(Наоми Клајн) Како моќта профитира од катастрофа?

Имаше периоди од моето репортирање од кризни зони кога имав неоспорливо чувство дека она што го гледам не е само обична криза, туку поглед кон иднината, преглед на патот по кој сите одиме, освен ако не го грабнеме кормилото и свртиме. Кога слушам како Доналд Трамп зборува, со очигледно задоволство и со цел да создава атмосфера на хаос и дестабилизација, често помислувам: сум го видела ова порано, во оние чудни моменти кога се чини дека порталите на нашата заедничка иднина се отвораат.

Еден од таквите моменти се случи во Њу Орлеанс по ураганот Катрина, додека гледав како орди од приватни воени изведувачи се впуштаа кон поплавениот град за да најдат начини да профитираат од катастрофата и покрај тоа што илјадници жители од градот, напуштени од државата, беа третирани како опасни криминалци само поради тоа што се обидуваа да преживеат.

Почнав да ги забележувам истите тактики ширум светот во областите опфатени од катастрофа. Го употребив терминот „шок доктрина“ за да ја опишам бруталната тактика на искористување на дезориентацијата на јавноста која следи по колективен шок– војни, пучови, терористички напади, пазарни крахови или природни катастрофи, за да се притисне кон радикални прокорпоративни мерки, често наречени „шок терапија“. Иако Трамп малку се оттргнува од калапот, неговите шок тактики следат одредено сценарио, кое е познато од оние држави кои имале брзи промени наметнати под покритие на кризата.

Оваа стратегија е тивок партнер на наметнувањето на неолиберализмот повеќе од 40 години. Шок тактиките следат јасен редослед: чекај да дојде криза (па дури, како во Чиле или Русија, помогни да се поттикне), прогласи момент на она што понекогаш се нарекува „невообичаена политика“, суспендирај ги некои или сите демократски норми, а потоа спроведи ги желбите на корпорациите што е можно побрзо. Истражувањата покажаа дека буквално секоја бурна ситуација, доколку е претставена со доволно хистерија од политичките лидери, може да има функција на покритие. Може да биде радикален настан, како воен пуч, но и економски шок на пазарот или буџетска криза би ја завршиле работата. Покрај хиперинфлацијата или банкарскиот колапс, на испаничената популација, државната владејачка елита често може да им ја продаде неопходноста од нападите врз социјалните заштити или голема финансиска помош за финансискиот приватен сектор, бидејќи алтернативата, како што тие тврдеа, е директна економска апокалипса.

Републиканците под водство на Доналд Трамп веќе ја користат атмосферата на константна криза што го опкружува ова претседателство за да протуркаат што повеќе непопуларни, прокорпорациски политики. А знаеме дека ќе одат и подалеку и позабрзано доколку се случи поголем надворешен шок. Ова го знаеме бидејќи постарите членови од тимот на Трамп беа во срцето на некои од најострите примери на шок доктрината во неодамнешната историја.

Рекс Тилерсон, американскиот државен секретар, својата кариера во голема мера ја изгради искористувајќи ја профитабилноста на војната и нестабилноста. ExxonMobil профитираше повеќе од било кој друг нафтен магнат преку покачувањето на цената на нафтата како резултат на инвазијата на Ирак во 2003. Исто така, и покрај указот на САД, тој ја искористи војната во Ирак и направи договор за истражување со Ирачки Курдистан, чекор кој, бидејќи ја исклучуваше Ирачката централна влада, можеше да предизвика потполна граѓанска војна, а сигурно допринесе за внатрешниот конфликт.

