Можеби најсериозната загриженост во врска со приватизацијата, како што тоа често се практикува, е корупцијата.
Реториката на пазарниот фундаментализам тврди дека приватизацијата ќе го намали она што економистите го нарекуваат активности на „барање рента“ од страна на владините службени лица, кои или го собираат профитот на владините претпријатија или им доделуваат тендери и работни места на нивните пријатели. Но, спротивно на она што требаше да го направи, приватизацијата толку многу ги влоши работите што денес во многу земји приватизацијата на шега се нарекува „поткупизација”.
Ако некоја влада е корумпирана, постојат малку докази дека приватизацијата ќе го реши проблемот. На крајот на краиштата, истата корумпирана влада што лошо ја управуваше фирмата сега ќе раководи со процесот на приватизација. Од една земја во друга, владините службени лица осознаа дека приватизацијата значеше дека тие не мора повеќе да се ограничуваат на собирање на профитот на годишно ниво. Продавајќи го владиното претпријатие под неговата пазарна цена, тие би можеле да добијат за себе значаен дел од вредноста на имотот наместо да им ја остават на следните владини службени лица. Во суштина, тие би можеле денес да украдат повеќе од она што евентуално би можело да биде украдено од следната генерација политичари.
Не е за изненадување што манипулативниот процес на приватизација беше дизајниран да го максимизира износот што владините министри би можеле да го присвојат за себе, а не износот што ќе се слее во државниот трезор, а да не зборуваме за вкупната ефикасност на економијата. На пример, Русија претставува жалосен школски пример за штетноста на „приватизацијата по секоја цена”.
Застапниците на приватизацијата наивно се убедуваа себеси дека овие трошоци можат да се пренебрегнат, зашто се чинеше дека учебниците кажуваат дека кога штом јасно ќе се дефинираат правата на приватна сопственост, новите сопственици ќе се погрижат ефикасно да се управува со средствата. Согласно на тоа, состојбата ќе се подобри на долг рок дури и ако е грозна на краток рок. Тие не успеаја да сфатат дека без соодветни законски структури и пазарни институции, новите сопственици можат да имаат поттик да ги искористат средствата наместо да ги употребат како основа за проширување на бизнисот. Како резултат на тоа, во Русија и во многу други земји, приватизацијата не успеа да биде онолку ефективна сила за раст колку што можеше да биде. Всушност, таа понекогаш се поврзуваше со опаѓањето и се покажа како моќна сила за поткопување на довербата во демократските и пазарните институции.
Автор: Џозеф Стиглиц
Извадок од „Глобализацијата и незадоволствата од неа“