Се отвори едно ново основно училиште во Центар, а што се случува со старите насекаде?

Во новата учебна 2019/2020 година се отвори новото основно училиште „Киро Глигоров“ во Општина Центар. Училиштето, според властите и некои од вклучените во изградбата (стручните во областа на архитектурата, градењето на јавни објекти како училишта, градинки, амбуланти) е изградено според сите светски стандарди. Додадоа дека новата зграда ќе биде гордост како на тие што се заложија да ја изградат, така и на учениците кои новата учебна година ќе ја почнат таму, во таа зграда ќе учат и ќе завршат основно образование.

Училиштето има објект од 12.100 квадратни метри и двор од 4.100 квадратни метри. Сите материјали за изградба на истото се од цертифицирани компании од САД, ЕУ и домашни компании. Енергетската ефикасност е на врвно ниво и според сите светски стандарди. Училиштето има и подземен паркинг за 104 возила. Во дворот пак, има спортски терени за фудбал, одбојка, урбана опрема итн. Внатрешноста на „Киро Глигоров“ е со прочистувачи на воздухот, ефикасен енергетски начин на затоплување на просториите, антиалергенски и антибактериски подови итн. Училиштето има и безжичен интернет од сите оператори. 21 училница, 7 кабинети, спортска сала, гимастичка сала, (фискултурните сали се изградени по ФИБА стандарди), ботаничка градина, трпезарија со кујна по ХАСАП стандард, наставнички кабинети, посебен компјутерски софтвер и кабинети по физика и хемија со довод на вода.

Оваа нова училишна зграда се разбира дека ќе биде гордост на сите ученици кои ќе учат во неа, како и на наставниот кадар кој ќе работи во истата и најверојатно и покрај ниските плати што ги земаат наставниците, кои впрочем имаа и еднодневен штрајк на почетокот на учебната година, ќе имаат барем просторни услови за работа по сите стандарди.

Сепак, и покрај убавините и практичноста на оваа зграда, сите други училишта во државата тонат и фигуративно, но и буквално во септички јами. Изградбата на оваа зграда воопшто нема да ги промени условите во кои што учат мнозинството од македонските ученици, а особено оние ученици кои живеат и учат во внатрешноста, особено во руралните средини каде што никогаш нема да го видат насмеаното лице на министрите бидејќи таму не се вршат ниту навремените поправки, а уште помалку изградби на нови училишни згради.

Според Државниот завод за статистика на Република Македонија (ПОПИС на училишен простор во основните и средните училишта, 2016 година, http://www.stat.gov.mk/Publikacii/2.4.17.01.pdf?fbclid=IwAR25esbLyDvugz8m8aTXPqP-Isov096TYyNmaeuu2e2e4oyaiKQEFjt4Hhk) во државата има 1342 училишни згради, од нив пак, во 82 училишни згради се сместени по две училишта, а во три згради се сместени три или повеќе училишта.

Во однос на затоплувањето на наставните простории, ситуацијата станува уште полоша кога ќе се земе предвид дека од 1342 згради само 109 се приклучени на јавна мрежа за затоплување, 639 имаат сопствено централно греење, од кои на гас се греат само 2 (две) училишта, а дури 578 училишни згради или 43 % од училишните згради во Северна Македонија се греат на огревно дрво. Па така може да се донесе заклучокот дека во Северна Македонија 43 % од училишните згради енергетски не само што не се ефикасни, туку и се наоѓаат во прединдустрискиот период кога начинот на затоплување на просториите бил преку палење на оган од исечени дрва во печка.

Според истиот извор, во 5 училишта во нашата држава не постои електрична инсталација, односно ние не можеме ни да претпоставиме како во ни воопшто се одвива наставата бидејќи во 21-виот век е повеќе од апстрактна идејата дека некој објект може да опстојува без да има пристап до електрична енергија.

