Современото општество е општество на постојано создавање вишок вредност, двојно зголемен труд, иако извесниот техничко технолошки развој требаше да не одведе кон спротивното. Имено во основата на човековиот дух е избегнувањето на работата, односно работење колку што е потребно, за да се задоволи општествениот минимум. Човекот својата трудова историја, ја започнува преку едноставните задачи за обезбедување храна и одгледување на семејството. Со понатамошниот историски развој, доаѓа до специјализација на трудовите задачи, па се јавуваат и одделните професии. Се појавува и феноменот „пари“. Парите во условна смисла, се безвреден метал или хартија, со кои може да се купи извесна количина од нешто. Токму големината на таа извесна количина од нешто, ја дава паричната вредност. Со развојот на монетарната економија и изумирањето на натуралните економии, основен начин за вие да опстоите е да имате пари и со тие пари да купите извесна количина на нешто. За да се обезбеди тоа, вие треба да го продаде вашиот труд на пазарот за труд. Доколку во минатото економијата била самозадоволувачка и изискувала мала количина на труд, економските односи во Новиот и Најновиот век, изискуваат што повеќе труд за единката едноставно да може да опстои. Во тој контекст, трудовото воспитание се вкоренува од најмали нозе во формата „живеј за да работиш“, додека претходната самодовoлна епоха може да ја опишеме со синтагмата „работи за да живееш“. Макс Вебер низ своите дела посветени на проучувањето на духот на капитализмот одлично ја нотира улогата на „протестантскиот култ кон трудот“ кој ултимативно доведе до создавање на современото индустриско и постиндустриско општество. Индустриското општество пак е обоено со капитализмот. Капитализмот како идеја се формира врз култот на трудот, индивидуализмот, односно една себељубива идеја за континуирано создавање на вишок вредност. Вишокот на вредност по правило не завршува кај оној што го создава, туку кај оној што ги поседува средствата за производство. На овој начин човекот влегува во еден вртлог, во кој постојано создава вишок вредност и подеднакво толку, постојано губи дел од себе.
Претходно изнесениот е сосема крут и краток преглед на историјата на трудот, но сепак не е процес кој еднакво се одвива во сите делови од светот. Доколку се тргнеме од европоцентричното гледиште, лесно ќе согледаме дека делови од некогашната Османлиска империја, Империјална Русија, Австро-Унгарија, Британската Империја итн. во тој стил, односно сите останати народи надвор од Западна Европа, немаа ист и еднаков економски развој со Западот. Најголем дел од светот остана заробен во рамките на традиционалните самодоволни аграрни економии, додека Западот црпејќи неумерено токму од тие традиционални колонии, доживеа индустриски и економски подем. Економскиот подем е основата за развојот на целокупниот општествено политички систем!
Македонија како дел од Османлиската Империја, па потоа дел од Царството Бугарија и Кралството Југославија, остана во рамките на самодоволната аграрна економија со векови. Од тука како што беше изнесено трудовите задачи, па и менталитетот на човекот, беа сосема различни од „култот на трудот“ на Запад. Извесна промена настапи во периодот 1944 – 1991 година кога Македонија се индустријализирала и настапил процес на акумулација на капиталот за прв пат дотогаш, иако особено е иронично што тоа се случуваше во социјалистички систем. Несреќата која ја снајде социјалистичката идеја, беше фактот што таа се овоплоти онаму каде што никој не очекуваше. Македонија како подрачје немаше развиена индустрија ниту развиено аграрно стопанство, од тука немаше ни менталитет за социјалистичката идеја. Социјалистичката идеја во суштина претставува реорганизација на капиталистичкото општество, комплетно видоизменување на производните односи, со цел работниците да го извлечат максимумот за својот вложен труд. Во Македонија, немаше што да се реорганизира, бидејќи ништо до тогаш не беше ни организирано во капиталистичка смисла.
