Растат анти – НАТО реакциите во јавноста, поради денешната изложба на американското оружје на плоштадот во Скопје

СКОПЈЕ, 29. 07. 2017 – По повод денешното изложување на оружје и воени механизми на Американската Армија на плоштадот во Скопје, на прес конференција својот анти – НАТО став го изрази партијата Левица, а Комунистичката партија на Македонија (КПМ), организира протест против интегрирањето на Република Македонија во НАТО алијансата, кој ќе започне денес во 18:30 часот, исто така на плоштадот во Скопје.

Од Левица сметаат дека, денешното изложување на американското оружје, претставува демонстрирање на моќ.

„Левица е против било кој воен сојуз, значи против НАТО пактот, се разбира како еден од нив. Но, е изрично против клиентелизмот кој се сее од страна на Соединетите Американски Држави (САД). САД е супер сила, единствена во светот, чии воен буџет ги надминува севкупно сите воени буџети на сите останати држави во светот. Тие одвојуваат 600 милијарди долари за нивниот воен буџет. Во споредба, следна е Кина, со 4 пати поголемо население, којашто одвојува три пати помал воен буџет“, изјави членот на Левица, Алек Атевиќ.

Тој потенцира дека, жалосно е тоа што САД одвојува толкав воен буџет, додека, како што рече, состојбата со науката е катастрофална.

„САД го има намалено осум пати буџетот за НАСА, значи некаде од 4,5 отсто на 0,5 отсто“, вели Атевиќ, додавајќи дека, развојот на науката е многу помал од развојот на војската.

Од Левица укажуваат на „добрите страни“ на САД, како што се, немање право на универзална здравствена заштита за американските граѓани, дека нема породилно отсуство за жените, дека има масовни убиства извршени од страна на малолетници, и дека таа е држава, која поседува најголем број на оружје за масовно уништување.

„За крај, она што е многу лошо за нас, е дека со оваа демонстрација на моќ низ Македонија, отворено ги канат терористите дома, а ние не можеме да се справиме ни со пороен дожд, а не пак со бомбашки напади и други терористички напади. Значи, наместо тоа, ние сакаме нашите пари да ги трошиме на книги, на модерни лекови, на добро образование и добро здравство. Не сакаме да го плаќаме нивното оружје“, порачува Атевиќ.

После девет години, повторно анти – НАТО пртоести во Скопје

Комунистичката партија на Македонија, вечерва организира протест против интеграциите на Македонија за влез во НАТО алијансата. Тие потенцираат дека, протестот не е партиски и упатуваат повик, да се приклучат сите граѓани, коишто се против милитарискитчко здружување како што е НАТО. На поканата на фејсбук страницата на КПМ во врска со вечерашниот протест стои:

„КПМ организира протест за сите оние кои се против интегрирање на РМ во евроатлантската организација (НАТО) и против утрешната презентација на воена опрема,оружје и војници на САД организирано од страна на Амбасадата на САД и нејзиниот амбасадор Џес Бејли како и Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.“

„Сакаме како КПМ да ви објасниме дека овој протест не е партиски туку е вон такви рамки,овој протест е за сите оние кои не ја поддржуваат евро-атлантската интеграција на РМ.Ве повикуваме сите,леви,десни,либерални,автократски да го посетите нашиот протест бидејќи само така ќе се избориме за сопствените права“, додаваат од КПМ, во повикот до граѓаните, на својата фејсбук страница.

Ова не е прв Анти-НАТО протест во Македонија. Во минатото иницијативите „Не пиеме нафта“ и други антикапиталистички и анти империјалистички организации, како што е Движењето за социјална правда „Ленка“, во 2008 година, организираа серија на настани околу интенциите на македонските политички елити, државава да ја внесат во воениот сојуз.

Од анти – НАТО протестите во 2008 година

Гласник побара мислење во врска со воената вежба од мировни активисти за човекови права, имено од Џабир Дерала од невладината организавија „Цивил“, и од активистите на „Мировна акција“. Меѓутоа, до објавувањето на оваа вест, ниту од Дерала ниту од активистите на „Мировна акција“ не добивме никаков одговор.

Во изминатиов период, се случува дипломатска офанзива на претставниците на новата власт. Целта им е затворање на отворените прашања на Македонија со соседите, а преку тоа и зачленување на Македонија во ЕУ и НАТО. Дел од критичкото општество, коешто не влезе во Владата и не станаа владини советници, не се согласуваат со оваа стратегија на Владата и на СДСМ. Тие во јавноста пренесуваат дека, најмалку што и треба на Македонија во овој момент е да стане членка на воен сојуз, чиишто раце се закрвавени до лакти. Македонија не смее да стане соучесник на таквите злосторства, коишто последниве 20-тина години се случуваат на блискиот исток и во Африка.

Авторка: Сенада Ибраимова

|2020-05-22T07:55:03+00:0029 јули 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|