Во вторник (18.02) од 18 до 21 часот Коприва колектив организира размена на облека и книги во Социјалниот центар – Дуња.
Како што наведуваат самите тие, главниот мотив на овој настан е:
„Непотребното за тебе е богатство за друг!“
Во поканата за настанот се објавени и неколку правила кои присутните треба да ги почитуваат.
Од нив пет се однесуваат на размената на книги:
1. „Ги чистиш полиците од непотребни книги со 100 кила прашина.“
2. „Одвојуваш еден куп и го носиш на размена :D“
3. „За секоја 1 донесена книга добиваш 1 купон.“
4. „Размената започнува.“
5. „За секој 1 купон можеш да земеш 1 книга.“
„Попатно, уживаш во друштвото на читатели страсници!“
Од колективот наведуваат дека „облеката е еден од најголемите загадувачи“, па затоа треба „да и дадеме втора шанса!“ Во однос на облеката на размената нема да има „ограничувања во однос на земања и оставања.“
Неразменетите книги ќе бидат донирани во разни библиотеки по потреба. Додека вишокот облека ќе биде дониран на социјално загрозени семејства.
За Коприва Колектив:
Здружението за независна култура Коприва Колектив – Скопје е антиавторитарна, отворена и јавна организација за поврзување и заедничко делување во областа на културата и уметноста како медиуми преку кои се залага за општество на слободни и рамноправни индивидуи, социјална правда, родова рамноправност, укинување на информацискиот монопол и слободен проток на информации, како и економски ефикасно општество кое ќе живее и ќе се развива во склад со планетата Земја.
Здружението обединува луѓе кои се против сите авторитарни форми на владеење и нивните системи за експлоатација и строго се противи на сите форми на дискриминација врз основа на пол, раса, возраст, национална, верска и класна припадност.
Повеќе за Коприва колектив и за нивната работа може да прочитате на нивниот блог.