Семејствата во овој прв бран на индустријализација кој дотогаш го посведочиле, се соочија со навистина големи промени. Родителите веќе не работеа по полињата, туку имаа свои работни обврски во индустриските претпријатија и бирократскиот апарат. Голем дел од населението се префрли да живее во град, додека селата се празнеа. Ова ситуација изискуваше и нов модел на воспитување на децата. Имено за прв пат во нашата историја, се отворија градинки и образованието за прв пат стана задолжително. Од тука се креира слободно време за мајките кои за прв пат можеа да го напуштат домот и да имаат своја професија. Женскиот труд во минатото најчесто беше врзан за домот и домашните обврски. По 1944 година жената се трансформира во трудов специјалец од современ индустриско – капиталистички тип. Децата пак, беа сместувани во детски градинки, а потоа посетуваа училиште. Поради организираното работно време врз принципот „8 часа работа, 8 часа култура и 8 часа сон“, вработените родители имаа сосема доволно време да одвојат за воспитување и одгледување на децата. Воспитувањето и грижата за децата во домот имаат круцијална улога во развојот на детето. Преку интеракцијата на детето со родителите, на детето со други деца и воопшто човековото општество, тоа се социјализира, развива социјална и емоционална интелигенција, развива фина моторика. Накратко кажано, го развива во целост потребниот емоционален, физички и умствен потенцијал за преживување. За детето да има посветени родители, родителите треба да имаат извесна општествена стабилност, сигурни примања и пред и над сè доволно примања за на детето да му ги обезбедат нужните елементи за преживување. Сè ова во поранешниот социјалистички општествен систем се гарантираше од државата, која посветуваше особено внимание дури и на овие ситни и занемарливи нешта. Ниту семејството е ситно нешто, ниту е занемарливо, но денешната дехуманизирана перцепција не ги смета за релевантни. Профитот е главната цел на современиот човек!
Периодот по 1991 година историски е одбележан со урнисување на сè постоечко од индустриски потенцијали до општествени норми и вредности кои ги создал социјалистичкиот систем. Македонија тргна по забрзан пат да се вброи во современите либерални капиталистички земји. Патоказот за патувањето до целта – либералната пазарна економија, се најде во моделот на Милтон Фридман, кој накратко може да се опише со синтагмата „Приватизација на сè постоечко“. Некогашните вработени кои имаа цврста општествена стабилност, наеднаш ја изгубија. Ги изгубија работните места, а тоа пак доведе до ситуација да ги изгубат домовите, а севкупно земено, работниците потонаа под работ на било каква форма на „прифатлива сиромаштија“. Комплетниот економски систем потона, додека мал дел станаа екстремно богати. Сите останати се трансферираа во една категорија која ние ја перципираме како средна класа. Дури и таа перципирана средна класа, стоеше на стаклени нозе, со текот на годините се повеќе тонеше, за во денешницата да се утврди фактот, дека македонскиот работник е сиромашен. Тоа е една специфична парадигма, односно екстрема на капитализмот, вработен, а сиромашен. Денешните родители се соочуваат со фактот дека работењето една работа, дури и во услови кога двајцата родители се вработени не им обезбедува егзистенција, односно не им ги задоволува потребите. Соочени со оваа реалност тие вложуваат двојно и тројно повеќе труд од нивните предци само за да обезбедат минимум егзистенција за себе и своето семејство. Под егзистенција на едно семејство не треба да се подразбира само обезбедување на храна и облека и дом, иако тоа речиси за 50% од македонското население е фантазија. Фантазија е да имате доволно храна, облека и дом! Останатите културни и образовни потреби се веќе далека идеја. Според истражувањата на УНИЦЕФ од 2018 година, 40 % од детската популација на возраст од 0 до 17 години се во ризик од детска сиромаштија. Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштијата на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2020 година е 20.7 %. Според најфреквентниот статус на економската активност, стапката на сиромашни вработени лица е 7.9 %, додека стапката на сиромашни пензионери е 7.0 %. Коефициентот на Џини (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) изнесува 31.4 %. Галопирачката инфлација со која се соочува дополнително ги притиска и онака сиромашните македонски работници. Според ССМ минималната синдикална потрошувачка кошница за месец јуни била 39 710,37 денари. Ова вредност е далеку од реалноста, бидејќи се зема „просечно“ семејство кое има свој стан, нема автомобил, е во одлично здравје, нема дефекти во домот, кредити и дополнителни трошоци. Една навистина идилична, но нереална ситуација. Реалната состојба на трошоците по домаќинството веројатно надминуваат 50.000 денари, особено ако семејство живее во стан под наем. Сумарно кажано, работниците вложуваат двојно и тројно поголем труд, а за возврат немаат услови за егзистенција се отуѓуваат од себе и од семејството. Животот на работникот е сведен на голиот минимум, живее за да работи, а со работата едвај може да се нахрани. Претходно изнесената ситуација е жестока капиталистичка екстрема „вработен, а сиромашен“.
