За земјоделските работи

Кризата предизвикана од корона вирусот предизвика низа на потреси, меѓу кои стануваат повоочливи и проблемите во земјоделството, односно недостатокот на храна, а особено недостатокот на пченица на светско ниво.

Имајќи предвид дека на светско ниво завладеа т.н „прехранбен национализам“ што се согледува во забраната за извоз на одредени производи од страна на државите, како и инсистирање на користење на домашни производи, нужно е да се осврнеме на македонската земјоделската политика и дали истата дава позитивни резултати.

Дури и со површна анализа на земјоделската политика во Македонија, може да се заклучи дека таа се базира на едноставно субвенционирање на земјоделците за огромен број земјоделски култури кое се зголемува од година во година со што субвенциите претставуваат одреден вид на социјална помош која што земјоделците ги  одржува на некоја позитивна нула, наложувајќи им сами да го носат процесот на модернизација и напредок во работењето.

Големи капитални инвестиции во земјоделството не се забележуваат, односно претставуваат изолирани случаи, минорни во големата слика.

Промената на власта донесе огромни очекувања на граѓаните во сите сфери, па и во земјоделството. Предизборната програма на СДСМ за изборите во 2016 година (http://zazivot.mk/wp-content/uploads/2016/11/Plan_za_zivot_vo_Makedonija.pdf) предвидуваше потполно различен пристап во земјоделската политика во кој пред се` државата ќе го носи поголемиот товар преку рамномерен регионален развој, засилен рурален развој, отворање на државни откупни центри, посредување во  договарање на откупните цени помеѓу откупувачите и земјоделците, правична распределба на земјоделското земјиште, како и многу други мерки со што македонското производство би било поквалитетно и поконкурентно и би обезбедувало зголемена додадена вредност.

Меѓутоа и покрај таквите ветувања, власта тргнувајќи по полесниот пат, само ги продолжи претходно воспоставените практики и продолжи со исплатата на субвенциите како примарна политика, зголемувајќи ја вредноста на истите секоја година, иако од година во година производството на храна се намалува.

Исто така, од достапните податоци може да се види дека конкретно за  житариците, секоја година се намалуваат засеаните површини, а со тоа се намалува и количеството на произведени житарици.

Искажано во бројки, речиси 2/3 од обработливото земјиште во државава останува необработено секоја година, додека годишниот недостаток на пченица во Македонија е околу 100.000 тони, од вкупно потребните 300.000 тони.

Тука доаѓаме до неколку клучни прашања и дилеми.

Првично, потребата од итна промена на земјоделската политика е евидентна, но кој  е правецот во кој истата треба да се движи.

Следствено на тоа што најголем дека од необработеното обработливо земјиште е во сопственост на државата, најлогично е државата да излезе од капиталистичкиот мит дека истата е лош стопанственик и не треба да се впушта во стопански дејности, па соодветно на тоа да креира организациски облици (земјоделски комбинати) во државна сопсвеност кои ќе се занимаваат со производство на земјоделски производи.

Бидејќи парцелите во сопственост на државата се со огромни квадратури, тоа подразбира дека производството ќе биде поефикасно и поекономично.

Исто така, за разлика од индивидуалните земјоделци, државата има неспоредливо поголема финансиска моќ што може да ја искористи во осовременување, односно модернизација на начинот на производство, што ќе вклучува најсовремена механизација која се користи во развиените земји.

Она што исто така е важно е што таквите комбинати ќе значат отворање и на нови работни места, што во земја со висока стапка на невработеност е исклучително важно.

Во ситуација на обемно производство, на една таква поставеност, се зголемува и стручноста во работењето, односно финансиски одржливо е ангажирањето на агрономи, технолози, инженери, како и испитување на почвата, изградба на системи за наводнување и многу други работи кои позитивно влијаат врз напредокот и развојот на едно модерно производство, нешто што индивидуалните земјоделци моментално не можат ни да го замислат.

Друго прашање кое што се наметнува е хемиската индустрија во земјоделството. Македонија иако се прокламира меѓу другото и како аграрна земја, таа нема хемиска индустрија која ќе произведува вештачки ѓубрива и останати репроматеријали кои се користат во земјоделското производство кои што претставуваат најголем трошок во процесот на производство на индивидуалните земјоделци.

И повторно тука државата има повеќекратен интерес од впуштање во процес на стопанисување и во овој сегмент, особено што тоа би значело и директно поврзување и со образовниот систем. Овозможувајќи услови за работа и напредок, факултетите од областа на природните науки ќе станат попривлечни и за студентите кои ќе имаат простор за себереализација во земјата во која го поминале целиот образовен процес.

Постојат уште многу други можности при отпочнување на еден ваков зафат,како што се зголемување на преработувачки капацитети, развивање на рурален туризам и сл., за кои се потребни далеку потемелни анализи.

Меѓутоа, согледувајќи дел од  аспектите кои ја зафаќаат оваа проблематика, накратко изложени во овој краток осврт, можат да послужат како една база за дебатирање на различни концепти врз кои треба да се заснова и самото општество, односно пред се` започнување на дебирократизација и детехнократизација на политиката и отворање на простор кон развивање на нови, прогресивни идеи.

Автор: Ѓорѓи Рајчиновски

|2020-05-20T15:52:08+00:0020 мај 2020|Актуелно, Вести, Став|