(Мартин Вулф) Реизборот на Трамп ќе биде опасен за светот


Американскиот претседател Доналд Трамп со еден чекор стана слободен. Со очекуваната демонстрација на партиска пристрасност, републиканците од Сенатот (со исклучок на Мит Ромни) се откажаа од својата уставно-доделена улога како судии за неговата наводна злоупотреба на моќ. Одлуката тие им ја препуштија на гласачите во ноемвриските претседателски избори. Со ова господинот Трамп ќе има многу предности: страствени поддржувачи, обединета партија, изборен колеџ и здрава економија. Неговиот реизбор се чини веројатен.

Економијата е најочигледната причина зошто г-динот Трамп може да победи повторно. Минатонеделното обраќање до Унијата беше збир на претерувања засилени со хипербола, дури и за неговите стандарди. Како што Џозеф Стиглиц, нобеловиот лауреат за економија, истакна дека перформансите на САД остануваат лоши според стандардите на државите во нејзината категорија во видливи аспекти, особено во животниот век, стапките на невработеност и нееднаквоста. Покрај тоа, производството, вработеноста, невработеноста и реалните плати во голема мера ги продолжуваат посткризните трендови. Со оглед на обемот на фискалниот стимул, кој донесе огромни и трајни структурни фискални дефицити, ова не е големо достигнување. Како и да е, многу американци ќе почувствуваат дека економијата се подобрува. Ова сигурно ќе одигра голема улога во претстојните избори.

Доколку г-динот Трамп победи, оваа победа може да биде и позначајна од претходната. Не може да се отфрли како случајност тоа што американците би избрале класичен демагог по втор пат. Тоа ќе биде клучен момент.

Најочигледната последица од победата на г-динот Трамп ќе ја доживее либералната демократија во САД. Претседателот верува дека тој е над одговорноста пред законот и конгресот за она што го прави додека е на функција. Тој се смета за одговорен единствено пред гласачите (или поточно, пред своите гласачи). Тој исто така верува дека назначените функционери од неговата администрација, јавните службеници и избраните раководители од неговата партија, својата лојалност му ја должат единствено нему, а не на некои повисоки цели.

Основачите на САД се плашеле токму од таков човек. Во првиот од Федералните весници, Александар Хамилтон напишал: „Од оние луѓе кои ги урнисале слободите на републиките, најголемиот број ги почнале своите кариери со тоа што биле сервилни кон судот на народот; започнале како демагози, а завршиле како тирани.“ Со ова тој го следел Платон, кој пишувал за тоа како човек, кој се здобил со моќ како заштитник на народот, може да постане „волк – кој е тиранин“. Во неговото проштално обраќање од 1796, Џорџ Вашингтон твреше дека „безредието и бедотиите кои произлегуваат од поделеноста постепено ги наведуваат умовите на луѓето да бараат безбедност и повлекување во апсолутната моќ на индивидуата“. Во денешна Америка поделеноста е дефинитивно распространета.

Ние не можеме да знаеме колку далеку г-динот Трамп ќе сака да оди или колку далеку институциите на републиката ќе му дозволат да оди. Сепак, постои ли нешто што Трамп би сторил, освен губењето на лојалноста на својата база, што би го убедило Мич МекКонел, лидерот на сенаторското мнозинство, да се сврти против него? Не институциите, туку луѓето кои им служат, се тие што се најважни.

Републиката, дури и да го преживее судењето неоштетена (што е баш оптимистично), реизборот на овој човек – демагог, националист, недоверлив лажго и почитувач на тирани – ќе има светско значење.

Деспотите го гледаат г-динот Трамп како сродна душа. Либералните демократи ќе се почувствуваат уште понапуштени. Идејата на западот како сојуз кој почива на одредени морални темели ќе исчезне. Како националист, тој ќе продолжи да не ја сака и да ја презира Европската унија, воедно како идеал и како економска противтежа на САД.

Дејвид Хелви, актуелен помошен секретар за одбрана на САД, неодамна пишуваше за непријателството на Кина и Русија кон „поредокот базиран на правила“. Овој идеал е навистина значаен. За жал, неговиот најмоќен противник сега е неговата сопствена држава, бидејќи тој секогаш се потпираше на американската визија и енергија. Со неговиот меркантилизам и билатерализам, г-динот Трамп насочи интелектуална и морална бомба кон глобалниот трговски систем. Тој дури ја гледа сопствената држава како најголемата жртва на сопствениот поредок. Тогаш проблемот не е што г-динот Трамп не верува во ништо, туку она во коешто верува е често многу погрешно.

Пошироко, неговиот краткорочен трансакционализам и волјата да ги употреби сите расположливи инструменти на американската моќ создава нестабилен и непредвидлив свет, не само за владите, туку и за бизнисот. Оваа несигурност исто така може да се влоши во вториот мандат. Останува отворено прашањето дали некаков вид на интернационално владеење на правото воопшто ќе преживее.

Постојат големи практични предизвици кои треба да се пресретнат. Еден од нив е комплексниот и отежнат однос на САД со Кина. Сепак, за ова, г-динот Трамп е далеку од најагресивен помеѓу американците. Тој има доза прагматизам. Тој сака да склучува договори, колку и да се тие недопечени.

Можеби најважното прашање (доколку се тргне настрана избегнувањето на нуклеарна војна) е менаџирањето на глобалните заеднички добра – над сѐ, атмосферата и океаните. Климата и биодиверзитетот претставуваат клучни проблеми. Преостанато е уште малку време да се реагира против заканите од двете. Обновена Трамп администрација, непријателски настроена кон овие каузи и кон самиот концепт на глобална соработка, ќе ја направи потребната акција невозможна. Често се чини дека оваа администрација воопшто не ги препознава јавните добра како категорија на предизвици кои заслужуваат внимание.

Живееме во клучен момент од историјата. На светот му е потребно исклучително мудро и кооперативно глобално лидерство, кое не го добиваме. Можеби е наивно да го очекуваме. Реизборот на г-динот Трамп ќе биде страшен неуспех. Внимавајте: 2020 година е важна.

Превод: Стефан Видиков
Лектура: Е.М.

Оригиналниот текст првично е објавен на Financial Times и може да го прочитате овде.

|2020-02-15T16:28:14+00:0015 февруари 2020|Актуелно, Вести, Свет|