(Славој Жижек) Корона вирусот претставува удар врз капитализмот и може да доведе до реобмислување на комунизмот

Актуелното ширење на епидемијата на коронавирусот предизвика и широко распространета епидемија на идеолошки вируси кои досега во нашите општества беа скриени: лажни вести, параноични конспиративни теории, експлозии на расизам.

Основаната медицинска потреба од карантини го пронајде своето ехо во идеолошкиот притисок да се воспостават чисти граници и да се изолираат непријателите кои претставуваат закана за нашиот идентитет.

Но можеби друг – многу покорисен – идеолошки вирус ќе се рашири и надежно ќе не зарази: вирусот на размислување околу алтернативно општество, општество кое ја надминува државата-нација, општество кое се актуелизира себе си во формите на глобална солидарност и соработка.

Денес се слушаат шпекулации дека корона вирусот може да доведе до пад на комунистичкото владеење во Кина, на ист начин (како што самиот Горбачов призна) како што чернобилската катастрофа беше настан што го предизвика крајот на советскиот комунизам. Но овде има еден парадокс: корона вирусот воедно ќе не принуди да го реобмислиме комунизмот базиран на доверба во луѓето и во науката.

Во последната сцена од Kill Bill на Квентин Тарантино, Беатрис го онеспособува злобниот Бил и го напаѓа со техниката „Five Point Palm Exploding Heart Technique“ – најсмртоносниот удар во сите боречки вештини.  Потегот се состои од комбинација на пет удари со прстите на пет различни точки на притисок врз телото на противникот. Штом противникот ќе се одалечи и ќе изоди пет чекори, неговото срце експлодира внатре неговото тело и тој паѓа на земја.
Овој напад е дел од митологијата на боречките вештини и е невозможен во реалната борба.
Но, назад кон филмот, штом Беатрикс го изведува, Бил смирено се поздравува со неа, изодува пет чекори и умира. ..

Она што го прави овој напад фасцинантен е времето помеѓу ударот и моментот на смртта: се додека седам смирено, јас можам да разговарам непрекинато, но постојано сум свесен дека штом почнам да се движам, во истиот момент моето срце ќе експлодира и ќе умрам.

Зар не е слична и идејата на оние кои шпекулираат дека епидемијата на корона вирусот ќе доведе до пад на комунистичкото владеење во Кина? Нешто како социјален “Five Point Palm Exploding Heart Technique” врз комунистичкиот режим на државата, властите можат да седат, да опсервираат и да се движат во карантин, но било која реална промена во општествениот поредок (како доверба во луѓето) ќе резултира во нивен пад.

Моето скромно мислење е многу порадикално: епидемијата на корона вирусот е вид на “Five Point Palm Exploding Heart Technique” напад на глобалниот капиталистички систем – сигнал дека не можеме да продолжиме по истиот пат на кој што сме сега, сигнал дека е потребна радикална промена.

Тажен факт – потребна ни е катастрофа

Одамна, Фредрик Џејмсон посочи на утопискиот потенцијал во филмовите за космички катастрофи (астероид и се заканува на Земјата или вирус го убива човештвото). Ваква глобална закана раѓа глобална солидарност,  нашите бедни разлики стануваат небитни, сите соработуваме да пронајдеме решение – и еве не денес, во вистинскиот живот. Поентата не е садистички да уживаме во широко распространетото страдање се додека тоа и помага на нашата кауза – напротив, поентата е да го согледаме тажниот факт дека нам ни е потребна катастрофа за да не натера да ги преобмислиме најбазичните карактеристики на општеството во кое живееме.

Првиот нејасен модел на таква глобална координација претставува Светската здравствена организација, од која не добиваме вообичаени бирократски глупости туку конкретни предупредувања објавени без паника. На такви организации треба да им се даде повеќе извршна моќ.

Берни Сандерс е исмеван од скептиците за неговото залагање за универзално здравствено осигурување во САД – зар лекцијата од епидемијата на корона вирусот не е дека е потребно дури и повеќе од тоа, дека ние треба да составиме некој вид на глобална мрежа на здравствена заштита?

Еден ден по појавувањето на Иранскиот заменик министер за здравство Ираш Харирчи на прес  конференција со цел да го потцени ширењето на корона вирусот и да објави дека не се потребни масовни карантини, тој даде кратка изјава, признавајќи дека бил заразен со корона вирус и дека поради тоа се сместил себе си во изолација (дури и при првото појавување на телевизија, тој покажуваше знаци на треска и омалаксаност). Харичи додаде: „Овој вирус е демократски, и не прави разлика меѓу богатите и сиромашните или помеѓу државниците и обичните граѓани.“
Во ова, тој беше во право – сите сме во истиот брод. Тешко е да се избегне големата иронија на фактот дека она што не обедини и не турна  во глобална солидарност се изразува себе си, на ниво на секојдневнен живот, во строги заповеди да избегнуваме блиски контакти со други, дури и да се само-изолираме.

