Замислени животи во замислени светови


Во изминатите 30 години, спојот на капитализмот и либерaлизмот овековоечен во терминот „неолиберализам“, беше претставен како единствено можен општествено-економски систем, неретко како најдобар, а најчесто како неминовен. Но, и покрај сите стотици милјарди долари потрошени на пропаганда преку политиката, медиумите, филмот и музиката… сепак мноштвото платени мегафони на неолиберализмот и малкуте заблудени нововерци, не успеаја да го убедат светското население во исправноста, праведноста и одржливоста на актуелниот општествено-економски систем.

Очигледно е дека честите војни од локален и регионален карактер, неискоренетите излечливи болести, високата стапка на глад,  сиромаштијата, невработеноста и масовните бегалски бранови проследени со фатални човечки судбини му покажаа и на најнеобразованиот човек и најголемиот оптимист, дека, неолиберализмот го враќа човештвото во варварство и целосен колапс, наместо кон ветениот свет на „мир, човекови права, демократија и постојан економски раст“. Сепак е тоа систем врз кој е изграден „замислен свет“ на разумност и прагматичност кој нуди избор на неизбор. Тој го уважува плурализмот на идеите, но за него сите останати прогресивни идеи се назадни или опасни доколку ги проблематизираат капитализмот и либералната демократија.  Имено, многу малку или речиси ништо не се кажува за распределбата на енормното светско богатство, за еднаквоста, солидарноста и социјалната правда. Се работи за една идилична „замислена“ иднина која ја пружа глобализацијата, којашто многу зборува за зголемувањата на светските богатства, слободите, правата и според која „слободата на трговијата и движењето на капиталот се стаклена бавча во која богатството расте побрзо од кога било досега: и штом богатството е умножено, ќе има повеќе за секого“.

Судирот помеѓу замислениот и реалниот живот на човекот во капитализмот

Во конфронтацијата меѓу замислените (возможни) животи на луѓето и нивните реални животи-  победуваат замислените, затоа што полесно е со мислите да се отпатува во тамошната, исценирана од масовната пропаганда „Алисова земја на чудата“ и да се верува во возможното „подобро утре“, а потешко е да се согледа суровата реалност, додека пак најтешко е, да се согледаат причинителите на таа реалност и евентуалните реални излези. Тешкотијата да се согледаат овие работи не лежи во потребата од вонреден умствен напор, колку што изворите на информации кои ја формираат светската човекова свест се во голема мерка монополизирани, еднострани и во служба на владејачката политичко-економска идеологија.

Експанзивната сила на глобалната култура почива на изразениот монопол врз моќта, т.е. фактот дека речиси 90% од технолошките средства за производство на светската култура се наоѓаат сконцентрирани во мал број раце. Само 4 светски новински агенции дневно емитуваат 34 милиони зборови, што е 90% од вкупното производство информации во светскиот печат, радио и телевизија. Девет од десет најголеми рекламни агенции се американски. Во Холивуд се произведуваат 4/5 од сите филмови на светот(…) Многу аналитичари говорат за јасни знаци на информатички, културен империјализам.
(Anthony Giddens, A run away world, Cambridge, Polity Press)

За подобрување на сопствените животи презрена е колективната акција, а како единствено релевантен е признаен индивидуализмот. Егоизмот и себичноста, како човечки својства признаени и потхранувани од доминантниот систем на вредности, не уважуваат дисидентска здружена акција во свет во кој, според либералната идеологија, има место за секого, свет во кој пропорционална е замислената врска меѓу залагањето, или напорната работа од една страна, и придобивките, односно наградата од друга.

Доминантна е идиличната слика на светот во кој насекаде е можен „американски сон“, свет на „учи повеќе – биди повеќе“, свет „инкубатор на кариери“. Сепак, тоа е свет во кој микроскопски број млади во натпревари и тв шоуа од анонимуси стануваат музички и медиумски ѕвезди, млади истражувачи откриваат технолошки откритија кои се потенцијални мултимилионски вредни патенти, млади кои својот талент го преобразуваат во спортски или филмски ѕвезди или од студенти се преобразуваат во менаџери и правни бранители на успешни корпорации, или самостојни претприемачи и бизнисмени. Ваквиот „замислен свет“ го замајува младиот индивидуалец кој, не гледајќи пред себе (во реалната поставеност на силите во светот), се сопнува на првите пречки кои (благодарение на идеолошкото едноумие и мрак) не ги гледа околу себе. Природата на таквите пречки (од државен или класен аспект) тој не ја согледува, туку вината и надежта повторно ја гледа единствено во себе, во социјал-дарвинизмот и сеопштата борба на секој против секого. Или, уште повеќе, излезот го гледа во опортунистички сојуз со сè и секого… како едниствен начин за излез од бедата на дното, а за достигнување на богатството на височините.

Розеви соништа наместо црвена борба

Воопшто, идиличната слика (на сè уште праведниот свет на слобода, демократија, човекови права, свет на еднакви можности, инстант правда и лесна, но обилна заработка) го спречува организирањето на потиснатите светски слоеви и класи во изборувањето за поголема еднавост, воспоставување на механизми за поголема солидарност и социјална правда. Згора на тоа потрошувачкото општество и конзумеризмот ги обликуваат животите на луѓето и ги насочуваат нивните размислувања и акции единствено кон задоволување на новите потреби материјализирани во новите прозиводи. Производителите им сервираат, им „измислуваат“ на луѓето вештачки створени потреби кои преку рекламните кампањи и комерцијализацијата им се претставуваат како природни и вродени чие незадоволување би имало катастрофални последици по здравјето, угледот, квалитетот и смислата на самиот човеков живот.

Создадена е имагинарна блискост со симболичките медиумски ликови. Очилата низ кои луѓето ги гледаат и ценат своите животи, надежи и назадувања и моментални ситуации се измислени од призмата на можните животи кои телевизијата постојано ги претставува и слави. Дури и луѓе кои се фиксирани за најбезнадежните или брутални ситуации во животот – деца работници, на пример, или оние кои живеат низ пребарување низ градскиот отпад – сепак се отворени за злокобната игра на имагинацијата произведена од културната индустрија.

(Arjun Appadurai во Disjuncture and Difference in the Global Cultural Economy)

„Замислениот свет“ е свет во кој има место и подеднаква шанса за сите, свет во кој индивидуалците и малите групи во општата, светска работничката класа замислуваат свои идни „замислени животи“. Нивното, пак, попречување за остварување и доживување го перцепираат дека е предизвикано од секакви околности и причини (индвидуално: судбински, случајни, несреќни, лична или нечија друга вина… и колективно: религиозни, нацинални, расни, полови причини), но никако од класни причини, од класниот карактер на историјата и светот, од потиснувањето на интересите на работничката класа од страна на локалните и светските играчи во чии раце е политичката и економска моќ. Сето ова ја попречува идентификацијата на работничката класа како национален и транснационален збир од луѓе со исти судбини, перспективи и интереси, а со тоа ја осуетува и нивната моќ за менување на реалноста. Сепак борбата може да се попречи, но не и да се спречи. Културниот империјализам на Западот не попушта во производството на соништа, но попушта во ефектот. Ќе изнајде ли нови вештачки потреби што ќе му ги наметне на светското население како неопходни, одложувајќи ја и натаму неминовната мобилизација на обесправените и потиснати социјални слоеви?

Продолжува…

(Оваа анализа ќе се заокружи со текст „Замислените животи во транзициска Македонија“)

Автор: Зоран Василески

|2022-07-03T18:26:41+00:003 септември 2017|Актуелно, Гласни идеи, Став|