Политичка ренесанса од рудникот: Важноста на протестите во Албанија

Во ноември 2019 година, рударите од албанската компанија „Албхром“ оформија нов синдикат преку кој би се бореја за подобри работни услови и подобра плата. Откако работниците го оформија синдикатот, администрацијата на Албхром отпушти четворица од главните организатори на синдикатот, предизвикувајќи го првиот штрајк на рударите во последните децении. Додека мејнстрим медиумите молчеа, јавноста дозна за борбата на рударите преку успешните, јавни и солидарни акции на  „Организата политике“ (Organizata politike) и нејзиното ехо на социјалните мрежи.

Меѓу сите поранешни социјалистички земји, антикомунизмот најверојатно e најзастапен во Албанија во јавната дебата и реториката на политичките елити. Иако Демократската партија во Албанија отсекогаш се претставувала како лидер на антикомунистичкото движење што го собори поранешниот режим, Социјалистичката партија во Албанија, предводена од Еди Рама, последните два мандати ги помина работејќи на разоткривање на криминалот за време на диктатурата на Енвер Хоџа.

Со оглед на тешката политичка репресија на голем дел од албанското население во четирите децении за време на владеењето на Хоџа, ова е разбирливо, но неодамнешната мобилизација на студентите и рударите отвори нов наратив во земјата. Во текот на последните четири децении, прашањата за јавните услуги и работничките права се наметнуваат под централниот концепт на политичкиот живот во земјата – слободата. Сè што потсетуваше на социјалистичкиот систем, преќу ноќ беше отфрлено од голем дел од јавноста и од политичките елити како опасност за повторно загрозување на нивните слободи. Кога студентите излегоа на улиците во Албанија во декември 2018 година во знак на протест поради високите школарини во високото образование, со барање за бесплатно образование, тие беа поддржани од други општествени субјекти. Со ова се докажа дека „комунизмот ечеше гласно“ и дека повеќе не беше возможно да се замолчат прогресивните социјални потреби.  Студентите успеаја да добијат некои отстапки од владата, со  што беше разрешен министерот за образование. Исто така, владата вети дека ќе работи на подобрување на животниот стандард на студентите.

Штрајк на солидарноста

Во ноември 2019 година, рударите во Албхром се организираа и формираа независен синдикат – Синдикат на обединети рудари „Булќиз“ – како би се бореле за подобрување на работните услови и повисока плата. Албхром е една од најголемите компании за екстракција и преработка на хром во Европа, која во 2013 година беше купена од групацијата Балфин, која е во сопственост на најбогатиот албански олигарх, Самир Мане, кој исто така е вклучен во недвижнини, трговија, телекомуникации и финансии. Иако Албхром е позната како една од најпрофитабилните компании во Албанија, малку е познато во јавноста за условите за работа и платите на работниците во еден од најсиромашните региони во земјата. Извештајот на БИРН покажа дека триста рудари загинале на работното место во последните десет години, а ниту една постапка против сопственикот на рудникот не била успешна.

Откако работниците го оформија синдикатот, администрацијата на Албхром отпушти четворица од главните организатори на синдикатот, предизвикувајќи го првиот штрајк на рударите во последните децении. Соочени со можноста да се открие големата трагедија, Балфин Груп се потруди штрајкот на рударите, нивните барања и сведочењата за работните услови да не се претставени во мејнстрим медиумите, што не беше тешко со оглед на големиот број компании што групата ги поседува и рекламира на албанските медиуми. За борбата на рударскиот синдикат против еден од најмоќните луѓе во Албанија, јавноста дозна преку јавните акции на радикално-левата „Организата политике“ и нејзиното ехо на социјалните мрежи. Штрајкот на рударите уште еднаш ја откри проблематичната функција на приватните медиуми, кои делуваа како придонесувачи во криењето на социјалната трагедија од јавноста, за да не се изгубат приходите од рекламирањето, од еден од најголемите рекламери во земјата.

Активистите со рударите

Во јануари, по двомесечен штрајк, рударите го пренесоа својот протест во Тирана. Тие побараа нивните отпуштени колеги веднаш да бидат вратени на работа и да дозволат синдикатот да работи непречено. Со оглед на нивниот социјален и економски статус, нивното одење во Тирана беше храбар чин на солидарност со нивните колеги од синдикатот, нешто што ретко се гледа во Албанија. Преку мали акции, „Организирата политике“ и други активистички групи закачуваа транспаренти по трговските центри во сопственост на групацијата „Балфин“ во Албанија и во Косово, ширејќи ја пораката „Самир Мане ги угнетува рударите и работниците“.

За прв пат во јавниот простор се случи да биде осудена една личност која од страна на мејнстрим медиумите е претставена како ангел на филантропија и единствен пример за успех на слободниот пазар. Уништувањето на таа слика ја зафати неговата компанија, како и албанските медиуми и политичкиот естаблишмент. Додека рударите и активистите работеа на зголемување на видливоста на нивната борба, медиумите и политичките претставници молчеа. Тие немаа идеја или стратегија како да се борат против нешто за коешто веруваа дека нема да добие видливост во јавноста или па поддршка од општеството. Единствената акција што ја презеде компанијата беше да испрати работници со цел да ги избришат графитите кои секојдневно се појавуваа на најпрометните улици во Тирана.

Заедничката акција на рударите кои покажаа солидарност со нивните другари и активистите кои се вешти во користењето на онлајн платформите, покажа како може да се водат успешни борби за правата на работниците. Во последниве години се појавија многу студии на Балканот кои придонесоа за разбирање на правата на работниците, но само специфичните активности на организираните работници се оние кои ќе им дадат на идните организации и синдикати храброст да се борат за своите интереси, против оние кои изгледаат премногу моќни, за воопшто да можете да им се спротивставите.

Автор на текстот: Артан Садику

Превод од хрватски: Џејлан Велиу

Изворниот текст можете да го најдете тука.

Акција на солидарност во Скопје.

Фотографија од акцијата за солидарност во Скопје

|2020-02-08T09:06:26+00:008 февруари 2020|Актуелно, Некатегоризирано, Свет, Став|