Рудникот Казандол се гради со засилено темпо, на потег е владата да си го одржи предизборното ветување „рудници не смее да има“

ВАЛАНДОВО/КАЗАНДОЛ, 03.01.2018 – Рудникот „Казандол“ наголемо продолжува да се гради на само 200 метри под селото Казандол во Валандово. Сегашниот премиер, Зоран Заев во предизборната кампања децидно тврдеше дека, рудници нема да има. Владата предводена од СДСМ прстот го вперува кон претходната влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ, поради издадените 86 концесии за изградба на рудници, додека пак минатата недела во јавноста излезе документ на кој се гледа дека, одлуки за давање на концесии за местото Казандол се потпишани два пати, и тоа еднаш во 2005 за време на владеењето на СДСМ и вторпат во 2014 за време на владеењето на ВМРО – ДПМНЕ.

Првпат одлука за давање на концесија на компанија од Аризона за детални геолошки истражувања во Казандол е потпишана на 16 јуни 2005 година од страна на Радмила Шеќеринска, тогашната заменичка на претседателот на владата, Владо Бучковски, а истата е објавена во 48-от број на Службен Весник на 23 јуни 2005 година. Втората одлука за избор на најповолна понуда за доделување на концесии за детални геолошки истражувања е потпишана на 27 јануари 2014 година од страна на Никола Груевски, тогашниот претседател на владата. Оваа одлука е објавена во 19-от број на Службен Весник на 29 јануари 2014.

Одлука потпишана од власта предводена од СДСМ во 2005

Одлука потпишана од власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2014

 

 

 

 

 

 

 

 

Според професорот на правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) и член на президиумот на Левица, Димитар Апасиев, потписот на Шекеринска во 2005 година отворил пат за државното претпријатие Македонски шуми да ја соголи планината, со цел да почнат истражувањата.

Компанијата пак, Phelps Dodge од Аризона на којашто и е доделена концесија за испитување колку е исплатливо копање бакар, залто и сребро, е еден од најголемите загадувачи во САД и има 13 токсични локации, кадешто ги труе американските граѓани.

Одговорноста за ситуацијата со изградбата на рудници во југоистокот е и кај претходната власт и кај сегашната. Доколку сегашната власт предводена од премиерот Заев си го одржи предизборното ветување, многу лесно ќе се реши проблемот кој го демне цел југоисточен регион, жителите и животната средина.

Селаните од Казандол оставени на милост и немилост

Екипата на Гласник го посети местото, кадешто наголемо се гради рудникот „Казандол“, како и селото Казандол, коешто се наоѓа над самиот рудник.

И покрај ветувањата на Заев дека рудници нема да има, и покрај сите реакции во јавноста од граѓанските иницијативи против рудниците, изградбата на „Казандол“ продолжува со засилено темпо. Локацијата на рудникот е на 200 метри воздушна одалеченост од селото Казандол, кадешто живеат околу 150 жители од турско потекло, а на само 100 метри воздушна одалеченост од изворот на вода на ова село.

Разговаравме со Мустафа и неговото семејство, коешто е загрижено за својата иднина. Тие велат дека, нивниот глас никаде не допира и оти власта, како претходната така и сегашната воопшто не води грижа за нивната ситуација.

Жителите на селото егзистираат преку сточарство и земјоделство. Тие одгледуваат претежно овци и крави, а на нивите садат овошни дрвца, бадеми, дуњи, како и разни видови на зеленчуци.

„Сега живееме од продажбата на млеко, сирење и земјоделските производи, ако рудникот почне со работа никој нема ништо да купува од кај нас. Ќе ни’ ја загадат почвата и водата, а нас болести ќе не’ фатат“, вели загрижената сопруга на Мустафа.

Од врвот на селото се гледа локацијата, кадешто се гради рудникот. Но, тоа е само дел од вкупното земјиште кое е издадено под концесија. Вкупната површина изнесува 1500 хектари, што значи заобиколување на целото село и уништување на животната средина во тој регион.

Во однос на тоа, дали селаните едногласно се против изградбата на овој рудник, Мустафа вели дека, некои од нив ја поддржуваат изградбата, односно „се купени“ од страна на фирмата „Сардич“, или пак на друг начин.

„На некои им ветиле работно место, а еве се’ уште не работат. Но, како може едно работно место да биде поважно од иднината и здравјето на нашите деца“, се прашува тој.

Поглед од селото Казандол, видлива изградбата на рудникот

Правна основа за стопирање на изградбата на овој рудник има. Самиот устав на Република Македонија не дозволува економски придобивки на сметка на животната средина. Од евентуалното започнување на работата на овој рудник, ќе биде во опасност не само селото Казандол, туку цело валандовско поле, па и самиот град. Освен за Казандол, рудници и геолошки истражувања се планирани и во други околни села, како што се Башибоз, Брајковци и Балинци.

Сегашната влада досега прстот го вперуваше во претходната власт предводена од ВМРО – ДПМНЕ, но по објавувањето на документот на кој се гледа дека,  Радмила Шекеринска, како дел од тогашната влада предводена од СДСМ ја потпиша првата одлука за Казандол, нема простор за обвинување на некој друг. Владата предводена од СДСМ, на чело со премиерот Зоран Заев има историска прилика да ја поправи својата грешка и да го стопира злото кое го демне цел југоисточен регион, односно да не дозволи отворање на ниту еден рудник. Во спротивно, на неодамнешниот протест во Валандово, активистите на граѓанските иницијативи заедно со своите соборци од околните засегнати места, Иловица, Богданци, најавија радикализација на протестите против владата и компаниите, кои ги земаат овие локации под концесија.

Во продолжение следи фотогалерија од местото на изградбата на рудникот и од самото село Казандол.

| 2018-01-04T09:59:11+00:00 4 јануари 2018|Актуелно, Вести, Видео / Фотографија|