Здрава Котлина: „Власта да не даде дозвола за рудник во Иловица“

СКОПЈЕ/СТРУМИЦА, 27.04.2018 – Активистите од невладината организација „Здрава Котлина“ од Струмица, ја повикуваат власта да не даде дозвола за експлотација на руда во рудникот Иловица, затоа што таквото барање за експлотација од страна на инвеститорот „Еуромакс Рисорсис“ не може да е валидно поради бројни законски неправилности.

Новите студии се’ уште се базирани на неприфатливи претпоставки, заменети податоци и скандалозни објаснувања за критични точки кои понатаму можат да значат живот или смрт на цел еден географски регион

Нема јавна расправа за Нацрт верзијата за Извештај за Стратегиска оцена на животната средина (СОЖС) за предложената Државна Урбанистичка Планска Документација со основна класа на намена Г1 Тешка Индустрија за Иловица со архивски број 0302-131/1 доставена на 05.08.2016, потенцираат од „Здрава Котлина“ на својот фејсбук профил.

Тие исто така нагласуваат дека досега пренамената на земјиштето не е направена, но Агенцијата за просторно планирање незаконски направила извод од просторен план на Република Македонија каде веќе има рудници, а тоа во првичниот план го нема, што значи дека со овој план се прекршени процедурите и законите.

Се’ уште нема пренамена на земјиштето од земјоделско во Г1 тешка индустрија, но Агенцијата за просторно планирање криминално издала извод од просторен план на РМ каде се ставени рудници додека во оригиналниот просторен план на РМ такви рудници не постојат.Споредбата на извод од ДУПД и Просторниот План на РМ покажуваат неспорни индиции за овој криминал, додаваат тие.

Министерството за економија се’ уште нема изготвено информација за исполнетост на условите за раскинување на договорот за концесија за експлоатација, иако изминаа 16 дена од 63-тата владина седница на која владата му зададе рок од 7 дена да даде мислење. Но, тоа што го направи владата неодамна, а е поврзано со Иловица е тоа што, по барање на инвеститорот „Еуромакс Рисорсис“ ги спои двете концесии за Иловица од Ново Село и Босилово во една. Дел од активистите шпекулираат дека тоа е план на инвеститорот да го усложни и забави процесот на раскинување.

Во меѓувреме, Еуромакс најде нови партнери коишто ќе инвестираат во проектот за рудникот за злато и бакар Иловица-Штука. Тоа е  нова канадска групација, Трафигура груп која купила акции и станала партнер. Се смета дека ова е стратешки маневар на Еуромакс на барањето на владата да се преиспита исполнувањето на договорот. Тие дури покажуваат спремност да се откажат од употребата на цијанид, само да продолжат со работа.

Според наодите на Еуромакс во февруари 2013 година на локалитетот би требало да има 119 тони злато и 791.000 тони бакар. Но, на населението од Иловица,Штука и Струмичка Котлина  тоа не им значи ништо, затоа што знаат дека рудникот што им виси над глава ќе значи – токсичен воздух, загадена вода за пиење и уништување на земјоделството, или со други зборови – смрт за нив и за околината.

Во продолжение, од прилгот на ТВ Телма може да ги слушнете мислењата на локалните жители за рудникот Иловица:

| 2018-04-27T09:27:59+00:00 27 април 2018|Актуелно, Вести|