Светот не успева да постигне ниту една единствена цел за заштита на биодиверзитетот според новиот извештај на ОН

Новиот осудувачки извештај објавен од Обединетите Нации истакнува како глобалната заедница не успеа да постигне ниту една од 20-те цели за биолошка разновидност кои беа воспоставени во Аичи, Јапонија во 2010-та година. Овие цели беа поставени за да се зачува биодиверзитетот во светот, да се промовира одржливоста на видовите и да се заштитат екосистемите, во време на изумирање на истите, дополнително поттикнато од климатската криза. Но, извештајот потенцира и некои охрабрувачки знаци што биле забележани во текот на изминатата деценија и дава препораки за тоа како да се избегне понатамошна штета по 2020 година.

Во 2010 година, лидери од 196 земји се состанаа во Аичи, Јапонија и се согласија на список од 20 цели насочени кон зачувување на животот на Земјата. Десетгодишниот план се состоеше од амбициозни, но клучни цели за спречување на широкото уништување на биодиверзитетот во светот како и човечката и планетарната благосостојба. Со приближувањето кон крајот на деценискиот временски рок, новиот извештај објавен од ОН објаснува како не успеавме да постигнеме ниту една единствена цел зададена за оваа деценија.

Извештајот беше објавен пред Самитот на Обединетите Нации за биодиверзитет кој се одржа во Њујорк на 30-ти септември 2020 година. Покрај останатото, Самитот беше широко критикуван од граѓанското општество за недостаток на „демократски процес за вклучување на граѓанското општество“ како и за номинирање говорници за учество на самитот. Генералниот пристап кон кризата со биодиверзитетот на планетата исто така беше доведен во прашање:

„Ги испробавме сите пазарни механизми и пристапи од Рио и доказите за неуспех на истите се се’ посилни. Сега е време за смели јавни инвестиции што можат да се генерираат со прераспределба на богатството преку проверени средства – даноци и исплаќање на еколошки долгови. Не смееме да си дозволиме да ги повторуваме грешките од минатото.“

Како што спомнавме, ниту една од 20-те цели не беше постигната, но шест цели беа „делумно постигнати“, вклучувајќи мерки околу контрола на инвазивни видови, заштита на специфични копнени и морски области, зголемено применето и споделено знаење околу биодиверзитетот, финансиска и политичка поддршка за зачувување на биодиверзитетот и фер и правичен пристап до генетски ресурси.

Во меѓувреме, мал или речиси незначителен напредок беше постигнат во однос на преостанатите 14 цели во врска со: подигање на свеста за вредноста на биодиверзитетот, интеграција на вредностите на биолошката разновидност во стратегиите за намалување на сиромаштијата, крај на субвенциите за штетни практики, намалување на стапката на загуба на природни живеалишта и ранливи екосистеми, зголемување на одржлива потрошувачка, одржливо ловење на морски животни, одржливи земјоделски практики, драстично намалување на загадувањето, спречување на понатамошно истребување на загрозени видови, одржување на генетска разновидност, обновување на важни екосистеми, зголемена отпорност на екосистемите и почитување и заштита на традиционалното знаење од домородните и локалните заедници релевантни за зачувување на биолошката разновидност.

Некои охрабрувачки знаци

И покрај недостатокот на значителен напредок во текот на последната деценија, авторите на извештајот препознаа и неколку позитивни знаци кои според нив, можат да го осветлат патот за идните политики и дејствување во однос на глобалниот биодиверзитет. Вредности на биодиверзитет беа додадени на националните сметководствени системи на скоро 100 земји, а на глобално ниво забележано е двојно зголемено финансирање на мерки за зачувување на биодиверзитетот.

170 земји ги ажурираа своите Национални стратегии за биолошка разновидност и акциони планови, а има збогатување на податоците и информациите за биолошката разновидност  што им беа достапни на граѓаните, истражувачите и креаторите на политиките. Стапката на уништување на шумите се намали за една третина во споредба со претходната деценија, воведено е подобрено управување со риболов во некои клучни области, многу ненативни видови се искоренети од островите, има поголемо ширење на заштитените подрачја и бројот на истребувања на некои видови е намален заради преземени различни мерки.

За жал, обемот на овие подобрувања не е доволно голем за да направи позитивна разлика на глобално ниво, но авторите тврдат дека од ова може да се извлечат поуки за  во иднина.

Како понатаму?

Извештајот јасно кажува дека ни претстои долг пат за вистински да успееме да избегнеме катастрофална ситуација во блиска иднина. Биодиверзитетот на планетата е во неволја, а пандемијата COVID-19 уште повеќе ја истакна важноста за одржување на здрава врска помеѓу луѓето и природата. Авторите наведуваат голем број научени лекции и чекори што треба да се преземат во текот на следниот период:

  • Посилни владини, економски и општествени мерки за решавање на причините за губење на биодиверзитетот
  • Поголема интеграција на родова еднаквост, домородно население, локални заедници и целокупно повисоко ниво на ангажирање на засегнатите страни
  • Посилни национални стратегии и спроведливи акциони планови за биодиверзитет
  • Повеќе добро дизајнирани, реално остварливи цели со користење на SMART критериумите
  • Побрзо и поефикасно спроведување на стратегиите
  • Зголемена национална амбиција и редовно ажурирање на активностите за зачувување
  • Повеќе тековно евалуирање, адаптивно управување и разбирање на причините за успесите и неуспесите во мерките и политиките за биодиверзитет
  • Контрола на спроведувањето на поодржлива и посоодветна поддршка на земјите

Авторите инсистираат на тоа дека не е доцна „да се забави, запре и на крајот да се справиме со моменталните трендови на опаѓање на биодиверзитетот“. Било какви активности преземени во оваа насока се екстремно значајни, но мора да бидат усогласени со целите на Агендата за одржлив развој за 2030-та година и Парискиот договор за климатски промени. Ги потрошивме последните десет години, но сега е време да научиме од грешките и да дејствуваме ефективно и ефикасно.

The Climate Herald објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Автор: Џеј Ди Фаруџиа | Превод и адаптација: Симона Гетова

 

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.

Симона е докторант во областа на политичката екологија на катедрата за политички и социјални науки на Универзитетот Помпеу Фабра во Барселона. Таа е организатор за климатска и социјална правда и работи на пресеците на политичкото образование, управувањето и колективното делување за социјално-праведни и еколошко-здрави заедници на Балканот и пошироко.

|2020-10-14T19:59:47+00:0014 октомври 2020|Актуелно, Вести, Екологија, Здравје|