Како извршен директор на ExxonMobil, профитираше од катастрофи и на други начини. Како извршен директор на фосилниот гигант, тој ја помина својата кариера работејќи за компанија, која покрај сопствените научни истражувања за реалноста на климатската промена,  одлучи да ја финансира и шири и квази климатската наука. Истовремено, според истражувањето на LA Times, ExxonMobil (и пред и по спојувањето на Exxon и Mobil) настојчиво работеше за да се заштити и да пронајде како да го зголеми профитот од самата криза во која се сомневаше. Тоа го стори со копање нафта на Арктикот (кој се топеше, благодарејќи на климатската промена), редизајнирајќи го природниот гасовод во Северното Море со цел да го издржи покачувањето на нивото на морињата и силните бури, а го направи истото и на брегот на Нова Шкотија.

На јавен настан во 2012, Тилерсон призна дека климатската промена се случува, но она што го додаде открива многу: „Како вид, луѓето секогаш се адаптирале. Ние ќе се адаптираме на ова. Промените на временските патерни ги поместуваат производствените области па ќе се адаптираме на тоа“.

Има право, луѓето навистина се адаптираат кога нивната земја престанува да произведува храна. Начинот на кој луѓето се адаптираат е преку селење. Тие ги оставаат своите домови и бараат места за живеење каде што можат да се нахранат себеси и своите фамилии. Но, како што Тилерсон добро знае, ние не живееме во доба кога државите со задоволство ги отвораат своите граници за гладни и очајни луѓе. Всушност, тој сега работи за претседател кој ги означи бегалците од Сирија како Тројански коњи што носат тероризам. Претседател кој воведе забрана за влез на сиријските мигранти во САД.

Претседател кој за сиријските деца кои бараат азил рече: „Можам да ги погледнам во лицето и да им речам: Вие не сте добредојдени“. Претседател кој не се помрдна од таа позиција дури и кога нареди ракетни напади врз Сирија, наводно трогнат од ужасните последици од хемискиот напад врз сиријските деца и „убавите бебиња“. (Но недоволно трогнат да ги прими нив и нивните родители). Претседател кој објави дека следењето, прислушкувањето, притворањето и депортацијата на имигрантите ќе биде дефинирачка карактеристика на неговата администрација.

Во тимот на Трамп има уште многу други членови кои имаат сериозни вештини во профитирање од сѐ ова.

Помеѓу денот на изборите и крајот на првиот месец од владеењето на Трамп, акциите на двата најголеми приватни затвори во САД, CoreCivic (поранешниот Corrections Corporation of America) и Geo Group, се дуплираа, растејќи за 140%, односно за 98%. А зошто да не? Како што Exxon научи да профитира од климатската промена, овие компании се дел од широката индустрија на приватни затвори, приватни обезбедувања и приватен надзор кои гледаат на војната и миграцијата- и двете често поврзувани со климатскиот стрес, како постоечки и проширувачки пазарни можности. Во САД, Имиграциската и царинската управна агенција (ICE) има притворено до 34.000 имигранти кои се претпоставува дека престојувале нелегално во државата, а 73% од нив се затворени во приватни затвори. Во тој случај не е чудо што акциите на овие компании пораснаа со изборот на Трамп. А веднаш потоа тие имаа дури и повеќе причини за славење, една од работите што ја направи новиот генерален правобранител, Џеф Сешнс, беше што ја одложи одлуката на администрацијата на Обама за оттргнување од профитните затвори за генералната затворска популација.

Како заменик секретар за одбрана, Трамп го назначи Патрик Шанахан, главен извршител во Боинг, кој во еден момент беше одговорен за продавањето на скапиот хардвер на американската војска, вклучувајќи ги и Апачи и Чинок хеликоптерите. Тој исто така беше одговорен за балистичките ракетни одбранбени програми на Боинг– дел од операцијата која е спремна енормно да профитира доколку интернационалните тензии продолжат да ескалираат под водство на Трамп.

Ова е дел од многу поголем тренд. Како што Ли Фенд извести во Интерцепт во март 2017, „Претседателот Доналд Трамп ја вооружа веќе постоечката ситуација преку назначување изведувачи од одбраната и лобисти на клучни владини позиции затоа што настојува забрзано да го прошири воениот буџет и програмите за домашна безбедност. Досега беа номинирани или назначени најмалку 15 службеници кои имаат финансиски врски со изведувачи во одбраната“.

