Софија Бејковска: „На сите ученици треба да им се обезбеди бесплатен и достапен лаптоп и интернет.“

Дијалог со Софија Бејковска по повод Меѓународниот ден на учителот

Овој празник е многу значаен за просветата затоа што го слави значењето на учителот во изградбата на ученикот. Софија Бејковска е една од младите наставници кои предаваат „стари“ јазици. Таа дипломирала на класична филологија на Филозофскиот факултет во Скопје, а моментално предава латински јазик во Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ во Битола. Софија е жената која што го преплива Охридското Езеро за да се изгради покриен базен во Битола. Денес со неа ќе разговараме за проблемите на просветните работници, особено на учителите, односно наставниот кадар.

Никола Шиндре: „Софија, од просветителството навака се расправа за значењето на просветата, науката, знаењето, а кај нас за жал просветата секогаш била слаба страна. Проблемите на просветните работници се проблеми на просветата. Како е да се работи како просветен работник во нашата држава?“

Софија Бејковска: „Ако тргнеме од тоа дека во денешно време скоро и да нема ученици кои сакаат да бидат некогаш во животот наставници можеме донекаде да го почувствуваме јавниот став во нашето општество кон просветата, науката и знаењето. Подобро е да си бизнисмен, менаџер, јак програмер, светски познат фудбалер и други трендовски професии, отколку да го посветиш животот поучувајќи ги следните генерации. Дури и наставниците кои работат ги советуваат новодојдените колеги да си ја побараат среќата на друго место, зошто „во образование нема радост“. Зошто дојде до ваквиот став? Според мене, во повисоките раководни институции во најголем дел се вработени некомпетентни луѓе (советници, министри и др.) кои никогаш немале слух за потребите на наставниците низ целата Македонија. Образованието постојано поминува низ некои реформи за кои никогаш немало соодветни, платени обуки за наставниот кадар. Програмите по наставните предмети за некои години воопшто не се меѓусебно поврзани. За условите во кои работат наставниците, а учат учениците во Македонија да не зборуваме – полски вц-а, раскапани покриви, застарени објекти, работење само со креда и табла, немање компјутери, интернет, фотокопири, хартија за печатење и др. Кабинетската настава не функционира затоа што нема инструменти во кабинетите, па учениците воопшто немаат можност за практична настава.
Наставникот честопати поради немање на доволно часови патува и држи часови во неколку различни училишта или во неколку различни града. Наставникот и со 4 (четири) часа е регистриран како вработен во државата, а месечните примања со четири часа би му биле отприлика 4500 денари. Синдикат како и да не постои.
Во најскоро време, од март наваму, сѐ досега наставниците беа оставени потполно сами на себе, сами да се снаоѓаат, сами да се обучуваат во карантин, сами да си обезбедуваат услови во домот за да им предаваат или да им даваат материјали на учениците.  “

Н. Ш. Веројатно структурните можности за напредок и развој на наставниот кадар недостасуваат. Јавноста знае дека часовите од дополнителна и додатна настава не се одржуваат затоа што не се плаќаат, а за редовната настава има премногу ученици во паралелка. Како се пренесува знаењето во скудни услови за работа?

С. Б. Во однос на ова прашање би одговорила со спротивен одговор. Иако часовите за дополнителна и додатна настава не се плаќаат, многу често ќе забележите наставник кој останува после часови и чека ученици за дополнителна и додатна настава. Некогаш е проблем што во двосменски училишта наставникот треба двојно да одржи дополнителна и додатна настава. Кога наставникот спрема ученици за натпревар прво ги спрема за општински, регионален, државен. Тоа верувале или не, одзема време и внимание (надвор од распоредот на часовите). Тогаш кога треба да ги однесе учениците на натпревар надвор од градот, тоа не му се смета во работно време (а, најчесто е во сабота), нема паричен надоместок за храна (ни за наставникот, ни за ученикот), а се случувало и наставници и ученици сами да си го плаќаат патот. Во однос на вториот дел од прашањето би рекла дека некаде има премногу ученици каде е прилично тешко да одржиш фокус на мислата, а во некои училишта има премалку ученици, па учениците копнеат да имаат повеќе соученици.

Н. Ш. Голем проблем на просветата исто така е учебникарството и подготвувањето на наставните програми, содржини, средства и осмислувањето на концептот за образование. Како е одвиваат овие процеси? Каков е системот на консултации доколку постои таков?

С. Б. Како што кажав погоре, наставниците скоро и да не се консултираат за осмислувањето на концептот за образование. Учебниците, иако со грешки, издадени во 2002, и по ревизиите во следните години, повторно се печатени со истите грешки. Голем дел од учебниците се неприменливи и досадни за учениците и наместо да се прават барем со помош на наставен кадар од средно и основно образование, автори на учебниците се лица кои никогаш или одамна немаат предавано, или целиот живот предаваат во високо-образовни институции и не можат да ги доловат потребите на учениците и наставниците од основното и средното образование.

