Текстилните работници од Веибо Груп денес повторно на штрајк, ќе ја чуваат фабриката од сопственикот, да не го изнесе инвертарот

КРИВА ПАЛАНКА, 02.02.2018 – Тектилните работници од фабриката Веибо Груп, којашто е во сопственост на турски бизнисмен, денес повторно ќе протестираат со блокади на улици во Крива Паланка, со цел да им бидат задоволени прекршените работнички права. Вчера тие ја блокираа улицата пред фабриката, а истото ќе го направат и денес. Тие велат дека „ќе држат око над фабриката“, со цел сопственикот на фабриката, Иршад Мустафа Канџа да не се обиде да го изнесе вредниот инвертар одвнатре. Тие вчера од катастарот извадија листи од инвентарот, а ангажираат и адвокат за да изејствува времена мерка со цел да се пломбира и попише целата фабрика

На околу сто работници деновиве им беа прекинати работните договори во фабриката Веибо Груп во Крива Паланка. Оваа работничка голгота доаѓа само два месеци подоцна откако турскиот бизнисмен отпушти други сто вработени на почетокот на месец декември 2017 година. Отказни решенија добија сите вработени, освен административниот кадар, којшто е од Турција. На работниците, коишто се соочени со отпуштање од работа не им се исплатени придонеси 3 месеци уназад. Тие сега на улица си ги бараат своите работнички права.

Надлежниот инспектор од трудовиот инспекторат, пред еден месец бил во фабриката, меѓутоа не константирал кршење на работнички права. Работниците сега го обвинуваат дека, не си ја врши работата.

Работниците велат дека, извесен Александар Стојановски, којшто фигурирал како шеф на смена во фабриката, вреѓал работнички, ги бркал од работа, а истиот не бил ниту на платен список, ниту пак вработен во фабриката. Истиот тој Стојановски, пред еден месец кога дошол надлежниот инспектор во фабриката, го тргнал настрана и оттогаш инспекторот повеќе не дошол во фабриката. Сега, пред работниците тој дава изјави од типот дека, „инспекторатот за труд не може ништо да направи во врска со неисплатените плати“.

Градоначалникот пак на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, вели дека, ќе направи напори штетата на работниците да биде надоместена, но од друга страна на работниците им сугерира да не си ги бараат своите работнички права со штрајк на улиците, туку ги убедува дека, тоа требало да се направи институционално, оти според него, протестирањето на улица „не било пристојно“. Ова е начин да се влијае врз работничниот револт и обид да се разубедат работниците да не си ги бараат своите права. Во конкретниов случај, власта ги разубедува работниците да не се борат за своите права, притоа штитејќи ги сопствениците, односно бизнисмените. Меѓутоа и покрај ваквите изјави, текстилните работници од Веибо Груп и денес од 10 – 12 часот, ќе блокираат улица пред фабриката. Тие велат дека „ќе држат око над фабриката“, со цел сопственикот на фабриката, Иршад Мустафа Канџа, да не се обиде да го изнесе вредниот инвертар одвнатре. Тие вчера од катастарот извадија листи од инвентарот, а ангажираа и адвокат за да изејствува времена мерка со цел да се пломбира и попише целата фабрика.

Штрајкот на работниците го поддржа и партијата Левица со присуство на членови од локалниот огранок