Тековната ситуација не е нешто ново, се разбира. Пензионираната воена елита се вработува и прави договори со компаниите за оружје. Она што е ново е бројот на генерали со лукративни врски со воените изведувачи кои Трамп ги назначи на места во својот кабинет и им даде моќ да распределуваат средства, вклучувајќи ги и оние поврзани со неговиот план за да се зголемат трошоците за војската, за Пентагон и за Одделот за домашна безбедност, за повеќе од 80 билиони долари во една година.

Друга работа која се промени е големината на Домашната безбедносна и надзорна индустрија. Овој сектор растеше експоненцијално по нападите од 11 Септември, кога администрацијата на Буш објави дека тргнува во бесконечна „војна против теророт“ и дека сѐ што може, ќе биде аутсорсирано. Нови компании со затемнати прозори никнаа како печурки во предградијата на Вирџинија, надвор од Вашингтон ДЦ, а постоечките, како Booz Allen Hamilton, се проширија на нови територии. Пишувајќи во Slate во 2005, Даниел Грос го дофати расположението на она што многумина го нарекуваа безбедносен меур: „Домашната безбедност веројатно го достигна нивото на инвестирање што претходно во 1997 го имаше интернетот. Во деведесеттите сѐ што требаше да направите е да ставите едно “е“ пред името на вашата компанија и вашето IPO ќе полета. Сега може да го направите истото со “тврдина“.

Ова значи дека многу од избраниците на Трамп доаѓаат од компании кои се специјализирани во функции, кои не така одамна, ќе беше незамисливо да се аутсорсираат. Неговиот шеф на Советот за национална безбедност, на пример, е пензионираниот генерал-поручник Кит Килог. Помеѓу многуте зделки кои Килог ги имал со безбедносни изведувачи откога се ориентирал во приватен бизнис беше и онаа со Cubic Defense.

Уште една очигледна работа околу именуваните лица од страна на Трамп е тоа колку од нив доаѓаат од компании кои не ни постоеле пред 9/11: L-11 Identity Solutions (компанија за биометрика), Chertoff Group (основана од шефот за домашна безбедност на Џорџ Буш, Мајкал Чертоф), Palantir Technologies (компанија за надгледување, кооснована од PayPal билионерот и поддржувач на Трамп, Питер Тил) и многу други. Овие безбедносни компании сериозно зависат од воените и разузнавачките крила на Владата во насока на нивното вработување на кадар.

Со власта на Трамп, лобистите и газдите на овие фирми сега мигрираат назад во Владата, каде што веројатно ќе притиснат за повеќе можности со цел да го монетизираат ловот на луѓе што Трамп го нарекува „bad hombres“.

Ова создава катастрофален коктел. Земете една група луѓе кои профитираат директно од тековните војни и поставете ги тие луѓе во срцето на Владата. Кој ќе го брани мирот? Всушност идејата дека некогаш војната може дефинитивно да сопре е реликвија на она што во Буш ерата се отфрлаше како „застарено размислување (pre-September 11 thinking“.

За крај, тука е и Мајк Пенс, од многумина гледан како возрасниот во хаотичниот тим на Трамп. Сепак, Пенс, поранешниот гувернер на Индијана, е тој кој има највознемирувачка историја кога станува збор за егоистична експлоатација на човечкото страдање.

Кога Мајк Пенс беше објавен како партнер на Доналд Трамп, си помислив: познато ми е името, сум го видела некаде. И веднаш ми текна. Тој беше во срцето на еден од најшокантните случаи што некогаш сум ги покривала: криза-капитализмот што следеше по Катрина и по потопувањето на Њу  Орлеанс. Делата на Мајк Пенс како профитер од човечкото страдање се толку застрашувачки што заслужуваат да бидат истражени малку подлабоко.

