Потребата од втемелување на левичарско милје

За идеолошките милјеа

Јавната сцена, полето на кое се одвива јавниот дискурс и се креираат јавните политики, не е хомогено и е поделено на идеолошки милјеа. Обично тие милјеа се поистоветуваат со различните политички партии, но тие опфаќаат значително поширока јавна територија од кругот на партиски членови и симпатизери. Едноставно, единствените произведувачи и конзументи на идеи не се партиите и нивните членови и симпатизери.

Милјето, лабаво дефинирано, претставува сегмент, средина, круг на лица и организации кои споделуваат исти или слични општествени и политички вредности. Во милјето има политички партии, но и непартиски организации како граѓански организации, синдикати, медиуми, издавачки куќи, истражувачки центри, како и поединци (експерти и обични луѓе) кои ги споделуваат општествените и политички вредности на своето милје. Сите тие, свесно или не, се носители на одредена идеологија.

Особено важно да се нагласи е дека организациите и лицата кои се дел од исто милје, иако споделуваат исти или слични општествени и политички вредности, не мора секогаш и со сè меѓусебно да се согласуваат за да бидат припадници на исто милје. Тие можат, на пример, да упатуваат и критики кон партијата од сопственото милје, но и покрај тоа, кога ќе дојдат избори, тие речиси секогаш гласаат за неа.

Постоењето на повеќе различни субјекти во милјето отвора маневарски простор за остварување поголемо влијание во општеството. Особено преку креирање на слика во јавноста дека поддршката за една партија е поширока од кругот на партиски членови и симпатизери. Прво, тука се медиумите кои обезбедуваат простор за пласирање на ставовите, ги врамуваат вестите и ја утврдуваат агендата. Тие покануваат како независни експерти и граѓански активисти лица кои, иако не се членови на партии и можеби никогаш немале партиска книшка, застапуваат исти или слични политички ставови со медиумот и партијата од милјето на кое и самите им припаѓаат. На таков начин, во јавноста сопствените позиции се пласираат под плаштот на „независни“ мислења. А тој плашт на „независност“ обезбедува поголема прифатливост за ставовите. Зашто многумина имаат резерва кон ставовите пласирани од политичарите, но не и кога тие истите ставови ги кажуваат „непартиски“ експерти, граѓански активисти, универзитетски професори или новинари.

Или, да ги видиме протестите. Ако има доволно луѓе за да настане поделба на трудот во рамките на едно милје помеѓу политичарите и граѓанските активисти, тогаш „фронтмени“ на протестите можат да бидат активисти кои се на иста линија со партијата од сопственото милје, но бидејќи немаат партиска книшка, служат за создавање на впечаток кај пошироката јавност дека протестите се „независни“. Точно, ако независноста значи формално нечленување во една партија. Неточно, ако се има предвид пошироката слика на застапување исти или слични општествени и политички вредности, кои претпоставуваат преференција партијата од сопственото милје да биде таа што ќе биде на власт.

Ќе го наведеме и примерот со синдикатите. Кога партиите ќе успеат да воспостават контрола над синдикатите, како што е случајот со Македонија, тогаш нема никаква потреба на чело на синдикатите да бидат партиски членови. Дури тоа е контрапродуктивно. Кога станува збор за припадници на исто милје, било поради споделувани идеолошки позиции, било поради материјален интерес, синдикалците водат „конструктивен социјален дијалог“ со власта, кога „нивната“ партија е на власт, а изразуваат незадоволство од состојбата со работничките права кога на власт е некоја друга партија.

Кон втемелување на левичарското милје

Во Македонија либералното и националистичкото милје се доста добро вкоренети. И едното и другото имаат свои партии, граѓански организации, синдикати, медиуми, „експерти“ и обични луѓе, кои ги споделуваат општествените и политичките позиции што ги застапуваат организациите од милјето на кому му припаѓаат. Наспроти нив, левичарското милје е во фаза на зачеток. Тоа неколку години беше претставено од организации и лица кои инклинираа кон левичарските идеи, без да бидат формално членови на тие организации. Со формирањето на Левица беше направен важен исчекор, зашто милјето доби и партија која ќе ги застапува неговите позиции.

Но, наскоро се покажа што значи да се делува во услови кога партијата е речиси единствениот активен субјект во милјето. Доста левичарските активисти кои останаа надвор од Левица се пасивизираа (чест на исклучоците). Левоориентирани медиуми и претходно немаше, а Левица, како и Солидарност и Ленка претходно, мораше да се потпира врз медиумите од другите милјеа за да ги пренесе своите ставови до јавноста. Но, тие медиуми беа подготвени да ги пренесуваат ставовите на Левица само во онаа мера во која тие ставови се компатибилни со интересите на милјето од кое се тие дел. А кога таа компатибилност воопшто ја немаше, се преминуваше на бојкот на активностите на Левица, без разлика дали се работеше за прес конференција, трибина или протест. При тоа се креираше впечаток во јавноста дека Левица е неактивна, впечаток кој Левица, во отсуство на левоориентирани медиуми, не успеваше да го промени. А можеби најголемо изненадување за членовите на Левица, по формирањето на партијата, претставуваше променетиот однос на синдикалците со кои претходно се соработуваше, а кои беа оценети како автентични синдикалци. Иако Левица, за разлика од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, отворено застана на позиции на одбрана и унапредување на работничките интереси, голем дел од „автентичните синдикалци“ испадна дека се подготвени да ги бранат интересите на работниците во онаа мера во која тоа се совпаѓа со интересите на СДСМ – и со нивниот личен интерес.

Целото ова искуство покажува дека една партија, која настапува во контекст на неизградено идеолошко милје, тешко може да успее. Во таков случај, ќе нема медиум кој ќе ги пренесува нејзините ставови. Ќе нема активисти и експерти, кои не се членови на партијата, а кои во јавноста ќе ги застапуваат општествените и политичките вредности кои генерално се на иста линија со партијата од нивното милје. Ако нема доволно луѓе кои ќе се занимаваат со утврдување на теоријата, со нејзино ширење, со мобилизирање на луѓе, со организирањето настани, со административните работи, кога голем дел од тие работи ќе падне на мал број луѓе, тогаш преоптимистички е да се очекува некој поголем исчекор. А недоволното време и простор за теоретска изградба на луѓето ќе наметне потреба од потпирање и на луѓе кои се под значително влијание од другите идеолошки милјеа, што отвора простор за други проблеми понатаму.

Едно милје не може да се изгради преку ноќ. И тоа не може да биде потфат во кој ќе бидат вклучени малкумина. Но, прескокнувањето чекори знае сериозно да се одмазди. Особено без утврдување на сопствен наратив, без негово ширење во левичарски кругови и пошироката јавност, без воспоставување на хегемонија на сопствените општествени и политички вредности во општеството не се може да се изврши негова трансформација.

Левичарското милје во Македонија во моментот не е на завидно ниво. Со оглед на етаблираноста на либералното и националистичкото милје, од една страна, и ограничените финансиски и човечки капацитети на левицата од друга страна, зацврстувањето на левичарското милје нема да биде лесна работа. Но, едно е јасно. Онолку далеку ќе стигнеме колку што самите ќе се потрудиме. А ако им го препуштиме теренот на либералите и националистите, ќе бидеме осудени и ние, заедно со останатиот народ, да продолжиме да живееме во истото сивило во кое живееме веќе повеќе од четвртина век. Веројатно и полошо од тоа.

Автор на текстот: Здравко Савески

|2020-01-30T10:24:17+00:0030 јануари 2020|Актуелно, Некатегоризирано, Став|