Ние не се соочуваме само со вирални закани – и други катастрофи демнат на хоризонтот или веќе се случуваат: суши, топлотни бранови, масивни бури и тн. Во сите овие случаи, одговорот не е паника туку напорна и ургнетна работа да се воспостави некој вид на ефикасна глобална координација.

Дали ќе бидеме безбедни само во виртуелната реалност?

Првата илузија која треба да ја отфрлиме е онаа формулирана од американскиот претседател Доналд Трамп при неговата неодамнешна посета на Индија, каде што тој рече дека епидемијата ќе се повлече брзо, а ние само треба да ја почекаме иглата (вакцината) и животот ќе се врати во нормала.

Наспроти овие празни надежи, првата работа која трба да ја прифатиме е дека заканата ќе остане присутна. Дури и овој бран да се повлече, тој ќе се појави во нови, можеби и поопасни форми.

Поради ова, може да очекуваме дека виралните епидемии ќе влијаат врз нашите најелементарни интеракции со други луѓе и објекти околу нас, вклучително и нашите сопствени тела – избегнување на допирање на работи кои може да се (невидливо) валкани, не чепкајте брави, не седете на тоалетни шолји или јавни клупи, избегнувајте да прегрнувате луѓе или да се ракувате. Дури може да станеме попретпазливи околу спонтаните движења: не смеете да го допирате носот или да ги триете очите.

Државата и останатите агенции не се единствените кои ќе не контролираат, ние, исто така мора да научиме да се контролираме и дисциплинираме самите себе си. Можеби единствено виртуелната реалност ќе биде сметана за безбедна, а движењето слободно на отворено ќе биде ограничено само на островите поседувани од ултра-богатите.
Но дури и овде, на нивото на виртуелната реалност и интернетот, треба да се потсетиме дека во последните декади, термините “вирус“ и “вирално“ беа најчесто употребувани да се означат дигитални вируси кои го инфицираа нашиот интернет простор и за кои не бевме свесни, барем се додека нивната деструктивна моќ (на пример на уништување на нашите податоци или нашиот хард драјв) не беше ослободена. Она што сега го гледаме е масовното навраќање на буквалното значење на поимот: виралните инфекции одат рака под рака во двете димензии, реалната и виртуелната.

Враќањето на капиталистичкиот анимизам

Друг чуден феномен што може да го согледаме е триумфалното враќање на капиталистичкиот анимизам, на третитирање на социјалните феномени како “пазарот“ или “финансискиот капитал“ како живи ентитети. Ако ги следите нашите големи медиуми, впечатокот што го добивате е дека она за кое што треба навистина да се грижиме не се илјадниците кои веќе умреле (и илјадниците кои ќе умрат) туку фактот дека „пазарите стануваат нервозни“. Вирусот корона се повеќе го вознемирува глаткото работење на светскиот пазар и како што слушаме, порастот може да опадне за два или три проценти.

Дали ова не ја покажува јасно ургентната потреба за реогранизација на глобалната економија која повеќе нема да зависи од милоста на пазарните механизми? Се разбира овде не зборуваме за поранешниот комунизам, туку само за некаков вид на глобална организација што ќе може да ја контролира и регулира економијата, како и, кога тоа е потребно, границата на сувереност на државите-нации. Во минатото државите успеваа да го направат ова со војна во позадина, а сега сите ние ефективно се приближуваме до состојба на медицинска војна.

Дополнително ние не треба да се плашиме да забележиме некои потенцијално корисни посредни ефекти од епидемијата. Еден од симболите на епидемијата се патници заробени (во карантин) на големи крстаречки бродови – во искушение сум да кажам дека ова е добро ослободување од непотребноста на таквите бродови. (Мора да внимаваме патувањето до осамените острови или останатите ексклузивни ресорти повторно да не стане првилегија на малкумината богати, како што на пример беше летањето неколку децении порано.) Исто така, сериозно погодено од корона вирусот е и производството на автомобили – што и не е така лошо, бидејќи ова може да не натера да размислуваме за алтернативи за нашата опсесија со индивидуалните возила. Листата продолжува.

Во еден неодамнеш говор, унгарскиот Премиер Виктор Орбан рече: „Не постои такво нешто како либерал. Либералот не е ништо друго освен комунист со диплома.“

Што ако е точно спротивното? Што ако ги означиме како “либерали“ сите оние кои се грижат за нашите слободи, а како “комунисти“ оние кои се свесни дека овие слободи може да ги спасиме само со радикални промени бидејќи глобалниот капитализам се приближува до криза? Тогаш ние треба да кажеме дека, денес, оние кои се препознаваат себе си како комунисти се либерали со диплома – либерали кои сериозно проучиле и научиле зошто нашите либерални вредности се под закана и станале свесни дека само радикална промена може нив да ги спаси.

Превод: Стефан Видиков
Лектура: Е.М.

Првичната објава на текстот може да ја прочитате овде.