Препорака за „Идол на ѕидот“ од Елена Филиповска

Елена Филиповска

Интересно е кога се читаат романи за минатото затоа што нараторот секогаш се труди да го долови духот на времето, да внесе некоков отсјај на едно време во кое што важеле одредени закони што помалку или повеќе го определувале начинот на живеење, односите помеѓу поединците, семејствата, класите, родовите. Аристотел смета дека историјата се занимава со конкретното затоа што таа само опишува или кажува како било, а пак дека уметноста (книжевноста) се занимава со тоа што може да биде. Веројатно затоа романот „Идол на ѕидот“  првиот роман од младата писателка Елена Филиповска е значително допадлив за читање.

Романот разработува една можна веројатност како би изгледал комунизмот, односно социјализмот со стремеж кон комунизам (алудирајќи на претходниот систем во нашата држава). Иако не е сосема неоправдано до некаде да се каже дека оваа тема е дистописка затоа што сепак скоро ниту еден читател не е сосема ослободен да може да размислува за тоа како може да изгледа некаков вид на едно такво општествено уредување, сепак романот дава простор читателот автономно да вметне одредена светлина читајќи го. Во овој текст ќе бидат претставени оние одломки од романот што со сигурност може да се поврзат со кое било општествено уредување затоа што веројатно повеќе се однесуваат на суштината на човечката природа отколку на околностите во кои што човекот живее.

Главниот лик и наратор во романот е Зоран, татко, родител на малата Мира кој е архитект и живее во Скопје во 2020 година. Тој живее во 2020, но социјализмот не само што не е девалвиран во капитализам, туку и еволуирал во нешто што веројатно било заложба на прогресивните политички активисти во периодот на распадот на Југославија. Ова само по себе е доста тешко за претставување во имагинацијата на секој читател од овие простори, веројатно затоа што на повеќето просторот за преиспитување на капитализмот им се чини толку тесен што не си дозволуваат отворено да го критикуваат. Веројатно луѓето така се однесувале и во рамки на претходното општествено уредување што можеме да го увидиме низ романот.

Корица на „Идол на ѕидот“ дизајн на Михајло Мотески

Со користење на денешниот јазик Зоран би требало да биде наречен самохран родител, но општеството во кое што живее Зоран е социјалистичко, доживеало доста реформи од онаа Југославија што и фактички постоела, па тој не само што не се чувствува како самохран родител, но природно му доаѓа сам да ја одгледува својата ќерка, а неговата сексуална партнерка – мајка ѝ на Мира живее некаде далеку и воопшто не се гледа со Мира, а ниту пак некако суштествува во нивните животи. За функционирањето на тоа општество ние дознаваме од нараторот Зоран кој на интересен начин низ призмата на обичен архитект и човек во социјализам/комунизам ни раскажува како е да се оди на работа со велосипед или трамвај, да се јаде во општествени кујни, да се добива детски додаток, да се живее согласно човечките потреби за скромен живот, но со доза на поинтензивна контрола од страна на државните власти. Сепак, како и секогаш низ историјата, а и низ романите животот во поголем град нуди повеќе можности за избегнување на строгите прописи и правила наметнати врз поединецот, па Зоран наоѓа начини да најде мир во сета таа строгост и предодреденост на градот во кој што живее. Од една страна Зоран е прикажан како одговорен родител, а од друга страна како послушен работник во тоа општество.

Првите проблеми со кои што се судрува Зоран не се константните недостатоци на храна или облека или разните преприки за слободата на движење на пример или слично, но моментот кога државата идеалистички и платонистички решава да ги земе децата целосно под своја надлежност, односно државата станува одгледувач и воспитувач на децата на работниците и велепатриотите, име што се користи за означување на владејачката класа во таа држава.

Можеби некој ќе го доживее романот како критика на комунизмот или пак на некоја дистописка држава како што лесно би можела да стане и Југославија, но повеќе би требало да се доживее како критика спрема човечката природа на покорливоста, на понизноста, на молкот на индивидуата, но и како критика на која било владејачка класа. Има еден интересен момент во раскажувањето на Зоран кога тој споменува дека иако правилото било секој граѓанин да јаде во реонската народна кујна, тој што носел картон за идентификација и бонови можел да јаде и во друга иако сите неликувале една на друга кујна. Денес, ние исто така со нашата банкарска картичка можеме да јадеме во која било од 500те кафеани во Скопје, но ако и само ако имаме пари на нашата банкарска сметка.

Водно, Водњанска и велепатриотите ги имало и во претходниот систем, а и денес. Можеби не звучи добро, но како на општеството да му е потребно да ја измисли таа елита доколку ја нема. Критиката тука меѓутоа не е насочена строго кон едните или кон другите. Веројатно и двете страни во тој однос на господар-роб се поробени од меѓузависноста, но прашањето веројатно се крие во начинот на будење на свеста за можноста за промени.

