Руфат Јашари: „Младите имаат право да се осмелат да имаат самодоверба.“

Дијалог со Руфат Јашари по повод Југословенскиот ден на борецот

Во Социјалистичка Федеративна Република Југославија Ромите не беа конститутивен народ на ниту една социјалистичка република или покраина, но сепак дури и кај најмаргинализираната етничка група на Балканот постојат сеќавања за подобар соживот помеѓу сите во времето на социјализмот. Се разбира не смееме да ги прикриваме грешките на минатото затоа што треба да ја планираме иднината. Така денеска разговаравме со Руфат Јашари за состојбите со секојдневните борби на Ромите. Руфат Јашари е дипломиран професор по историја на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е левичар од Куманово и борец за социјална правда.

Никола Шиндре: „Јашари, Ромите се една од најдискриминираните етнички заедници во нашата држава. Би сакал да не запознаете со историјата на Ромите. Каква била положбата во минатото и какви процеси придонеле за да биде каква што е денес?“

Руфат Јашари: „Ромите всушност се една од на најсегрегираните етнички заедници речиси насекаде каде што се концентрирани, впрочем процесите коишто придонеле положбата на Ромите да биде таква каква што е денес биле воглавно од миграционен, општествено-политички или социјал-демографски карактер. Во однос на историјата на Ромите постојат различни теории и аспекти, но во интерес на форматот на дијалогов, дефицитот на документирани материјали, дискутабилноста/веродостојноста на истите не би навлегувал кон потемелна интерпретација. Базирајќи се врз одредени податоци и низа индикатори, опсервирано од моја лична гледна точка, најлогична стартна позиција на ромските миграциони процеси би бил северо-западниот дел на Индија (Раџастан и Пенџаб, попрецизно) коишто се одвивале со најголем интензитет помеѓу VI и ХI век. Како резултат на самата миграција, трајното населување на одредени простори, Ромите биле подложни на секаков вид на асимилација, ги прифаќале првенствено локалните општествени и теолошки норми, прото-ромскиот јазик бил супституиран со вокабулар типичен за одреден регион, така што денес како резултат на таквата пракса разликуваме многубројни ромски групи и дијалекти низ Европа и светот, што впрочем говори многу за хетерогеноста на Ромите како етникум. Репликава би ја завршил со интересен податок којшто речиси никогаш не се нотира, а истиот го имам сретнато читајќи ја едицијата на ромската граматика напишана од страна на Шаип Јусуф и Круме Кепески, а е во корелација со етимолошкото потекло зад терминот „Ром“, имено постоел извесен раџа по име Рама и во негова чест локалното население било наречено така, а денес фигурира со извесна деривација.“

Н. Ш. Секогаш ќе има системска неправда спрема одредени заедници или групи на граѓани. Каква е борбата против системските неправди и како може да се бори поединецот против нанесените неправди?

Р. Ј. Континуирано се презентираат сиромаштијата и миграциите како примарни причини за ниското образование на Ромите, социјалните неправди, институционалната дискриминација…Опсервирано од мој скромен аспект сметам дека всушност самата гетоизација ја лимитира оваа етничка заедница, без разлика дали е спонтана или пак систематска, планомерна, а евидентно најнемилосрдна е во капиталистичка форма, при којашто на системот му одговара игнорантноста и пасивноста на цел еден социјален стратум. Индивидуланата ангажираност е од енормна симболична и иницирачка значајност, но аналогно на претходно нотираното, инсистирам на колективна свест и сеопшта акција насочена кон народна борба за промена на еден таков неправеден систем, а не делумно изнаоѓање солуции/компромиси коишто навидум навестуваат прогрес, промена, но повторно како обесправени не втурнуваат во уште понезавидна ситуација. Патем, погубно би било доколку би концептуализирале борба за правда без да ги перцепираме луѓето за и со коишто се бориме како еднакви сојузници, како другари.

Н. Ш. Ромите доживуваат дискриминација и при вработување, а и на работното место. Одредени предрасуди и стереотипи сигурно се присутни. Како ова влијае врз индивидуата и личниот развој?

Р. Ј. За да се надминат таквите проблеми, сметам дека првенствено Ромите би требало да си ја прошират перцепцијата, да ја надминат лимитираноста на сопствените умови, а по автоматизам и ограничената самовиктимизирачка колективна свест. Впрочем не само Ромите, туку сите ние заедно работниците интернационално гледано претставуваме сегрегирана, дискриминирана, стереотипизирана заедница… Сметам дека сите заедно би требало да се фокусираме на атак кон тој мал процент на експлоататори коишто нас мнозинството не држат на работ на исцеденоста. Ромите особено, свесно или несвесно обработуваат за истите тие експлоататори коишто имаат негативна инфлуенција врз прогресот на Ромите, а Ромите и понатаму дејствуваат за нивните регионални политичко-демографски интереси, тенденција којашто мора да се отстрани затоа што како таква персоналниот развој на еден Ром ја држи во стагнација. Ваквата социјалистичка реторика на некои повозрасни Роми не им одговара затоа што се грижат нивните деца да не останат невработени при бесправието коешто се одвива на поднебјево, па слепо атакуваат по комунистичките идеи. Постарите генерации Роми, поранешната работничка класа се свесни дека во социјализмот за прогрес во општествениот живот и структурата на истиот, едукацијата, квалитетите и компетенциите биле поприоритетни отколку народната припадност или членството во Сојузот на комунистите, додека денес е сосема опозитно. Токму затоа сум категорично против позитивната дискриминација (во текот на образовниот процес, процентуалната етничка застапеност при вработување), непотизмот и било која друга неофеудална општествена норма. „Сукцесот“ на младите надежни ромски кадри со којшто нивните родители си ги санираат фрустрациите е имагинарен и темпорален. Родителите носат енормна вина затоа што се кријат позади етничката припадност и други превези коишто нивното потомство го држи слепо во темнина и го влече назад кон средновековието. Идеолошката заспаност резултира со шок и разочарување кај младите Роми, првенствено при текот на образовниот процес и особено подоцна кога ќе сфатат дека нивните обиди за професионална афирмација се елиминирани во рамките на една таква нееднаква социо-економска заедница во којашто неколкумина гравитираат на врвот а сите останати пропаѓаат подлабоко од самото дно.

