Републиканската Народна Партија (ЏХП) во Турција, на 15. Јуни под мотото „Марш за правда“ заедно со своите поддржувачи и сите оние кои бараат правда за неправично осудени политичари и новинари во Турција во последниот период, започна марш од Анкара кон Истанбул, пат долг 450 километри и кој ќе трае 25 дена, а ќе финишира пред затворот „Малтепе“ во Истанбул, во недела на 9. Јули.
Одлуката да се започне овој „Марш за правда“ ја донесе претседателот на ЏХП, Кемал Киличдароглу, по повод пресудата од 25 години затворската казна за пратеникот на Републиканската Народна Партија во Истанбул, Енис Бербероглу. Оваа одлука судот ја донесе на 14. јуни 2017. Тој беше обвинет за воена шпионажа во случајот „Камионите на Националната разузнавачка служба на Турција“ (MİT TIR’ları).
Случајот „Камионите на Националната разузнавачка служба“
Овој случај избувна во јавноста откако главниот и одговорен уредник на весникот „Џумхуријет“ (Република), Џан Дундар, на 29. Мај 2015 година објави вест со фотографија (од 19. Јануари 2014) на која се гледа дека, камионите на Турската разузнавачка служба скришно носат оружје до одредени групи припадници на Исламска држава во Сирија. Насловната на весникот „Џумхуријет“ гласеше: „Ова е оружјето кое го негираше Ердоган“, бидејќи Реџеп Тајип Ердоган претходно тврдеше дека, конвојот е испратен со цел, да однесе хуманитарна помош во Сирија. На денот кога се случи овој настан, жандармеријата на границата со Сирија, го запре конвојот на разузнавачката служба, при што избувна судир меѓу двете страни. Владата веднаш потоа издејствува притвор за командантот кој го запре конвојот, како и јавниот обвинител, по што случајот беше затворен во јавноста со изговор дека, конвојот носел хуманитарна помош во Сирија.
Меѓутоа, Дундар на 29. Мај 2015 година, ја објави фотографијата на која се гледа дека конвојот носел оружје, а не хуманитарна помош. Оваа вест веднаш се прошири низ светските медиуми, најпрво ја објави Француската новинска агенција, а потоа голем број на медиуми низ цел свет.
Веднаш по објавувањето на оваа вест, против Џан Дундар се покрена истражување во рамките на законот за борба против тероризмот, а на 27. Ноември 2015 година, тој заедно со неговиот колега Ердем Ѓул беше приведен. Тие беа обвинети за „издавање информации во врска со државната безбедност“, „политичка и воена шпионажа“, „објавување на информации кои треба да останат во тајност“, како и „правење на пропаганда за терористичка организација“.
Десет дена пред да биде приведен, Дундар ја доби наградата Слобода на печатот од Репортери без граници во име на весникот „Џумхуријет“.
Дундар и Ѓул на слобода, на 25 годишна затворска казна осуден Енис Бербероглу
Џан Дундар и Ердем Ѓул останаа во притвор 92 дена, а откако судот одлучи дека, обвинувањата се неосновани, тие беа пуштени на слобода. На денот кога тие беа ослободени, во притвор се наоѓаа уште 30 нивни колеги.
Во рамките на оваа истрага, на 14. Јуни годинава, турскиот новинар, писател и политичар, Енис Бербероглу, кој претходно беше осуден на доживотна казна, судот му одреди 25 годишна затворска казна, а поради сомнеж од негово бегство, тој веднаш беше приведен. Бербероглу е член на партиското собрание на ЏХП од 2014 година, а во септември истата година беше назначен за одговорно лице за комуниации и односи со јавност од страна на претседателот на партијата, Кемал Киличдароглу.
Тој беше осуден со обвинение дека, му ги дал снимките на кои се гледа дека разузнавачката служба превезува оружје на главниот и одговорен уредник на весникот „Џумхуријет“, Џан Дундар.
Против него се покренати повеќе обвиненија како што се „издавање на државни документи и информации, кои треба да се чуваат во тајност и политичка и воена шпионажа“ и „помагање со своја волја на вооружната трористичка организација ФЕТО/ПДЈ (т.н. „Ѓуленистичка терористичка организација/паралелна државна структура“, од страна на турската влада).
Првичната доживотна казна беше намалена на 25 годишна затворска казна, а истиот ден партијата ЏХП го напушти парламентот. Партијата изјави дека, на 15. Јуни во 11:00 часот, ќе се соберат во паркот Ѓувен во Анкара, од кадешто ќе го започнат „Маршот за правда“.
„Во рацете ќе носам само еден транспарент на кој пишува „правда“. Ќе марширам. Дојде нож до коска. Ќе марширам се додека не се спроведе правдата. Ќе маршираме од Ѓувен парк се до затворот Малтепе во Истанбул, кадешто се наоѓа во притвор Бербероглу. Не знам колку дена ќе трае. Ќе маршираме без прекин“, изјави тогаш Киличдароглу на емисијата „Што се случува“ на каналот „Си-Ен-Ен Турк“.
Денес е 23. ден од „Маршот за правда“. Луѓето кои маршираат од Анкара, извикувајќи „Правда“, пристигнаа во Истанбул.
По обидот за државен удар од 15. јули 2016, Ердоган се пресметува со сите свои неистомисленици
Во април месец годинава, министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, даде изјава во врска со операцијата спроведена по обидот за државен удар од 15. јули 2016.
„Досега се приведени 113 илјади 260 лица во врска со „ФЕТО“ и трае процесот за приведување на околу 745 лица. Досега приведени се 47 илјади 155 лица. На слобода се пуштени 41 илјада 499 лица, кои мораат да бидат под судска контрола, ослободени се 23 илјади 861 лице, а во бегство се 863 лица. Од приведените 10 илјади 732 лица се полицајци, 7 илјади 463 војници, 168 генерали и 2 илјади 575 се судии и обвинители. 26 илјади 177 се цивили, а 208 лица се вработени во јавната администрација“, изјави Сојлу.
По обидот за државен удар од 15. Јули 2016 година во Турција, власта на Ердоган го прогонува секого кој не е истомисленик со него и неговата партија, односно со обвинение дека, се припадници на т.н. оружана организација „ФЕТО“, за којашто тврдат дека го извршила обидот за државен удар. Голем број на новинари, професори, работници во администрација, политичари и интелектуалци се прогонувани и за најголем дел од нив е одредена мерка притвор.
Авторка: Сенада Ибраимова