Затоа што во време на пандемија мора да се остане сам!

„Без разлика колку е голем татко ти,

ти секогаш мораш да скокнеш сам!“

Оваа изрека најверојатно имала друго значење кога била кажана од некој мудрец (мудрецот можеби била жена, но тоа сега не е толку важно), но ние сме должни да го протолкуваме денешното значење, значењето во екот на пандемијата на КОВИД 19.

Според Светската здравствена организација, според Комисијата за заштита од заразни болести, Министерството за здравство и сета релевантна научна мисла во светот, најважната препорака до сите жители на светот е да се остане изолиран за да се спречи ширењето на корона-вирусот. Сите веќе илјада пати повторени препораки нема да ги повториме и ние, но ќе се обидеме да ви помогнеме престојните две седмици да ги исполнете поубаво и подобро.

Човекот кога е помеѓу луѓе не сака да биде со нив, кога е сам пак, некако како да не си е доволен на себеси, но кога мора да остане дома, треба веднаш да најде книга, филм, музика, серијал или некоја друга активност, хоби која може да ја извршува сам за да не му биде премногу досадно.

Во овие две седмици не само што ќе треба да читате книги, но ќе треба и да размислувате. Ќе треба да размислувате за вас самите, за вашите блиски кои ќе можете само да ги слушате, а не и да ги гледате, ќе треба да размислувате што ќе правите откако ќе заврши пандемијата, но и ви посакуваме да размислувате на подобар свет. Искористете го ова „слободно“ време и замислете каков свет сакате и како се гледате себеси во него. Можеби тој свет нема да дојди, но можеби ќе треба заедно да го изградиме. Две седмици се малку за новиот свет, но многу за да не се размислува на него.

Да се дојде до овие одговори не е лесно, но, еве како да се дојде до нив полесно. Следниве неколку наслови на книги можат најверојатно да се земат од најблиската библиотека, да се позајмат од соседите, да се купат од некоја книжарница, а веројатно и да се најдат на некоја интернет архива. Тие се:

  1. „Сеќавањето на моите тажни курви“ (2004) од Габриел Гарсија Маркез,

  2. „Среден пол“ (2002) од Џефри Еугенидес,

  3. „Смрт во Венеција“ (1912) од Томас Ман,

  4. „Поматувањата на воспитаникот Терлес“ (1906) од Роберт Музил,

  5. „Крајот на Еди“ (2014) од Едуар Луј,

  6. „Телото во кое треба да се живее“ (2015) од Петар Андоновски,

  7. „Дервишот и смртта“ (1966) од Меша Селимовиќ,

  8. „Музеј на невиноста“ (2008) од Орхан Памук,

  9. „Облаци“ (423 п.н.е.) од Аристофан и

  10. „Покорување“ (2015) од Мишел Уелбек.

Ни ние самите не си веруваме дека ќе прочитаме десет книги во две седмици, сепак се работи од дома, се учи за претстојните „задоцнети“ колоквиуми, се вежбаат математички задачи за писмената работа која што наскоро ќе дојде. Но, обидете се да изберете една книга или барем да најдете некоја своја која ќе го задржи вашето внимание.

Ваков принуден одмор од две седмици може да биде и одличен изговор да се прегледа светската кинематографија, па така, се чувствуваме должни да ви ги препорачаме следните филмови кои не можете да ги гледате веќе во кино салите, но можете да ги најдете на торент (сите знаеме што е торент). Тие се:

  1. „Мандарина“ (2015) од Шон Бејкер,

  2. „Викај ме со твоето име“ (2017) од Лука Гваданио,

  3. „Самец“ (2009) од Том Форд,

  4. „Носталгија“ (1983) од Андреј Тарковски,

  5. „Убивањето на светиот елен“ (2017) од Јоргос Лантимос,

  6. „Време на волци“ (2002) од Михаил Ханеке,

  7. „Тело Христово“ (2019) од Јан Комаса,

  8. „Нељубов“ (2017) од Андреј Звагинцев,

  9. „Сончање“ (2016) од Аргирис Пападимитрополус и

  10. „Рани“ (1998) од Срџан Драгојевиќ.

Овие не се најважните или најдобрите книги и филмови, но се прекрасни за да се помине овој период на анксиозност, досада, паника, депресија и исчекување…

Останете дома, пијте многу вода и течности, излегувајте кога треба да набавите продукти за домаќинството, не се социјализирајте во живо, има Фејсбук, Инстаграм, Твитер, меил, обидете се да се посветите на себеси, на вашите најблиски и на идејата за подобар свет.

Автор: Никола Шиндре

|2020-04-11T21:05:45+00:0012 март 2020|Актуелно, Вести, Култура|