Викторија Бондиќова: „Социо-економските состојби се фактор за табуризирање на менталното здравје.“

Дијалог со Викторија Бондиќова по повод Меѓународниот ден на менталното здравје

По овој повод решивме со Викторија Бондиќова, дипломиран психолог на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, да отвориме некои од прашањата поврзани со менталното здравје на поединецот, но и на колективот. Таа моментално живее и работи во Софија, соседна Бугарија, како IT регрутер и воедно креира содржини за својот YouTube канал на теми од психологијата на барањето работа, човечките ресурси и регрутација, а се согласи да поприкаже за недостатоците на јавно здравствениот систем во однос на третирањето на менталното здравје, но и предизвиците со кои се соочува психологијата како дисциплина, психолозите, младите и маргинилизираните.

Никола Шиндре: „Викторија, културата за грижа за здравјето на овие простори е неразвиена, а грижата за менталното здравје до некаде и табуизирана. Како да почне човекот да се грижи за своето ментално здравје?“

Викторија Бондиќова: „Грижата за физичкото и менталното здравје започнува од моментот на колективното разбирање на терминот здравје. За жал, во нашиот регион (овде би ги вброила С. Македонија, но и Бугарија каде во моментов живеам), општата дефиниција на поимот здравје се сведува на физичко здравје. Сè додека свесноста за грижа за здравјето опфаќа физичко, ментално, емоционално и други форми на здравје, човекот би започнал да размислува во насока на грижа не само за физичкото, туку и на менталното здравје. Во истовреме, навистина би било пристрасно да донесам заклучок дека постои еден фактор кој допринесува за неразвиеноста/табуизирање на грижа на здравјето. За да ги увидиме начините кои би се покажале како ефикасни за човекот да се грижи за менталното здравје, потребни се сеопфатни, национални  и методолошко издржани истражувања и мерки врз основа на спроведените наоди. Како неколку фактори кои се поврзуваат со табуизирањето на менталното здравје, кои доаѓаат од моето искуство во истражувања на терен, но и други наоди се: незнаењето и неинформираноста на јавноста за поимот ментално здравје, отсуство на теми за менталното здравје во образовниот систем, низок социо-економски развој во земјите од регионот, ставовите кон менталното здравје, достапноста на услугите за ментално здравје во здравствениот систем, но и негативните претходни искуства со услуги за ментално здравје. Според мене, со цел да разговараме како би го поттикнале човекот да се грижи за индивидуалното ментално здравје, најпрвин би требало да ги адресираме причините поради кои тој одбива да се грижи, кои не се само индивидуални, туку и системски.  Следејќи ги примерите од развиените земји, потребни се системски реформи во здравствениот и образовниот систем кои би биле во насока на стимулирање на знаењето, информираноста, а преку тоа и грижата кон менталното здравје преку соодветна едукација, квалитетни услуги за ментално здравје и развивање на јавната свесност за менталното здравје во заедницата воопшто.“

Н. Ш. Во јавните здравствени установи недостигаат лекари, а во образовните психолози, дефектолози, социјални работници. Кои услови се потребни за соодветна грижа за менталното здравје?

В. Б. Улогата на стручните тимови од психолози, дефектолози и социјални работници во училиштата, но и психолози, во сите болници – е суштинска. Во моментов, не сум целосно запознаена со бројот на психолози во секоја здравствена установа, или училиште, но имам информација дека во многу училишта во С. Македонија нема вработен психолог, како и дека нема вработен психолог во секоја болница. Исто така, макар и да има вработени психолози во училиштата, комплексно е прашањето која е нивната улога и придонес во училиштата, земајќи ги предвид административните задачи. За оптимален развој и едукација на децата во предучилишна и училишна возраст, покрај наставниците, професорите и социјалните работници, клучни се психолозите. Од друга страна, за да постои соодветно информирање за менталното здравје се потребни стручни лица кои активно ќе придонесуваат кон развивање на свесноста за менталното здравје уште од најрани нозе: преку соодветни методи на едукација прилагодени на возраста. Како би очекувале ментално здрава, информирана и образувана популација без присуството на стручен тим – психолози во секое училиште? Како учениците би започнале да се грижат за менталното здравје доколку овој поим речиси и да не се споменува додека го поминуваат времето во училишните клупи? Навистина сум среќна кога доаѓам во контакт со искуства од ученици во одредени училишта во С. Македонија каде има психолози кои навистина придонесуваат кон грижата за менталното здравје на учениците и се позитивен пример. Најнакрај, доаѓаме до заклучок дека за да постојат услови за соодветна грижа за менталното здравје во образовните установи, потребно е активно учество на сите актери во образовниот систем: државните институции преку (ре)дефинирање на закони поврзани со менталното здравје и програмата за развој на образование, експертизата на невладините организации и универзитетските професори. Доколку постои волја и соработка од овие влијателни актери, промената во условите за грижа за менталното здравје би била неизбежна, на како на пример, измена на релевантните закони, зголемен број и задачи на психолозите, вклучување на теми за ментално здравје во наставните планови, промена наставните предмети и слични промени.

Н. Ш. Многумина живеат во дисфункционални семејства, но и домаќинства. Како да се одржува менталното здравје кога не може да се напушти тој дом?

