И Заев се откажува од случајот „Монструм“, ќе решеле судовите

СКОПЈЕ, 13. 09. 2017 – Во вторникот, по четврт пат беше закажана јавна седница на Врховен суд за предметот „Монструм“. Седницата по четврт пат беше одложенa. Како причина се наведува расипаното затворско комби од штипскиот затвор со коешто требало да биде пренесен еден од осудените.

Шестмина од обвинетите за случајот „Монструм“ во 2014 година беа осудени на доживотни казни за тероризам. Неколку месеци после пресудата, лидерот на тогашната опозиција Зоран Заев во серија интервјуа нагласи дека осудените всушност не се виновни и дека правосудството е корумпирано и е инструментализирано од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ а случајот монтиран.

Предметот за случајот „Монструм“ требаше да падне во рацете на СЈО. Меѓутоа, специјалната обвинителка изјави дека нема увид во предметот, затоа што соработката со ОЈО не била на оптималното ниво, додека во допис до јавноста од ОЈО пренесоа дека СЈО не го ни побарале овој предмет од нив.

На синоќешната дебата во емисијата „Отворено“ на Тв 24, на Премиерот на Република Македонија Зоран Заев му беше поставено прашање за случајот „Монструм“. На прашањето одговори доста контрадикторно со некои негови изјави дадени во минатото во врска со овој случај. Тој, во 2015 година, во изјава за Дојче Веле, истакна дека седумтемина осудени за случајот „Монструм“ се невини.

На прашањето зошто извршната власт не преземе чекори за решавање на овој проблем, премиерот Заев со непомирлива изјава со изјавите пред две години.

„Во делот на „Смилковско езеро“, се и како политичар, и како претседател на опозициона партија и носител на проектот „Вистината за Македонија“ и како премиер сум направил во тој случај. Јас не сум тој што треба да каже кој треба да биде ослободен или треба да биде затворен. Но, тоа го кажувам, дека сум направил се, дека и во овој случај правдата ќе дојде по постапки како што се опишани во правната регулатива во Република Македонија“  кажа Заев на синоќешната дебата .

Дали може да се очекува правна разрешница во Македонија за случајот „Монструм“, е една од дилемите кои се наметнуваат после исказот на премиерот во врска со довербата којашто тој ја припишува на судството во Македонија. Земајќи предвид дека само до пред три месеци судството и обвинителството од страна на сегашниот премиер и неговите сопартијци од највисокото раководство беа нарекувани „Сваровски“, се наметнува и прашањето дали за три месеци поткупеното судство станало справедливо.

По затворите во Македонија, многу граѓани ги живеат своите најлоши кошмари. Често институциите и органите на прогонот на произволен начин доаѓале до „решенија“ на различен вид на злодела, со што многу човечки судбини завршиле позади решетките на македонските затвори. И по сто дена нова влада, некои бирократски и логистички опструкции продолжуваат со истото темпо и динамика како и претходно.

|2017-09-13T13:15:09+00:0013 септември 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|