„Здрава Котлина“: Владата да провери дали Еуромакс Рисорсис е пред финансиски колапс!

СТРУМИЦА, 13.08.2018 – Eколошкото здружение „Здрава Котлина“ од Струмица упати апел до владата во кој се бара да се провери финансирањето и ликвидноста на компанијата Еуромакс Рисорсис. Според нив, инвеститорот во рудникот Иловица-Штука има проблеми со презадолженост како и со неодржлив бизнис модел.

„Покрај сите аргументи дека овој рудник ќе ја претвори Струмичката котлина во пустина и ќе исели над 100.000 граѓани, сакаме да и посочиме на владата дека компанијата Еуромакс нема никакво вистинско искуство во рударската индустрија, дека досега нема остварено никакви приходи од своето работење од отворен рудник, дека во последните три години вредноста на нејзините акции на берзата во Торонто се паднати за 600% и дека вкупниот долг е поголем за 100% од капиталот на компанијата!“  напишаа тие на својот фејсбук профил.

Поради ваквата констелација,  „Здрава Котлина“ бара од владата да не го доведува во прашање опстанокот и животот на народот во југоисточниот регион на сметка на ниту една компанија, посебно не на компании кои самите си кажуваат како имаат големи проблеми со својата работа во Македонија. Имено, струмичките активисти објавија извештај од самата компанија Еуромакс на економски реномираниот сајт Blooмberg, во коj се вели дека компанијата има проблеми со добивање на дозволи од македонската влада.

„…ризикот дека развојот на Проектот за бакар и злато Иловица-Штука можеби нема да се продолжи како што е предвидено, вклучувајки ја неможноста да се добијат неопходните владини дозволи за негови активности во дадениот рок, политичката и економската нестабилност во јурисдикцијата во која е лоциран Проектот за бакар и злато Иловица-Штука, промените во националната и локалната легислатива, регулативата, даноците…“, истакнуваат Еуромакс во извештај кој беше објавен во април оваа година.

За потсетување, владата на Република Македонија минатиот месец објави соопштение во кое се вели дека рудникот во Струмица ќе се отвори, но само под услов ако во рудниците се  користат помалку штетни хемикалии од цијанидот и сулфур диоксидот. Со ваквата одлука не се согласува најголем дел од населението во Струмичка котлина и за брзо се очекува да го покажат револтот преку протести и блокади.

|2018-08-13T08:25:50+00:0013 август 2018|Актуелно, Вести, Економија|