В. Б. Живеењето во дисфункционални семејства, за жал, сè почесто се забележува во нашиот регион. Би било добро да не заборавиме дека поединецот не егзистира во еден, туку во повеќе системи кои го опкружуваат: семеен, социјален, пријателски и останати системи. Во овие случаи кога семејниот систем е нарушен, би требало да се разгледуваат системите на поддршка на кои поединецот може да се потпре, кога семејството не е случај. Дисфукционално семејство не значи нужно и нарушено ментално здравје. Доколку поединецот ги истражи, а воедно работи на освестување и зајакнување на другите системи на поддршка во својот живот, од типот на: пријателски, партнерски, роднински и други релации, би можел да живее квалитетен и исполнет живот. Секако, со цел да настанат индивидуални промени во личноста од типот на освестување и зајакнување на силните системи на поддршка, потребна е долготрајна работа на себе преку психотерапија или психолошко советување, кое длабоко го препорачувам.

Н. Ш. Маргинилизираните заедници секогаш имаат поголеми потреби од психосоцијални поддршки и совети. Како да се охрабрат да бидат и политички активни за проблемите со кои се соочуваат?

В. Б. Навистина тоа е одлично прашање. Пред 3 години спроведовме истражување за процена на потребите на ЛГБТИК+ луѓето во С. Македонија заедно со „Субверзивен фронт“ и истражувачи од Универзитетот во Мичиген при кое се покажа дека една од главните потреби кај ЛГБТИК+ луѓето е потребата за услуги за ментално здравје. Како би можеле да очекуваме активност во заедницата доколку постои табуизирање на темите за ментално здравје, недоволна информираност за темите поврзани со менталното здравје, стигматизација, дискриминација во здравствениот систем и негативни претходни искуства со услугите за ментално здравје?  Исто така, како личноста би се охрабрила да биде политички активна доколку луѓето не се чувствуваат прифатено, самоуверено и охрабрено да се борат во име на заедница? Повторно, промените кои се потребни доаѓаат од индивидуално и системско ниво. Би набројала неколку кои се покажаа како препораки од учесниците во нашето истражување: индивидуална работа на себе-зајакнување, присуство на законски реформи во здравството, достапност на квалитетни услуги од ЛГБТИ+ friendly – едуцирани стручњаци за ментално здравје (психолози, психијатри, социјални работници), едукација за теми од ментално здравје, доверба во граѓанските организации и државните институции – сите овие активности, или барем дел од нив, би можеле да ги мотивираат и охрабрат маргинализираните заедници да ги адресираат проблемите со кои се соочуваат на едно организирано, политичко, или на ниво на заедница.

Н. Ш. Дисциплинизацијата е метод на психологијата, но и на власта. Како и кога треба правилно да се употребува за добросостојбата на индивидуата?

В. Б. Јас не сум застапник на дисциплинизација како метод, без разлика дали станува збор за метод во психологијата или на власта.

Н. Ш. Психологот не е семоќен во однос на помошта што може да ја пружа. Како да се советува кога проблемите не се само психолошки, но и економски, финансиски, материјални?

В. Б. Факт е дека психолошката поддршка е двонасочен процес – потребно е ангажирање на давателот на психолошка услуга (психолог, психотерапевт, психијатар) и на примачот, односно клиентот. Клиентот е оној на крајот сам ќе си помогне себеси преку поддршката која ја добива од помагачот. При секоја услуга, „проблемот”, иако не би сакала да го наречам проблем, туку поле за работа – има повеќе страни за разгледување кои би требало да бидат истражени во рамки на психотерапија. Многу често, психолошките предизвици се резултат на повеќе фактори, на пример, комбинација од економски, материјални, финансиски и слични фактори. Навистина би било тешко да се каже дека постои генерален совет или „рецепт” за тоа како да се работи кога постојат повеќе агли на проблемот – секоја личност си носи индивидуално поле за работа на кое му треба индивидуален пристап. Со цел да се утврди како би се работело во случаи на испреплетување на факторите кои му создаваат потешкотии на клиентот, би требало да се истражи преку стручна психолошка помош преку разгледување на сите фактори и барање начини како да се адресираат истите.

Н. Ш. Како да се пронајде мирот во себеси, а да се продолжи со борбата што ја носи животот?

В. Б. Сметам дека ние сите негуваме мир во себеси, но не кај сите нас е доволно откриен или развиен. Важно е да бидеме во контакт во себе и да ги слушаме нашите автентични потреби, да го активираме рационалното и емоционалното и да работиме на себе. Мене лично, најмногу ми помогнала психотерапијата во разбирањето на себе, надминување на потешкотиите, како и развивање на долготрајни промени во себе, ставовите, погледите и начините на бидување. Доколку успееме да разбереме што сакаме, зошто тоа го сакаме и како ќе го добиеме тоа – сме на добар чекор кон целта. Животот е исполнет со предизвици, извори на стрес кои не можеме да ги избегнеме  – она што е важно е да се запрашаме: Како ние реагираме на предизвиците? Како се справуваме во нештата кои нè прават анксиозни, тажни, уморни, нерасположени? Дали знаеме кои се стратегиите кои функционираат на нашата личност? Дали се тие стратегии здрави или не? Доколку ги поставуваме прашања и наоѓаме одговори, борбата би била барем малку полесна.

|2020-10-11T14:44:44+00:009 октомври 2020|Актуелно, Култура, Став|