На денешен ден, во 1936 година, е убиен социјалистичкиот поет Федерико Гарсија Лорка. Егзекутиран е откако е изнесен од затвор во кој бил затворен, со наредба на Франковите милитантни служби. Една од причините за неговата смрт се смета дека е неговата сексуална геј ориентација.
„Секогаш ќе бидам на страна на оние кои немаат ништо и кои немаат шанса да уживаат во мир“ истакнува Лорка.
Роден во Гранада, детството го поминува во родниот во дружба со Ромите (Цигани), Арапите, Евреите и сите останати жители на тоа место. Искуството со нив станува еден од мотивите за пишување и усвојување на идеите за слобода. Студира филозофија, литература и право. Пишува песни и драми.
Посмртните останки сеуште не се пронајдени.
Во прилог, објавуваме една од најзначајните песни на Лорка напишани за неговиот пријател тореадор Игнасио Санчес Мехијас.
Тажачка за Игнасио Санчес Мехијас
(Llanto por Ignacio Sanchez Mejias)
-
Присутно тело
Каменот е чело каде соништата тажат
без извиена вода ни чемпреси замрзнати.
Каменот е рамо времето да се носи
со дрвја од солзи и панделки и свеќи.
Ги видов дождовите сиви што јурат кон брановите
кревајќи ги своите нежни и изрешетани раце,
за да не бидат совладани од испружениот камен
што им ги разврзува удовите не впивајќи ја крвта.
Зашто каменот ги збира семињата и облаците,
костурите на ветрушките и волците на примракот;
но не пушта ни звук, ни кристали, ни оган,
туку само арени, арени и само арени без огради.
Врз каменот е веќе Игнасио благородникот.
Веќе е свршено. Што е? Лицето погледајте му го:
смртта го покори со бледи сумпори
и му намести глава од мрачен минотаур.
Веќе е свршено. Дождот му пробива в уста.
Воздухот како улав ги напушта неговите гради,
а Љубовта, натопена од солзи снежни
се грее на врвот од стадата.
Што велат? Гнилата тишина починува.
Ние сме тука пред телово што исчезнува,
пред овој облик сјаен славеи што беше сиот
а што се исполнува сега со длабнатини бездни.
Покровот кој го тутка? Лага е тоа што вели!
Тука не пее никој, ниту плаче во аголот,
ни боде со мамузите, ни змијата ја плаши:
тука не сакам ништо, само очите јасни
за да го гледам телово за кое починка нема.
Јас сакам тука да видам луѓе со тврд глас.
Такви што скротуваат коњи и совладуваат реки:
луѓе чиј скелет ѕвечи и пеат
со уста полна сонце и белутраци.
Тука да ги видам би сакал. Пред каменов.
Пред ова тело со испокинати узди.
Јас сакам да мки покажат излезот каде е
за овој капетан што го врзала смртта.
Сакам да ме научат да плачам како река
со благи магли и длабоки брегови,
што ќе го крене телото на Игнасио и ќе се изгуби
не слушајќи го двојното збивтање на биковите.
Нека се изгуби во тркалезната арена на месечината
што малечка се чини добиче болно и мирно;
нека згине во ноќта без песната на рибите
и во белиот шибјак на смрзнатиот чад.
Не сакам да му го покријат лицето со шамии,
за да се навикне тој на смрта што ја носи.
Оди си, Игнасио: не слушај го рикањето жешко.
Спиј, летај, одмарај се! И морето умира.