Електрична енергија
Вкупен број на училишни згради Има приклучок на електрична енергија Нема приклучок на електрична енергија
1342 1337 5
100,00% 99,63% 0,37%

63 училишни згради се приклучени на хидрофори, а не на јавна водоводна мрежа, но поважно е да се каже дека од 7.3 до 11.3.2016 година (периодот кога на кој се однесуваат податоците) едно училиште добивало вода со цистерна. Фотографиите од Африка за жедта на тој континент се реалноста во тоа училиште во Македонија. Водата во 40 училишта пристигнува од бунар. Учениците од 40 училишта во државата ја немаат привилегијата да имаат функционален и чист довод на вода.

Вода, водовод и снабдување со вода
Вкупен број на училишни згради Приклучок на јавна мрежа на водовод Приклучок на хидрофор за вода Бунар Цистерна со вода Друг начин на пристап до вода
1342 1183 63 40 1 55
100,00% 88,15% 4,69% 2,98% 0,07% 4,10%

Кога се читаат податоците од публикацијата, по водоводот следува одводот, односно канализацијата, па тука може да се запримети дека 32 %, или една третина од училипните згради не се приклучени на јавна канализациска мрежа, но на септичка јама, а во 149 згради или добри 11 % од училишните згради немаат никаква канализација. Тоа значи дека државата за јавните училишта воопшто и да не води грижа ако некој воопшто обрне внимание на податоците кои што ги чита.

Канализација
Вкупен број на училишни згради Приклучок на јавна мрежа на канализација Приклучок на септичка јама Нема никаква канализација
1342 757 436 149
100,00% 56,41% 32,49% 11,10%

Во однос на тоа каде македонските ученици ги извршуваат физиолошките потреби, пак вредно е да се напомене дека во 252 згради учениците немаат тоалет во училиштето каде што учат, но имаат тоалет во дворот, а во 127 тоалети од нив нема можност да си ги исплакнат рацето откако ќе извршат нужда. Да споменеме дека во 38 училишта не можат да одат ниту во тоалет во дворот бидејќи нема никаков. Една петтина од зградите немаат основни услови за извршување на физиолошките потреби на учениците и кадарот во училиштата.

Тоалет

Вкупен број на училишни згради Во зградата на исплакнување Во зградата без исплакнување Во дворот на исплакнување Во дворот без исплакнување Нема никаков тоалет
1342 1038 14 125 127 38
100,00% 77,35% 1,04% 9,31% 9,46% 2,83%

Општо земено, во државата на 104 училишни згради им е потребна поголема поправка, санација им е потребна на 388, а 58 училишни згради се дотраени, се разбира во овие бројки на санација и дотраеност мора да влезат и сите погоре споемнати проблеми со училишните згради, а тоа е приклучокот на мрежите за вода, електрична енергија и канализација, како и достапноста до тоалети со чешми за миење на раце внатре во зградите.

Треба да се напомене дека во Македонија во 530 училишни згради учат до 25 ученици, така што може веднаш да се заклучи дека не се работи за големи училишни објекти за кои што се потребни многу финансиски средства за санација и уредување.

Изградбата на нови модерни и ефикасни училишни згради е за пофалба. Особено кога во процесот на изградба се вклучени релевантните стручњаци за изградба и одржување на истите, но изградбата на такви училишни згради каде ќе учат мал број на ученици во споредба со бројот на ученици кои учат во незамисливи услови за 21-виот век воопшто не е систематска. Такви згради нема да може да се изградат и за другите училишта впрочем, државата не може да најде средства за да ги подобри условите на учениците кои учат во супстандардни услови, оние услови кои што горе ги набројуваат од  Државниот завод за статистика.

Пофалба на сметка на власта може да оди ако власта се обиде барем на половината од учениците им обезбеди фер можности за напредок и квалитет, а не ако изгради една зграда која ќе ги запази сите светски стандарди, а во 252 згради нема да има тоалет, во 38 никаков тоалет, во 5 нема да има електрична енергија, во 40 училишта да има бунар наместо довод на чиста вода итн.

За жал, пофалбите за една зграда нема ништо да им донесат на оние ученици кои не учат во неа, а особено оние ученици кои учат во услови полоши од условите во претходните два века.

Во прилог можете да видите неколку фотографии од внатрешност и надворешност на стари градби на училишта во внатрешноста на државава:

Автор на текстот: Н.Р.

|2019-09-12T12:47:15+00:0012 септември 2019|Актуелно, Вести|