Војската на САД е поголем загадувач од повеќе од 140 земји – редуцирањето на оваа воена машина е нужност!

Јаглеродниот отпечаток на американската војска е енормен. Како и корпоративните синџири за снабдување, таа се потпира на екстензивна глобална мрежа на бродови-контејнери, камиони и карго-авиони за да ги снабди своите операции со сѐ што е потребно, од бомби до хуманитарна помош и хидро-јаглеродни горива. Нашата нова студија го пресмета придонесот на оваа огромна инфраструктура кон климатските промени.

Пресметките на емисиите на стакленички гасови обично се фокусираат на тоа колку енергија и гориво употребуваат цивилите. Но, неодамнешните студии, вклучувајќи ја и нашата, покажуваат дека американската војска е еден од најголемите загадувачи во историјата, која троши повеќе течни горива и испушта повеќе гасови кои продуцираат климатски промени од повеќето средно-големи земји. Ако американската војска беше земја, нејзината употреба на горива ќе ја направеше 47 најголем емитер на стакленички гасови во светот, рангирана помеѓу Перу и Португалија.

Во 2017 година, американската војска купуваше околу 269.230 барели нафта дневно и испушташе повеќе од 25.000 килотони јаглерод диоксид преку согорување на тие горива. Американското воздухопловство купи гориво во вредност од 4,9 милијарди долари, морнарицата – 2,8 милијарди долари, по што следи копнената војска со 947 милиони долари и маринците со 36 милиони долари.

Не е случајно тоа што има тенденција на емисиите на американската војска да не им обрнува внимание во студиите за климатските промени. Многу е тешко да се добијат конзистентни податоци од Пентагон и повеќето американски департмани. Всушност, САД инсистираше на исклучување на известувањето за воените емисии во Протоколот од Кјото во 1997 година. Оваа дупка беше затворена со Парискиот договор, но со најавата на Трамповата администрација дека ќе се повлече од договорот во 2020 година, оваа дупка ќе се врати назад.

Нашата студија е втемелена врз податоци добиени преку повеќе барања согласно Законот за слобода на информациите до Агенцијата на одбраната на САД за логистика, гломазна бирократска агенција што управува со синџирите за снабдување на војската, вклучувајќи ги нејзините купувања и дистрибуција на хидро-јаглеродни горива.

Американската војска од поодамна има сфатено дека не е имуна од можните последици на климатските промени – признавајќи дека тоа е „загрозувачки мултипликатор“, кој може да ги зголеми останатите ризици. Многу, иако не сите, воени бази се подготвуваат за влијанието на климатските промени, како нивото на морињата. Војската дури и не го игнорира својот придонес кон проблемот. Како што претходно покажавме, војската инвестира во развивањето на алтернативни извори на енергија како биогоривото, но тоа претставува само мал дел од парите што се трошат на гориво.

Климатската политика на американската војска останува противречна. Постојат обиди на „зелени“ аспекти во нејзините операции преку зголемување на обновливата електрична струја во базите, но таа останува најголемиот институционален потрошувач на хидро-јаглерод во светот. Исто така, се има заробено во системи на вооружување втемелени врз хидро-јаглерод за годините што следат, преку потпирање врз постоечките летала и воени бродови за операции во отворени цели.

Не зелена, туку помалку војска

Климатските промени станаа жешка тема во кампањата за претседателските избори во САД во 2020 година. Водечките кандидати за претседател на Демократската партија, како сенаторката Елизабет Ворен, и членовите на Конгресот како Александрија Окасио-Кортес повикуваат на крупни климатски иницијативи како Зелениот Њу Дил. За било што од тоа да биде успешно, јаглеродниот отпечаток на американската војска мора да биде третиран во внатрешната политика и меѓународните климатски договори.

Нашата студија покажува дека делувањето околу климатските промени бара затворање на големи делови од воената машина. Има малку активности на Земјата што се еколошки толку катастрофални како водењето војна. Значителното намалување на буџетот на Пентагон и редуцирањето на неговата способност да води војни ќе предизвика огромно намалување на побарувачката од страна на најголемиот потрошувач на течни горива во светот.

Нема многу аир од размислувањето околу маргините на еколошкото влијание на воената машина. Парите што се трошат за снабдување и дистрибуција на гориво ширум американската империја можат наместо тоа да се трошат како мировна дивиденда, да се помогне да се обезбедат средства за Зелениот Њу Дил во каков и да е облик што тој ќе го добие. Нема недостиг на приоритетни политики на кои добро ќе им дојде зголемувањето на финансиите. Секоја од тие опции ќе биде подобро отколку обезбедувањето гориво за една од најголемите воени сили во историјата.

Извор: The Conversation