Во оваа дихотомија на власта и работниците, сепак се крие можеби една светла точна на надеж во нараторските зборови, а тоа се описите на изгрејсонцето над Скопје во таков еден „мрачен“ соц-комунистички-реалистички град од армиран бетон, челични конструкции и добро организиран јавен превоз. Зоран раскажува за гужвите од велосипеди, за детските градинки во секоја населба, за општествените кујни, но и за општествените перални, места за поправки на велосипеди, празните места ослободени од реклами, ослободени од многу нешта без кои што денес е тешко да ја замислиме околината.

Но, оваа навидум еколошка средина која што дозволува да се гледа јасно изгрејсонцето и да се зборува за парковите измеѓу населбите, нешто што денес ни е сосема туѓо и надворешно затоа што во Скопје веќе нема зеленило помеѓу зградите, особено нема помеѓу населбите, а да не зборуваме за зеленилото што е опишано низ неколку реплики во романот. Тоа е една од неколкуте нешта што даваат надеж дека сепак во некое такви „невозможно“ општество има одредени работи што може да се споменат како вредни.

Тоа што е исто така значајно да се спомене е летаргичноста на луѓето. Во описите за тоа како луѓето немаат многу нешта, но имаат доста слободно време Зоран сосема отворено иако архитект споменува дека скоро никој не чита книги, а ја посетува библиотеката за да пие ракија со библиотекарот. Да, тоа е слика на претходниот систем кога луѓето не сакаа да се потрудат и да најдат подобар начин на искористување на своето слободно време, па, не е чудно што доста критики и тогаш, а и денес спрема тие односи беа упатени на оваа сметка.

Веројатно луѓето треба поскоро да ја сфатат суштинскаат разлика на „слободата од“ и „слободата за“ според Фром за да можат јасно да се сконцентрираат и да почнат да се осознаваат и да знаат за што би сакале да се борат, како би сакале во иднина да живеат. Во романот јасно е прикажано дека повеќе слободно време на работникот кој не сака никако да го исполни не секогаш му претставува олеснување од напорната работа, но може да му претставува и товар. Сепак, оние што ќе успеат да најдат мир – готвачките од народната кујна во Карпош 1,2 или 3 скоро редовно со службениот превоз посетуваат опера, балет или театар – нешто што е сосема незамисливо за работничката класа денес во нашата држава.

Авторот на романот веројатно ја има во предвид и дијалектичката природа на заедничарењето. Јасно е прикажан концептот дека таму каде што нема борба помеѓу единките на целото (без разлика на тоа за каква заедница се работи – семејство, брак, држава или претпријатие) тоа нужно не може да опстане во реалноста – која што е борба со другиот. Така, Зоран е близок со својата мајка затоа што се расправаат и имаат поделени ставови за многу работи, а не успеал да ја одржи врската со својата девојка затоа што немало никаква искра помеѓу нив двајца.

Понатаму, она што повеќе го задржува вниманието иако суштински исто важно како и претходните примери на заемни односи помеѓу луѓето е државата како спротивставеност на класите. Велепатриотите како припадници на владејачката класа се тргнати на Водно и изолирани од работниците кои што живеат долу во градот. Има работници кои слугуваат горе и се враќаат назад. Во општеството опишано во романот семејството и бракот не постојат како институции и на луѓето не им е туѓо што ги немаат, односно не страдаат поради тоа, но на момент даваат судови дека велепатриотите сѐ уште практикуваат да живеат во семејства. Ова е една од поинтересните критики на семејството и бракот како институции создадени исклучиво во корист на владејачките класи. Веројатно авторот сериозно го реобмислил начинот на функционирање на различните класи во однос на ова прашање.

Во романот се споменува и за создавањето на себеси гледајќи го другиот. Многу јасна и недвосмислена дијалектика прикажана низ ликот на Дардан – Албанецот кој ќе го охрабри и ќе му помогне на Зоран да се пронајде себеси. Етничките разлики ќе останат без оглед на тоа какво општество ќе сакаме да создадеме, веројатно човековата историја се темели и на таа спротивност, а не исклучиво на класната спротивставеност. Веројатно и тоа е обидот да се каже дека не е фер едни разлики да се прикриваат на сметка на други.

За крај, романот е солидно и доста добро пишуван, но и завршен. Не само што може да се прочита можноста за тоа како нешто може(ло) да биде, но дава јасна критика за тоа како нешто не треба да биде, читајќи го секој ќе се судри со дијалектичките спротивставености и нема да може да си дозволи да биде исклучиво емотивен, ќе посака да биде рационален за да може да види како романски се испишува историјата, а овде историјата земена како приказна.

 

Никола Шиндре

 

Романот „Идол на ѕидот“ е прв роман на младата писателка Елена Филиповска. Издаден е од „Сигмапрес“ Скопје во 2020 година. Може да се најде во „Апотека – МКЦ“, „Или-или“ или „Антолог“.

|2021-02-01T09:36:51+00:001 февруари 2021|Актуелно, Култура, Став|