Н. Ш. Неминовно е дека разлики помеѓу одредени групи, заедници, класи на луѓе секогаш ќе има. Како да ги најдеме сличностите и заедничките потреби, а да не ги изоставаме разликите?

Р. Ј. Сметам дека најприближно совршен инструмент за реализација на една таква идеја е југословенскиот социјалистички општествен модел под услов да се ескивираат во иднина грешките коишто биле направени во времето кога истиот фигурирал и притоа го дезинтегрирале неговото функционирање.

Н. Ш. Културата на добро живеење опфаќа многу повеќе од начинот на восприемање на убавото. Бесплатно и достапно образование и здравство се еден од клучните услови човекот да се чувствува сигурен. Како да се добијат овие битки за јавното добро?

Р. Ј. Првенствено преку глобална социјалистичка револуција. Инаку, потполно се согласувам, всушност квалитетот на животот лежи во знаењето, културата, таквите вредности го сочинуваат вистинскиот животен стандард, вредности коишто можеби се побесценети од неопходни нешта како храната, облеката или покривот над глава. Но сепак мислам дека е апсурдно едно општество во коешто домашните миленици на богатите се солидно нахранети и уживаат поквалитетна здравствена протекција отколку што можат децата на социјално најзагрозените, децата на работниците врз чии раменици се акумулира капиталот на безобразно богатите. Капитализмот ни ги лимитира горенаведените есенцијални права и истиот не може да се реформира преку невиолентен дијалог туку само преку темелна ерадикација користејќи ги сите можни конвенционални и неконвенционални алатки. Но, за да се ослободиме од капитализмот, првин би требало да си ги ослободиме сопствените умови и да се унифицираме, сите ние обесправените.

Н. Ш. Итноста за одредени проблеми ќе биде секогаш прашање на волја на власта. Како луѓето кои што живеат во сиромашни и лоши инфраструктурни населби да се борат за соодветна вода и водовод, електрично напојување и чиста животна средина?

Р. Ј. Неодамна имав прилика да ја слушнам истата фраза, елементарните хигиенски или инфраструктурни потреби на Ромите во населбите кадешто доминираат, буквално зависат од „политичката волја“ на локалната самоуправа или пак централната власт, се се сведува на низа барања и енормни „бриф“ ветувања, но само при предизборните процеси, а во наредните години едвај 5 % се реализира од ветеното. Во догледно време, конечно решение за проблемиве од горенаведената природа со коишто се соочува ранливава група на граѓани не гледам, единствена солуција би била плански и неселективен институционален ангажман, но се разбира, при поинаква системска констелација.

Н. Ш. Животот е постојана борба. Како да се бори младиот човек за да може спокојно да остари?

Р. Ј. Младите имаат право да се осмелат да имаат самодоверба, што поголема верба во своите сопствени капацитети и да не доживуваат дистракции од наметнати социјални стандарди од материјална природа, а судирот помеѓу угнетените и угнетувачите коишто ги наметнуваат истите е неизбежен, без разлика дали таа колизија ќе се случи порано или подоцна, судир помеѓу тие коишто тежнеат кон автентична еднаквост, сплотеност, правда, солидарност и слобода и тие коишто и понатаму би ги експлоатирале афектираните маси од лицемерието на капиталистичката форма на демократија. Би требало да е должност на секоја млада индивидуа да се стреми кон промена на нештата коишто во никој случај не се прифатливи, а не да ги прифаќа нештата коишто „не може“ да ги промени. Живееме во времиња при коишто капитализмот, национализмот, расизмот не демнеат секојдневно, за да се бориме против истите недоволно е само да не сме националисти или расисти, туку би требало да сме против сите такви дискриминаторски тенденции, а со тоа би превенирале и генерациите коишто следуваат да бидат негативно афектирани, детектирајќи, ескивирајќи и осудувајќи такви деструктивни, девијантни појави. Спокојна старост би имал само доколку при таа извесна возраст би почувствувал дека иако повеќе физички нема да постојам, сепак идеите коишто ги имам пренесено на помладите ќе продолжат да живеат и понатаму.

|2022-07-03T18:58:35+00:004 јули 2020|Актуелно, Гласни идеи, Култура, Став|