(УСС:) Студентите имаат право да го бараат невозможното!

СКОПЈЕ, 03. 03. 2020 – Гласник во целост го објавува соопштението на Универзитетското студентско собрание на УКИМ – (УСС) насловено како „Студентите имаат право да го бараат невозможното!“. Во овој напис до јавноста, студентите се повикуваат на вредностите на солидарноста. Статусот на студентот и неговата улога во универзитетот и во општеството се исто така неодминлив дел од заложбите на новото раководство на ова студентско тело.

Во продолжение можете да го прочитате целосното соопштение на УСС.

Универзитетското студентско собрание (УСС) е единствениот легален и легитимен претставник на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Универзитетското студентско собрание како свои основни вредности ќе ги промовира солидарноста, одговорноста и создавањето на услови за универзален студентски идентитет. Само студенти кои се солидарно здружени во борбата за своите права и кои ќе бидат одговорни во однос на своите заложби можат да пружат вистинска шанса за промена на универзитетот, студентскиот стандард, а со тоа и севкупното високо образование во државата. Ние, како прва генерација која има свое студентско претставничко тело, имаме историска можност, но и одговорност да ги оствариме овие вредности и да ги поставиме темелите за идните генерации.
Нашите вредности и цели не го изразуваат само непосредниот интерес на студентите туку и интересот на самиот универзитет и се поклопуваат со генералните аспирации на општеството. Нашите барања се истовремено барања за подобар универзитет, подобро образование и во крајна смисла подобро општество. Токму тука всушност лежи и нашата историската улога: со остварување на нашите идеи, ние придонесуваме кон општественото добро!Во таа насока ние принципиелно ќе настојуваме да ги убедиме надлежните дека спроведувањето на нашите барања се од универзален интерес за општеството, а со тоа и за институциите кои ги претставуваат. Во борбата за поквалитетно образование нема простор за компромиси и пазарење. Образованието мора да стане приоритет на целата заедница, бидејќи без квалитетно образование не можеме да се надеваме на подобро општество.

Ние бараме создавање на автономен универзитет кој ќе продуцира вистинско знаење, но и создавање на услови за повисок животен стандард за студентите кои моментално се фрлени на маргините на општеството.
За да ги оствариме овие цели мораме да го унапредиме статусот на студентот во образовниот процес преку вклучување на студентите во носењето одлуки на универзитетот, во креирањето и оценувањето на наставните програми, вклучување на студентите во научно истражувачката работа на универзитетот и создавање можност за самостојна студентска научно-истражувачка дејност. Дополнително статусот на студентот ќе го подигнеме и со отворање на студентски културен центар под целосна контрола на студентите, во кој студентите ќе го создадат својот културен идентитет, а покрај физичкиот автономен простор за студентите ќе целиме и кон креирање на виртуелен автономен простор, студентски медиум, преку кој студентите ќе можат да ги комуницираат своите идеи, проекти, творби и активности, но кој истовремено ќе претставува и платформа преку која студентите ќе може да ја артикулираат својата критика.
Покрај унапредувањето на статусот на студентот, УСС ќе ги употреби сите расположливи механизми за вршење на притисок врз надлежните институции во насока на зголемување на финансиите кои државата ги издвојува за образованието воопшто, особено за високото образование и за научно истражувачката дејност. Зголемените финансии ќе придонесат кон тоа универзитетот да изгради современа образовна инфраструктура, односно современи читални, лаборатории, амфитеатри, релевантна литература и пристојни плати за образован професорски кадар, но и дигитална инфраструктура која ќе ги замени бирократските лавиринти со кои студентите секојдневно се соочуваат.

Ги повикуваме сите студенти да се вклучат во работата и активностите на Универзитетското студентско собрание. Нашите барања се заеднички барања и можат да бидат реализирани единствено доколку сите се вклучат во нивното остварување. Сами 46 претставници во УСС не можат да направат многу, но 30 000 студенти на УКИМ и уште толку на другите универзитети во државата можат и мораат да го бараат невозможното.

Во текот на следната недела ќе бидат објавени сите можности за вклучување во работата на УСС.

Дојди и приклучи се!