Пред да навлеземе во улогата на Пенс, она што е важно да се запомни за ураганот Катрина е дека иако вообичаено е опишуван како “природна катастрофа“, сепак немаше ништо природно во начинот на кој го зафати градот Њу Орлеанс. Кога Катрина го погоди брегот на Мисисипи во август 2005, беше симнат од категорија 5 во сѐ уште опасен ураган од категорија 3. Но, до периодот на движењето кон Њу Орлеанс го изгуби поголемиот дел од силата и беше повторно симнат на скалата во „тропска бура“.

Ова е релевантно, бидејќи тропска бура не би требало да се пробие преку заштитатата од поплави на Њу Орлеанс. Катрина се проби бидејќи насипите кои го штитеа градот не издржаа. Зошто? Сега знаеме дека и покрај повторуваните предупредувања за ризикот, воените инженери дозволија насипите да дојдат до непоправлива состојба. Потфрлањето беше резултат на два главни фактори.

Еден од факторите беше конкретната негрижа за животите на сиромашните црнци, чии домови во Lower Ninth Ward беа оставени најранливи при неуспехот во поправањето на насипите. Ова беше дел од поширокото занемарување на јавната инфраструктура, што е директен резултат на декади на неолиберални политики. Бидејќи кога систематски ќе покренете војна против самата идеја на јавна сфера и јавно добро, се разбира јавниот скелет на општеството: патиштата, мостовите, насипите и водните системи, ќе падне во состојба на таква непоправливост по што ќе биде потребно многу малку за да дојде до критична точка. Кога масовно ги кратите даноците за да немате пари за трошење на било што друго освен полиција и војска, ова е тоа што се случува.

Физичката инфраструктура не беше единствената која го изневери градот, особено најсиромашните жители, кои се, во повеќето американски градови, претежно афро-американци. Потфрли и човечкиот систем за одговор на катастрофа- вториот голем распад. Делот на федералната влада кој има задача да одговори на вакви моменти на национална криза како оваа е Федералната агенција за итен менаџмент (FEMA), заедно со државните и општинските влади кои исто така играат улога во евакуационо планирање и реакција. Сите нивоа на Владата потфрлија.

На Fema ѝ требаа пет дена да им однесе вода и храна на луѓето во Њу Орлеанс кои беа засолнети во стадионот. Највознемирувачките слики од тоа време беа од луѓе заглавени на крововите од куќи и болници, држејќи знаци на кои пишуваше „ПОМОШ“, гледајќи ги хеликоптерите како ги одминуваат. Луѓето си помагаа меѓусебно најдобро што можеа. Се спасуваа меѓусебно со кануа и чамци. Се хранеа меѓусебно. Го покажаа убавиот човеков капацитет за солидарност кој моментите на кризи го засилуваат. Но на ниво на Владата, беше сосема спротивно. Секогаш ќе се сеќавам на зборовите на Куртис Мухамед, стар активист за човекови права од Њу Орлеанс, кој рече дека ова искуство „не убеди дека ние немаме старатели“.

Начинот на кој ова напуштање се одрази беше длабоко нееднакво и поделбите испливаа помеѓу линиите на расата и класата. Многу луѓе можеа да го напуштат градот сами, влегоа во своите автомобили, извозија до сув хотел и се јавија во нивните осигурителни брокери. Некои луѓе останаа бидејќи сметаа дека одбраната од ураганот ќе издржи. Но огромното мнозинство остана бидејќи немаше избор- немаа автомобил или беа неспособни да возат или едноставно не знаеја што да прават. Тие се луѓето на кои им е потребен функционален систем на евакуација и помош, но немаа среќа.

Напуштени во градот без храна и вода, беспомошните го направија она што секој би го направил во такви околности: зедоа резерви од локалните продавници. Fox News и други медиуми се фатија за ова со цел да ги прикажат црнците од Њу Орлеанс како опасни арамии кои наскоро ќе дојдат да ги нападнат сувите, бели делови од градот и околните предградија и градови. Зградите беа исцртани со пораки: „Арамиите ќе бидат убиени“.

