На 16. и 17. септември, ќе се одржи работилница за подигнување на свеста за културните и општествени придобивки од подзаборавеното наследство од НОБ

Линк до повикот за настанот

СКОПЈЕ, 04.09.2017 – На 16. и 17. септември, во просториите на Социјалниот Центар „Дуња“, во организација на Левичарското Движење „Солидарност“, ќе се одржи работилница  за изработка на дизајн на сувенири, постери, маици, беџеви, накит и друг промотивен материјал за споменичното наследство во Македонија од периодот на Народно Ослободителната Борба (НОБ, 1941 – 1944). Ден пред работилницата, ќе биде организирана посета на неколку споменици во Скопје, Костурницата во Велес, Могилата на непобедените во Прилеп, како и Музејот на НОБ и Македониумот во Крушево

Од ЛДС „Солидарност“ информираат дека, целта на оваа работилница е, да се подигне свеста за уметничките, културните и општествените придобивки од подзаборавеното наследство и можностите за креативен дијалог со оваа оставнина.

Овој настан ќе се одржи од 15. – 17. септември. За првиот ден, односно за 15. септември е планирана посета на важни обележја од периодот на НОБ. Ќе бидат посетени неколку избрани споменици во Скопје, Костурницата во Велес, Могилата на непобедените во Прилеп, како и Музејот на НОБ и Македониумот во Крушево. Следните денови, односно на 16. И 17. во просториите на Социјалниот Центар „Дуња“, ќе се одржи работилница , а ќе ја водат Дафина Џепароска, Нита Муча и Зоран Кардула. На 17. септември, во 19 часот, ќе се одржи тркалезна маса на тема „Непристојни споменици – што да се прави со социјалистичкото наследство?“, а ќе бидат презентирани и изготвените дизајни од работилницата.

ЛДС „Солидарност“ дополнително, ќе организира промотивна изложба на реализираните дизајни и истите, ќе бидат презентирани на настани во заедничките простории на С.Ц. „Дуња“. Во соработка со своите партнери СФ:иус – Загреб, Хрватска, „Група архитекта“, Белград, Србија, Историски музеј на Сараево, БиХ и Музеј на Модерна уметност Љубљана, Словенија, коишто ја сочинуваат платформата за истражување на „Непристојните споменици“, ќе ги промовираат резултатите од работилницата и реализираните дизајни и продукти надвор од границите на Македонија.

Од ЛДС „Солидарност“ информираат дека, бројот на учесници ќе биде ограничен на 15 лица. Тие во својот повик ги охрабруваат заинтересираните самостојни уметници, дизајнери, производители на ракотворби, како и студенти, да се пријават на оваа работилница. Учеството во работилницата е без котизација, односно учесниците нема да сносат никакви трошоци. Рокот за пријавување е до 8. септември, а поканите за учество, ќе бидат доставени до 10. септември.

Состојбата со спомениците, обележја на загинатите борци, предводени од припадници на КПМ и СКОЈ за време на НОБ, како во Скопје така и низ целата држава е доста лоша. Постоечките се запоставени, некои од нив искршени, а некои дури отстранети. Таков е случајот со споменикот во чест на десетмина стрелани скопјани на 13. ноември 1944 година, којшто се наоѓаше на крајот од Камениот мост, на десната страна, во правецот на влезот на скопската чаршија. Овој споменик исчезна во периодот помеѓу 2010 – 2012 година, за време на градежните активности за проектот „Скопје 2014“. Во 2014 година, група граѓани направија акција за враќање на споменикот, при што изработија импровизиран картонски споменик и го поставија на местото, кадешто порано се наоѓаше оригиналот.

 

|2017-09-04T12:56:59+00:004 септември 2017|Актуелно, Вести, Култура, Некатегоризирано|