Н. Ш. Генерално гледано нашите образовни установи тонат во долгови, во лоши материјални услови за работа, во ad hoc проекти кои што ветуваат многу, а не исполнуваат ниту малку. Што е тоа што фали за да може да се воспостави солиден, но и солидарен образовен систем во нашата држава?

С. Б. Бидејќи интервјуто е во време кога ни јас не знам повеќе што е потребно, поради тоа што сметам дека има шанси да се промени концептот на училишта, ученици и наставници во скора иднина, сепак доколку останеме со онлајн учење подолго време, би требало да се обезбедат прво сите услови за успешно следење на наставата: добро обучени наставници, обезбеден брз интернет, нови компјутери и телевизори (барем во секоја училница), платени компјутери и интернет пристап од дома за учениците. Да се вметне во скратените програми и педагошкиот елемент. Ние не сме само предавачи, туку сме и педагози.
Доколку, пак, во скора иднина се вратиме повторно во нашите училници, тогаш треба да се обезбедат објекти кои не се во распаѓање и во кои ќе има услови за лична хигиена, целосна опрема која прилега за училишта од новата ера, средства за работилници и други активности, повеќе практична работа, работни акции барем една недела во полугодие, зачестени екскурзии и настава во природа, простор за заедничка исхрана која ќе содржи квалитетни оброци, за да не се случува богато дете да потроши пред своите соученици 500 денари за хамбургер, чоколада, сокчиња, а некое дете да нема можност да си купи ѓеврек со јогуртче.
И уште една важна работа: наставниот кадар треба да се вработува по одредени критериуми за квалитет, посветеност, креативност и оценки од високото образование, а не по критериумите на нечија фамилија или партија.

Н. Ш. Просветни работници не се само учителите, но и техничкиот помошен персонал, а тоа не смее да изостави на Денот на учителот. Вие не сте хигиеничар, но како работат тие, што е тоа за кое што сакаат да се изборат?

С. Б. За мене како наставник најстрашно е именувањето на хигиеничарите во „служители“, кое се пренесува од генерација на генерација. Треба да знаат луѓето дека хигиеничарите не служат и не треба да се понизни во однос на останатите во институцијата, туку се луѓе задолжени за да ја одржуваат хигиената во училиштето и да ни обезбедат подобри здравствени услови. Учениците никако не смеат да им ја отежнуваат нивната работа со тоа што често оставаат недојадена храна под клупите,  лепат мастики, фрлаат ѓубре таму каде што не му е местото…
Инаку во нивно име и за нивните потреби би требало да зборуваат самите тие, а не јас.

Н. Ш. „Славата на ученикот е слава на учителот.“ е една латинска максима која што денеска можеби и ретко кој ја споемнува. Каков е односот на јавноста спрема наставниците и каков однос треба да се создава?

С. Б. Gloria discipuli, gloria magistri – ја работиме со моите ученици на час и ја дискутираме. Точно е, скоро и никој да не го спомнува наставникот за заслугите кои ги има во општеството. А поради ниските плати и лошите услови, единствена сатисфакција на наставникот да се одржи во живот и да ја поднеси својата работа е почитта од страна на ученикот. Само така во Македонија наставникот знае дека вреди и дека не е заборавен.
Видете, да си наставник не е само професија, туку е и мисија. Во земја како нашата, со услови како нашите, во време кога имаме страшно раселување и раслојување на населението, кога трите темели на Републиката образованието, здравството и судството се потполно расклимани мора да постојат учители за овие деца кои живеат овде, мора да постојат учители кои и покрај сѐ ќе веруваат во иднината на децата и кои несебично ќе дадат најмногу што можат. Па, макар и наставникот во денешно време да ја има најнеблагодарната работа. Не можам да речам дека не се нервирам од јавниот став кон наставниците, кога ќе не плукаат по телевизија, во коментари на социјални мрежи и кога будно следат колку дена работиме, а колку дена не работиме. Општеството кое престанува да си ги почитува наставниците или е неписмено или е несреќно.

Н. Ш. На крај, сепак смислата на училиштето се наоѓа во образувањето и воспитувањето на ученикот. Какви материјални предуслови и образовни услови треба да има секој ученик за да може да се образува?

С. Б. За материјалните услови на учениците во државно образование треба да се погрижи државата.  Ако сме социјално праведно општество тогаш треба да имаме социјално праведно образование.

|2020-10-11T14:44:56+00:005 октомври 2020|Актуелно, Култура, Став|