Беа поставени рампи за да се задржат луѓето во поплавените делови од градот. На мостот Данзигер, полицајци пукаа во црни жители кои беа на повидок (пет од полицајците кои беа инволвирани на крајот признаа вина, и градот се спогоди за 13 милиони долари со семејствата на жртвите). Во меѓувреме, банди од вооружени бели бандити крстареа по улиците барајќи, како што истражувачкиот новинар А.Ц.Томпсон подоцна ја нарече, „можност да ловат црнци.“

Бев во Њу Орлеанс за време на поплавите и со свои очи видов колку беа засилени полицијата и војската, да не ги споменувам приватното обезбедување на компаниите како Blackwater кои само што се вратија од Ирак. Многу личеше на воена зона, со сиромашни и црни луѓе на нишаните, луѓе чив единствен криминал беше тоа што се обидуваа да преживеат. Додека Националната гарда да пристигне и да организира целосна евакуација на градот, сѐ се правеше со степен на агресија и безмилосност што тешко можеше да се разбере. Војници нишанеа кон жителите додека тие се качуваа во автобусите, без да им кажат каде ги носат. Децата често беа одделувани од родителите.

Она што го видов за време на поплавите ме шокира. Но, она што го видов по Катрина ме шокира уште повеќе. Во време кога градот се опоравуваше, а неговите граѓани беа расфрлани низ државата без можност да си го заштитат сопствениот интерес, се појави план да се реализираат сите прокорпоративни желби со максимална брзина.  Познатиот економист на слободниот пазар Милтон Фридман, во тој период 93 години стар, напиша статија за Wall Street Journal велејќи: „Повеќето училишта во Њу Орлеанс се во руини, како што се и домовите на децата кои учат во тие училишта. Децата сега се расфрлани низ целата држава. Ова е трагедија. Но, исто така е можност радикално да се реформира образовниот систем“.

Со сличен манир, Ричард Бејкер, своевремено републикански конгресмен од Луизијана, кажа: „Конечно го исчистивме јавното домување во Њу Орлеанс. Ние не можевме, но Бог го направи тоа“. Кога Бејкер го изјави тоа јас бев во засолниште за евакуација во Baton Rouge. Со изјавата беа опфатени токму оние луѓе со кои зборував. Замислете да бидете принудени да го напуштите својот дом, да морате да спиете во кампувачки кревет во некој собирен центар и во тој момент да откриете дека луѓето кои би требало да ве претставуваат, тврдат дека ова било некаква божествена интервенција, Бог наводно сака катастрофални случувања.

Фотографија на Николас Кам. Њу Орлеанс САД; Фотографијата покажува луѓе кои чекаат да бидат евакуирани од Супердомот во Њу Орлеанс. Луѓето се засолнуваат по известувањето од страна на Националната гарда дека се слушаат истрели во близина. 

Бејкер го доби неговото „бришење“ на јавното домување. Во месеците по бурата, со иселувањето на жителите од Њу Орлеанс, заедно со нивните неповолни размислувања, богатата кулутра и останатите приврзоци, илјадници куќи, од кои повеќето претрпеа само мала штета бидејќи беа на повисоки места, беа срушени. Тие беа заменети со апартмани и куќи целосно недостапни (скапи) за повеќето од оние кои живееле таму.

Овде во приказната влегува и Мајк Пенс. Во времето кога Катрина го погоди Њу Орлеанс, Пенс беше главен на моќниот и целосно идеологизиран Републикански научен комитет, правна група составена од конзервативни законодавци. На 13 Септември 2005, само 15 дена по поплавувањето на насипите и со делови од Њу Орлеанс сѐ уште под вода, РНК свика доверлив состанок во канцелариите на Наследната фондација во Вашингтон. Под водство на Пенс, групата излезе со листа на „прослободен пазар на идеи за одговор на ураганот Катрина и високите цени на гасот“, сѐ на сѐ 32 псевдоолеснителни политики, секоја директно од прирачникот за капитализам при кризи.

