Дијалог со Симона Манчева за 1 Мај

Први мај е државен празник и Меѓународен ден на трудот. Кај нас оваа година поради пандемијата на КОВИД 19 овој празник нема да се празнува. Дополнително, со новите мерки на власта против работничката класа нема ниту што да се празнува. По овој повод зборувавме со Симона Манчева, млада уметница од Кавадарци. Таа дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот за сликарство со насока конзервација и реставрација, во класата на професорот Антони Мазневски и магистрирала на истиот факултет наа отсекот за сликарство кај професорката Жанета Вангели.

Никола Шиндре: Проблемите во општествата како македонското, транзициски, економски, правосудни, социјални или здравствени се секогаш присутни. Меѓу сите овие проблеми и просветата и културата имаат свои проблеми. Па, како е да се живее во општество со константни проблеми и да се занимава со уметност?

С.М. Со сите овие константни проблеми со кои се соочуваме, не само во уметноста, туку во секоја професија има многу работа. Па, наш е изборот дали ќе се ангажираме за соочување со проблемите, а воедно и нивно елиминирање. Имајќи го во предвид менталитетот и етиката која владее на овој простор на што упатуваат досега неуспешните реформи, јас живеам со ангажирана уметност.

„Социјални улоги“ на Симона Манчевска

Н.Ш. Во последните неколку години дури и главнотековните движења прифатија дека уметниците, сценографите, балерините, актерите, сите оние кои што работаат во културата се работници, па се поставија доста барања за правата на културните работници. Што според Вас е важно за работничките права на културните работници?

С.М. За да се посее култура во едно општесво, пред се сметам дека местото на културниот работник е во културните институции. Се додека културниот работник сам се снаоѓа за својот опстанок и реализација на својата работа, не верувам дека ќе ја поместиме оваа културна дистанца во која живееме.

Сепак, независната културна сцена дозволува многу поголема слобода во креирањето и практикувањето на уметноста, но поради изместените вредности во државата таа не е доволно видлива и ценета.

Н.Ш. Доста од овие барања се однесуваа на формално вработените работници во јавниот сектор од областа на културата, па се разбира, овие решенија нема да ги опфатат оние надвор од таа рамка. Како да се бара решението за оние уметници кои не се вработени?

С.М. По завршување на моето образование станав член на ЈАДРО – асоцијација на независната културна сцена. Во таа културна мрежа осознав колку е важна нашата соработка, нашето вмрежување со поединци, со организации, со неформални групи.

Синдикатот на култура на Република Македонија (СКРМ) и ЈАДРО – асоцијација на независната културна сцена поднесоа „Барање за воведување на специјални мерки за помош на домашната вонинституционална културна сцена како резултат на кризата со корона вирусот“. Барањето беше доставено до Оливер Спасовски – претседател на Владата, Мила Царовска – заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Хусини Исмаили – министер за култура и Петре Шилегов – градоначалник на Скопје.

Средбата се реализираше на 24 март во Министерството за култура и за голем дел од барањата се пронајде решение, но тоа се одвива бавно поради скратеното работно време и намален број на вработените.

Град Скопје веќе објави предлог мерки како последица од пандемијата, за заштита на социјалната состојба на уметниците од независната културна сцена. Министерството за култура работи со нова Уредба за финансиска поддршка на уметниците и културните работници кои трпат финансиски последици заради нереализација на проекти каде предност имаат невработените.

Н.Ш. Младите се неспоменати речиси во сите овие преписки. Нерешените прашања за вреднувањето на трудот создадоа плејада од фриленсери, прекарци, хонорарци или со друг збор луѓе крпачи. Како да се решат овие проблеми?

С.М. Со воспитување и образование. Сè додека нашите деца ги воспитуваат и негуваат лица кои немаат соодветно образование, се додека нашите деца ги образува лице кое се плаши за својата работа, без услови за нови методи на учење и наука, ништо нема да се промени.

Затоа, подобрувањето на животот на младите го гледам во неформалното образование, во вонинституционалната култура која одлично напредува. Вонинституционалната сцена е прогресивноста во нашето општество.

Н.Ш. Живеењето во друг град сигурно е помачно од живеењето во Скопје. Се разбира тука не го кажувам ова од апсект на убавината на животот, туку од аспект на пристапот до одредени услуги кои се нудат исклучиво во градот, а особено од областа на просветата и културата. Како да се создава култура во малиот град?

С.М. Без разлика во големината на градот, наше е да се развиваме, создаваме и едуцираме. Се додека ние гледаме сапуници, турски серии, каде е прикажана полигамија која не ја прифаќаме, сексизам, шовинизам, материјални вредности, се додека со стласт пиеме алкохол и конзумираме опојни супстанци, а бараме од нашите деца да прочитаат некоја книга, културата е тешко да се создаде во такво место.

Ние уметниците наместо да се посветиме на развојот на нашите идеи, ние мораме да учиме економија, право, менаџмент за да понудиме нешто.

Да одговорам, со поголема соработка на културните работници, со размена на знаења, здружување и дејствување. Борбата на културните работници е многу тешка и напорна, но не и недостижна. Ако во себе инвестираме со размена на културни читања, разговори и дебати, ако дејствуваме за развој и видливост на културата, таа се создава.

Возрасните не научија на послушност, дисциплина, но и да бидеме зависни од нив. Сега ние пораснавме, ние станавме возрасни и „изгубени“ во ова општество. Наше е дали ќе си одиме од овде или ќе се бориме за напредок и развиток.

Н.Ш. Она што недостасува е култура на борба за работнички права. Секоја борба неминовно носи некаква култура, па и борбата за подобар живот треба да ја носи својата. Како да се развива таа култура тука?

С.М. 1 Мај – ден на работничките права, ние претпочитаме да сме на излетнички места, во кафана, да славиме, да се забавуваме на тој неработен ден. Со нашата култура не се излегува на протест на овој ден, а утре бараме поголеми права и плата.  Не само на овој ден, туку и 8-ми Март, 10-ти Декември, и други  денови за видливост и борба за елиминирање на секаков вид на родова, полова, старосна, социјална, верска и секаков друг вид на дискриминација.

Едукацијата и изучувањето, разбирањето на принципите и постапките сврзани со човекови права ги оспособува луѓето да учествуваат во одлуките кои го одредуваат нашиот живот и да дејствуваат во насока на  разрешување на судири.

Н.Ш. Во тешки времиња тешко е да се сонува. Како Вие сонувате за подобра иднина?

Мојот сон за подобра иднина овде е да се напредува со воспитание и едукација пред сè. Амбициозноста на идивидуата да се истакне со знаење и истражување, а не со тоа како да го „спрепнам“ другиот. Сонувам за општествен развој кој остава трајни вредности и можности во развојот и слободата на младите.

|2020-05-01T09:37:04+00:0028 април 2020|Актуелно, Култура, Став|