитарни лидери, меѓу кои и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
Срцевината на екстремно-десничарската пропаганда лежи во митот дека муслиманите ќе ја освојат Европа и дека претставуваат закана за европскиот начин на живот и култура. Токму овој ирационален наратив стана средиште и на македонската сестринска партија на Австриската народна партија – десничарската ВМРО-ДПМНЕ. Во очи на локалните избори, централната тема за оваа партија е „спасот“ на земјата од бегалците кои наводно ќе биле населувани во Македонија.