Она што се истакнува е решителноста да се започне целосна војна против работничките стандарди и јавната инфраструктура, што е горко и иронично, бидејќи токму потфрлувањето на јавната инфраструктура е она што ја претвори Катрина во човечка катастрофа. Исто така, забележлива е и решителноста да се искористи секоја можност за да се засили раката на нафтената и гасната индустрија. Листата вклучува препораки со цел да се суспендира обврската на федералните изведувачи да плаќаат минимална плата; да се претвори целата засегната област во слободна претприемачка зона; да се укинат или да се одложат рестриктивните регулативи за животната средина, кои ја отежнуваат обновата. Со други зборови, војна против црвената линија, дизајнирана да ги штити заедниците од штети.

Претседателот Буш прифати многу од препораките уште во првата недела, иако поради притисок, тој подоцна беше присилен да ги врати работничките стандарди. Друга препорака бараше да им се дадат ваучери на родителите кои би ги користеле во приватни или чартер училишта, чекор целосно во линија со визијата на секретарот за образование на Трамп, Бетси Девос. За само една година, училишниот систем во Њу Орлеанс стана најприватизираниот во САД.

Ова е некој вид лудило. На крај, овие мерки се сигурен начин за да се зголемат емисиите на стакленички гасови, најголемиот човечки фактор кој допринесува кон климатската промена, кој пак води до посурови бури. Сепак, тие веднаш беа промовирани од Пенс, а подоцна усвоени од Буш, под изговор дека се одговор на разорниот ураган.

Вреди да паузираме за да ги отплеткаме импликациите од сѐ ова. Ураганот Катрина се претвори во катастрофа во Њу Орлеанс поради комбинација од ектремно тешко време, веројатно поврзано со климатските промени и слаба и неодржувана јавна инфраструктура. Таканаречените решенија предложени од групата што ја водеше Пенс во тоа време беа токму оние работи кои неизбежно ќе допринесат за влошување на климатската промена и ќе ја ослабат јавната инфраструктура уште повеќе. Тој и неговите “слободен пазар“ авантуристи изгледа беа одлучни да ги направат токму оние работи кои гарантирано ќе не одведат до уште Катрини во иднина.

А сега, Мајк Пенс е во позиција да ја воведе оваа визија во цела Америка.

Нафтената индустрија не беше единствената која профитираше од ураганот Катрина. Веднаш по бурата, целата банда изведувачи кои се впуштија кон Багдад кога избувна војната: Bechtel, Fluor, Halliburton, Blackwater и CH2M Hill озлогласен за неговата несмасна интервенција во Ирак, пристигнаа во Њу Орлеанс. Тие имаа единствена визија: да докажат дека видовите приватни услуги што тие ги даваа во Ирак и Авганистан имаат пазар и дома, како и да соберат договори без понуда во вкупен износ од 3,4 милијарди американски долари.

Контроверзиите беа многубројни. Релевантното искуство често изгледаше дека не е поврзано со тоа како беа дислоцирани договорите. На пример, компанијата Fema плати 5.2 милиони американски долари со цел да ја има суштинската улога во градењето база за спасувачите во St. Bernard Parish, предградие на Њу Орлеанс. Конструкцијата на базата задоцни зад планот и никогаш не беше завршена. Во истрагата произлезе дека изведувачот, Lighthouse Disaster Relief, всушност била религиска група. „Најблиското нешто до ова, што сум го правел, е организирање младински камп со мојата црква“, призна директорот на Lighthouse, отецот Гери Хелдрет.