Цехот за оваа ситуација го плаќаат сите, но најовоочлив е кај децата. Родителите презафатени и преуморни од борбата за егзистенција, ги запоставуваат децата. Ова запоставување не е она под кое се поима само неухрането дете, иако огромен процент на деца живеат подолу од мизеријата. Денес еден дел од децата имаат благодарение на неизмерениот родителски труд, колку толку услови за живот, но немаат внимание и комуникација со родителите. Евтиниот пристап до техника од секој вид изроди нов феномен. Феноменот на новото доба – Паметен (анг. Smart) уред воспитувач. Телефонот или таблетот не се само проста алатка за комуникација и работа. Тие преземаа улога и на воспитувачи. Феноменот сепак не е нов, туку надграден односно технички понапреден. По експанзијата на телевизијата во САД, родителите кои се прекршуваа работејќи повеќе од една работа за да обезбедат минимум живеачка и дом, децата ги оставаа пред телевизорот. Секое дете од раѓање има право на топол дом, храна, родителска грижа, образование, здравствена грижа и игра. Во услови кога двајца вработени родители со две плати не можат да го овозможат тоа, принудени се да работат повеќе. Дополнителната работа го ускратува периодот кој треба да се поминува со детето, родителите потоа се изморени, па најлесно е да им се даде моментална забава на децата во вид на телевизија, телефон, таблет. Детето ќе изминува долго време пред екран и ќе е мирно. Ваквата постапка е истоветна со онаа на нашите стари, кои им давале опиум и вино на децата, за да спијат додека родителите работеле по беговските чифлици. Работата сепак не е единствен изговор. Соочени сме и со проблем на незаинтересирани родители, односно родители со пренагласен индивидуализам. Семејството како појава е колективен систем, како и целокупното општество. Поинаку кажано секој треба да даде дел од себе, за целината да функционира. Денес сакајќи да го совладаме духот на капитализмот, енормно многу се воспитуваме во духот на индивидуализмот. Во неможност да се развиеме во капиталистичка смисла, ние секогаш се фаќаме за секвенци и ги обликуваме. Основата на капитализмот е „живеј за да работиш“ и „од стоката се вади сало, а од луѓето пари“. Овие постулати се особено спротивни со нашата традиционална економска култура која не воспитува „работи за да живееш“. Конфликтот на овие два различни модели на битисување, доведе до формирање амалгам, краен индивидуализам дури и во рамките на колективна заедница, водејќи се од правило „јас да имам“ без да се увиди дека тоа особено многу штети. Во рамките на семејството, цехот на претераниот родителски индивидуализам го плаќаат децата. За родителите да уживаат сами со себе, на децата ќе им ги дадат електронските уреди. Нивна должност е децата да се најадени, напиени, а тоа што децата ќе имаат проблеми со говор, проблеми со емоционалната и социјалната интелигенција, фината моторика, не претставува никаква грижа. Денес општеството создало социјални односи кои ги детерминира децата да бидат запоставени во воспитно – емоционална смисла! Општество кое оди кон човеково уништување, општество кое да го следи хуманистичкиот дискурс, а ги негира луѓето е лага, кажано во стилот на Пауло Фиере.
Современото општество ги негира луѓето, ги третира како своевидни машини за создавање вишок вредност, притоа не давајќи им ни минимум егзистенција. Таквиот експлоатирачки однос е смрт за цивилизацијата. Човек отуѓен од себе, човек со емоционални и когнитивни пречки, човек необразован, човек неспособен за емоција, човек на кој му го одзеле правото да биде ЧОВЕК. Ваква е иднината на хиперконсумеристичката пазарна економија, иднината на цивилизацијата со капиталистички општествено производни односи. Реалност во која пристапот до литература, пристапот до сè е прилично лесен, но никој нема време, ниту помислува да посегне по „себеактуализација“, степен на највисок развој на личноста според Маслов. Ние веќе сме цивилизација во изумирање, биејќи цивилизацијата ја чини човекот во својата полна слобода и хуманистички израз. Дехуманизираниот свет, отуѓениот човек, запоставените деца, сиромаштијата се само одлика на нефункционално општество, а кажано на светско ниво, нефункционална цивилизација која умира.
Васко Гичевски
Ставовите изразени во текстот не нужно ги отсликуваат ставовите на редакцијата на „Гласник“.