На крајот, откако сите слоеви произведувачи си го зедоа својот дел, не остана ништо за луѓето кои ја изведуваа целата работа. Авторот Мајк Дејвис го откри патот по кој Fema им исплатила на Shaw 175 долари по метар квадратен за инсталација на циради на оштетените кровови, иако цирадите беа обезбедени од Владата. Откако сите подизведувачи си го зедоа својот дел, на работниците кои всушност ги коваа цирадите им беше исплатено само по 2 долари за метар квадратен.

„Секое ниво на договорениот синџир за храна, со други зборови, е гротескно преухрането, освен дното“, напиша Дејвис, „каде всушност се извршува вистинската работа“. Овие наводни „изведувачи“ беа всушност како Trump Organization, празни брендови, кои го вшмукуваат профитот и потем го лепат го своето име на евтини или непостоечки услуги.

Со цел да се надоместат десетиците милијарди кои одат во приватни компании, во договори и даночни олеснувања, во ноември 2005, Конгресот, контролиран од републиканците, објави дека треба да се намалат 40 милијарди американски долари од федералниот буџет. Помеѓу програмите кои беа избришани се наоѓаа студентските кредити, здравствената помош и ваучерите за храна.

Најсиромашните луѓе во САД два пати го субвенционираа збогатувањето на изведувачите: прво, кога олеснувањето за Катрина се претвори во нерегулирани бенефиции за корпорациите, непроизведувајќи ниту пристојни работни места, ниту функционални јавни услуги, и второ, кога малкуте програми кои им помагаа на невработените и на сиромашните работници ширум државата беа укинати за да се платат тие надуени сметки.

Њу Орлеанс е скица на тоа како функционира кризниот капитализам- дизајниран од актуелниот потпретседател и од Фондацијата за наследство, радикално десничарски тинк-тенк, според кој Трамп го аутсорсираше поголемиот дел од буџетирањето на неговата администрација. Во крајна смисла, одговорот за Катрина предизвика пад на рејтингот на Џорџ Буш, отскок кој заврши со губењето на претседателството на републиканците во 2008. Девет години подоцна, со републиканците под контрола на Конгресот и Белата куќа, не е тешко да се замисли дека овој тест случај за приватизирање како одговор на катастрофите сега е имплементиран на национално ниво.

Присуството на високо милитаризираната полиција и вооружените приватни војници во Њу Орлеанс, изненади многумина. Оттогаш, феноменот се прошируваше експоненцијално, со вооружените локални полициски сили во државата, со тенкови и дронови, и компании за приватна безбедност, фреквентно обезбедувајќи тренинг и поддршка. Имајќи предвид дека многу од овие профитери се наоѓаат во администрацијата на Трамп, може да очекуваме дека сѐ ова дополнително ќе се проширува со секој нов шок.

Искуството со Катрина стои како остро предупредување за оние кои се надеваат на ветените 1 трилион американски долари како инвестиции во инфраструктура. Тие инвестиции ќе поправат некои патишта и мостови, а ќе отворат и работни места. Клучно, Трамп посочи дека планира да стори што е можно повеќе, не преку јавниот сектор, туку преку јавно-приватните партнерства, кои имаат ужасна историја на корупција и можат да резултираат со далеку пониски плати за разлика од вистинските јавни проекти. Имајќи ја на ум бизнис историјата на Трамп и улогата на Пенс во администрацијата, сосема е основано да се плашиме дека неговите инфраструктурни инвестиции можат да се претворат во клептократија како со Катрина, владеење на крадци, со „Мар а Лаго“,  оставени да си се услужат со огромните суми пари на даночните обврзници.

Њу Орлеанс ни дава вознемирувачка слика за она што може да го очекува кога ќе настапи наредниот шок. Но, за жал, тоа е далеку од завршено: оваа администрација може да притисне кон уште повеќе под закрилата на криза. Исто така, ќе треба да се подготвиме да станиме отпорни на шокови.

 

Превод: Стефан Видиков
Лектура: Емилија Митреска